• понеделник, 16 декември 2024
МИА Радио флеш

  28 ноември 2024

 

Подгорица - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора.

Сиљановска Давкова, денеска во Цетиње, со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекана од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, по што ќе следи тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, како и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

Сиљановска Давкова и Милатовиќ ќе засадат дрво на пријателство во дворот на резиденцијата на претседателот на Црна Гора.

Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 21. седница, на чиј дневен ред се пратенички прашања.

Ваква пленарна седница вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот. 

Според новиот Деловник, седница за пратенички прашања месецов имаше и на 21 ноември и траеше два часа. 

Од Собранието тогаш информираа дека одржувањето на оваа седница со пратенички прашања е согласно член 42 од Деловникот усвоен во 2023 година, што почнува да се применува од овој мандат.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија.

Членовите на Комисијата ќе дискутираат по Предлог на законот за ратификација на Протоколот за изменување на Спогодбата од Маракеш за основање на Светската трговска организација, за прифаќање на Спогодбата за субвенции во рибарството, Предлог на законот за ратификација на Деветтиот дополнителен протокол на Уставот на Светскиот поштенски сојуз, Десеттиот дополнителен протокол на Уставот на Светскиот поштенски сојуз и Единаесеттиот дополнителен протокол на Уставот на Светскиот поштенски сојуз, Предлог на законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за статусот на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и Безбедносните сили на Република Косово за време на нивното привремено стационирање на териториите на горенаведените држави, Предлог на законот за ратификација на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи.

Скопје - Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска ќе ја посети општина Битола. Посетата ќе почне со поединечни средби со битолскиот градоначалник Тони Коњановски и со Советот на општината, информираат од Делегацијата на ЕУ.

Подоцна, амбасадорот Рокас ќе се сретне со претставници на граѓанското општество кои се активни во областите на одржливиот развој, активизмот кај Ромите, женските права и социјалното претприемништво.

Скопје - Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска преку соопштение му одговори на претседавачот на Советот Трајко Славески и даде поддршка да ја стави точката за приватните превозници на дневен ред на седница.

Како што стои во соопштението од Арсовска, бидејќи Трајко Славески никогаш не успеал да собере храброст самиот да донесе одлука, се вели, а овој пат бара поддршка од мене - ја има.  

Битола - Министерството за правда, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, организира тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија. Настанот ќе се одржи од 10:30 до 14:30 часот, во салата на Апелационен суд Битола.

Воведно обраќање на настанот ќе има Ален Деребан, заменик министер за правда, по што ќе следува презентација на процесот на изработка на нацрт измените и дополнувањата на Законот за судски совет.

Скопје – АД ЕСМ денеска треба да достави понуда на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за количините и цената по која ќе му ја продава електричната енергија по 1 јануари 2025 година.

Токму од оваа цена најмногу зависи и крајната цена во сметките што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар на електрична енергија од 1 јануари идната година.

Скопје - Обука за компании од Битола на тема „Бизнис интегритет“ денеска ќе се одржи во Битола во организација на Стопанската комора.

Обуката има за цел да ги зајакне капацитетите на компаниите во областа на деловниот интегритет, транспарентноста и етичкото работење.

Ќе бидат опфатени теми кои вклучуваат: поставување на систем за интегритет, запознавање со релевантни меѓународни и европски регулативи, како и спроведување мерки за антикорупција.

Скопје - За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почна шестнеделниот божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Скопје - Со концертот насловен „80 години – Љубов“, денеска, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр. 1 – „Титан“ од Густав Малер.

- Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија - маестро Јерухам Шаровски од Израел, информираат од Македонска филхармонија.

Скопје - Во галеријата на Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија, вечер, во 18:30 часот ќе се одржи мултимедијалниот проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ – солистички концерт на авторска музика на Билјана Петровска (соло пијано) и сценска визуелна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска.

Скопје - Во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) вечер ќе биде отворена изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ составена од ретко изложувани дела од колекцијата ставени во релација со дела од современи уметници. Куратори на поставката се: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља.

Скопје - Во Галеријата - ФЛУ на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје - објект Педагошка вечер ќе биде отворена студентска изложба со наслов „Збирка“.

На изложбата ќе бидат презентирани 24 дела од студенти на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) од катедрите за сликарство и трансмедиумски практики, скулптура и трансмедиумски практики, графика и трансмедиумски практики и ликовна педагогија. Делата што ќе бидат изложени се изработени во различни техники, од молив на хартија, акрил на платно, масло на платно, акварел, комбинирани техники на платно, хартија, панел, картон, лесонит, графики изработени во техниките линорез и сува игла.

Скопје - Во Музеј на град Скопје вечер ќе биде отворена изложба на музички плакати, своевидна ретроспектива на музичкиот живот на главниот град. На изложбата во организација на Баги Комуникации ќе бидат прикажани повеќе од 80 плакати, кои сведочат за најзначајните концерти, фестивали, музички групи и артисти што ја креирале урбаната музичка сцена на Скопје во последните четириесет години.

Скопје - Во Културно-информативниот центар – Скопје вечер од 19:19 часот ќе се одржи промоција на последниот објавен книжевен препев на Драги Михајловски – најновото еднотомно издание на книжарница „ТРИ“ од поезијата на Руми, „Големата црвена книга“. 

Џелаледин Мевљана Руми е еден од најголемите, најчитаните и најтолкуваните поети во светот. Неговите стихови претставуваат непроценливо светско наследство и досега се препеани од повеќе македонски преведувачи и поети. 

Скопје – Во рамките на Денот на Медитеранот, во Младинскиот центар „Матично“ во Скопје, вечер од 18 часот „Гоу Грин“ организира свирка на реге составот „Conquering Lion“.

Овој настан е дел од меѓународна прослава во која учествуваат повеќе земји, а „Conquering Lion“ ќе биде еден од 24-те музички состави што истовремено ќе настапуваат во различни земји.

Охрид – Посмртните останки на упокоениот Митрополит Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, ќе бидат погребани денеска на пладне, во јужната апсида на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.

Според одлуката на Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, церемонијата на погребението ќе започне во 9 часот во црквата „Света Софија“, со Света литургија со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни православни цркви.

Дебрецин – Македонската женска ракометна репрезентација вечер во 1. коло на Европското првенство 2024 ќе се соочи со Шведска. Натпреварот се игра во „Феникс Арена“ во Дебрецин.

Во А-групата ќе играат и селекциите на Турција и домаќинот Унгарија.

Нови Сад - Новосадската опозиција најави нова блокада на зградата на судот во градот и на Обвинителството, како што нагласија - затоа што истрага за злоставувањето на Илија Костиќ се уште не е покрената, но и поради тоа што активисти се уште се во притвор, јавија локалните медиуми.
Пред зградата на Вишиот суд во Нови Сад жандармеријата постави метална ограда јави Н1.

Сараево - Советот на министри го откажа Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум, бидејќи пропадна тендерот за организација на тој настан, јавија сараевските медиуми.

За организатор беше избрана фирмата „Мајндсет“, но по поднесена жалба тендерот е поништен.

Босна и Херцеговина требаше да биде домаќин на тој настан под покровителство на бројни меѓународни асоцијации и организации, а Неум беше избран за повеќегодишна дестинација.

Атина – Безживотните тела на четири лица биле извлечени од морскиот дел североисточно од грчкиот остров Самос, по новата несреќа со мигранти, додека пак спасени биле 16 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција информираа дека во тек е акција за спасување и пронаоѓање на евентуално исчезнати лица, а вклучени се патролни бродови и копнени сили.

Париз - Според најновата анкета на јавното мислење, 53 отсто од Французите сметаат дека владата на премиерот Мишел Барние треба да падне поради незадоволството од неговиот предложен буџет.

Истражувањето на „Ifop-Fiducial“ покажа дека 67 отсто од испитаниците се против буџетскиот план, што вклучува зголемување на даноците и намалување на јавната потрошувачка со цел да се намали спиралата на државниот дефицит.

Лондон - Британската полиција соопшти дека започнала истрага за тоа дали луѓе поврзани со починатиот египетски милијардер Мохамед Ал-Фаед помагале во наводното силување и сексуална злоупотреба на женски персонал во неговата стоковна куќа „Хародс“ во Лондон.
Документарен филм на Би-Би-Си во септември објави дека Ал-Фајед, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, сексуално напаѓал жени вработени, ги принудувал на лекарски прегледи и им се заканувал со последици доколку се обидат да се спротивстават.

Ал-Фајед секогаш ги негираше сличните обвинувања.

Берлин - Руската саботажа на западни цели на крајот може да го поттикне НАТО да размисли за повикување на клаузулата за заемна одбрана од членот 5 на Алијансата, изјави синоќа шефот на германската служба за надворешно разузнавање (БНД).

Говорејќи на настанот на тинк-тенк DGAP во Берлин, директорот на БНД, Бруно Кал, рече дека очекува Москва дополнително да ја засили својата хибридна војна.

„Широката употреба на хибридни мерки кон кои прибегнува Русија го зголемува ризикот НАТО на крајот да размисли за повикување на клаузулата за заемна одбрана од член 5“, посочи тој.

Брисел - За нов пакет санкции на ЕУ против Русија, вклучително и мерки за таргетирање на кинеските компании што произведуваат беспилотни летала за руската војна против Украина, за првпат се разговараше вчера, јави ДПА.
Претставниците на 27-те земји-членки разговараа за новите предлози на Европската комисија во рамки на 15-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија по руската инвазија врз Украина.

Букурешт - Заменик-шефот на романската агенција за телекомуникации, Павел Попеску, рече дека официјалниот процес за суспендирање на платформата ТикТок низ цела Романија ќе започне денеска, во очекување на истрага за улогата што таа мрежа ја одигра во првиот круг од претседателските избори одржани во неделата.

„Повикувам платформата ТикТок да биде суспендирана во Романија од 28 ноември додека државните институции не ја завршат истрагата поврзана со манипулацијата со изборниот процес“, изјави Попеску.

Њујорк - Мајкрософт е под лупа на највисокото американско национално антимонополско набљудување, Федералната трговска комисија (ФТЦ), која започнува сеопфатна истрага за практиките на технолошкиот гигант.

ФТЦ, во писмо испратено до Мајкрософт, бараше да ги предаде информациите за да помогне во истрагата на агенцијата, изјави за Си-Ен-Ен извор запознаен со тоа прашање.

ФТЦ и Microsoft одбија да коментираат.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја повика Украина да ја намали минималната возраст за воена мобилизација од сегашните 25 години на 18 години за да се компензира недостигот од војници. Повикот е упатен неколку недели пред инаугурацијата на републиканецот Доналд Трамп, кој би можел да преземе нов пристап кон Украина.

Висок претставник на администрацијата на Бајден рече дека Украина се соочува со криза во регрутирањето на војската. 

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден подготвува нова вооружена помош за Украина во вредност од 725 милиони долари, јавија американски медиуми повикувајќи се на извори во администрацијата.

Администрацијата на Бајден планира да обезбеди противтенковско оружје, според официјален претставник запознат со планот.

Вашингтон - Два дена откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови високи царини за Канада и Мексико како дел од напорите за сузбивање на илегалната миграција и на дрога, објави дека разговарал со мексиканската претседателка Класија Шејнбаум и дека „таа се согласила да престане миграција низ Мексико“.

Во синоќешната објава на својата социјална мрежа True Social, Трамп рече дека всушност „ќе биде затворена јужната граница на САД“, и дека имал многу продуктивен разговор со претседателката на Мексико.

Мексико Сити - Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум одговори на тврдењето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе ја „запре“ миграцијата во САД нагласувајќи дека државата не планира да ја затвори границата.

„Позицијата на Мексико не е да ги затвора границите, туку да гради мостови меѓу владите и заедниците“, напиша Шејнбаум на X.

Тoронто - Канада веќе разгледува опции за да возврати со царини за одредени американски производи доколку новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ја исполни својата закана дека ќе воведе царини за бројни производи од Канада, изјави висок функционер на таа држава.

Трамп се заканува дека ќе воведе царини за стоки од Канада и Мексико по преземањето на функцијата на 20 јануари, доколку тие земји не го запрат, како што смета тој, протокот на дрога и мигранти преку северната и јужната граница на САД.

Пекинг - Кинеските власти соопштија денеска дека е разрешпен од функција високиот воен функционер Миао Хуа поради тоа што е осомничен за „сериозно кршење на дисциплината“.

Владејачката кинеска Комунистичка партија „одлучи да го разреши Миао Хуа од должност во очекување на истрага“, изјави на брифингот со новинарите Ву Чиан, портпарол на кинеското Министерство за одбрана. 

Киев - Украинските власти рано утринава објавија за масовен напад на руските сили врз енергетската инфраструктура на земјата, поради што има прекин на електричната енергија во голем дел од државата.

Со температури околу нулата, „уште еднаш, енергетскиот сектор беше подложен на масовен напад од непријателот“, соопшти украинското Министерство за енергетика на Фејсбук.

Лондон - Загадувањето на воздухот предизвикано од пожари е поврзано со повеќе од 1,5 милиони смртни случаи годишно во светот, огромно мнозинство се случуваат во земјите во развој, се нагласува во ново истражување.

Тој број на жртви се очекува да се зголеми во наредните години бидејќи климатските промени ги прават шумските пожари почести и поинтензивни, се вели во студијата објавена во списанието „Лансет“.

Остани поврзан