• среда, 12 март 2025
МИА Радио флеш

5 март 2025

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска смета дека растот на БДП од 3,2% проценти во четвртиот квартал од годината е сигнал дека економијата почнува да се опоравува и постепено да се стабилизира.

-Економијата покажува значителни знаци на опоравување и стабилизирање - резултат на политиките што ги спроведува Владата. Потврда за истото стигнува од објавените податоци на Државниот завод за статистика за раст на БДП во последниот квартал од 2024 година од 3,2%. Затекнавме економија која беше во стагнација со раст на БДП од 1,2% во првиот квартал, 2,3% во вториот квартал. Тоа бараше итни и неодложни мерки на краток рок за да овозможиме економијата да почне да се опоравува  и да се фокусираме на политики коишто ќе овозможат засилена економска активност со просечни стапки од 5 проценти, напиша министерката за финансии на својот ФБ профил.

Скопје - Објавен е Јавен повик за доставување на барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој за 2025 година. Ќе се доделува финансиска поддршка за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики, односно надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка за тaрдиционалното сточарство. Повикот е објавен денеска и ќе биде отворен до 31-ви овој месец.

-Објавен е Јавен повик бр. 01/2025 за доставување на барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој за 2025 година. Предмет на овој оглас е доделување на финансиска поддршка од мерката 213 – помош за зачувување на руралните предели и нивните традиционални карактеристики, односно надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка за тaрдиционалното сточарство (плати за овчари, козари и говедари), информираат денеска од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.  

Скопје - Царинските службеници на влез во државата на граничен премин Богородица спречија обид за криумчарење на околу 18 килограми сребрен накит и 180 парфеми од 100 мл. со вкупна вредност од 1,18 милиони денари.

-Против едно лице, косовски државјанин е поднесена и изречена пресуда од надлежен суд. Сребрениот накит и парфемите се откриени при контрола на автомобилот со кој сторителот патувал со својот брачен другар. При извршената контрола, во просторот за резервна гума биле пронајдени 180 машки и женски парфеми, додека во фабричка празнина позади задното седиште и просторот за резервна гума, како и во десната странична фабричка празнина на багажникот биле пронајдени вкупно 26 пакетчиња со вкупно близу 18 килограми сребрен накит (нараквици, обетки, синџирчиња, приврзоци и прстени),  соопштија утрово од Царинската управа.

Скопје- Екипи на Министерството за внатрешни работи во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршиле увид во Општина Карпош, каде при пад на гранка од дрво вчера 10-годишно дете се здоби со тешки телесни повреди, соопшти утрово Јавното обвинителство.

- Детето е хоспитализирано и се уште е под опсервација. Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на целокупната документација за утврдување на староста и евентуалните барања за сечење и отстранување на дрвото. Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија во насока на утврдување на евентуална кривична одговорност за настанот, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Скопје - Дваесет и шестгодишен скопјанец е приваден откако ноќеска во Скопје управувајќи патничко возило „мицубиши аутлендер“ удрил во 78-годишен велосипедист, по што тој починал на местото на несреќата. 

-Ноќеска 10 минути по полноќ во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Киро Глигоров“ во Скопје, патничко возило „мицубиши аутлендер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.В.(26) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.К.(78) од Скопје. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал велосипедистот Б.К., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, информираат од МВР.

Скопје- Со изведување на докази од страна на одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски за кои покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

На изминатото рочиште беа изведени материјални докази од одбраната на Ѓорчевски, а беше сослушан и сведок на предлог на одбраната на Палевски.

Скопје – Сашо Дранго е разрешен од функцијата заменик-директор на ЈП „Македонија пат“, а на негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.

За назначувањето на функцијата заменик-директор информираше самиот Шуковски на неговиот фејсбук профил. - Дадената доверба е голема обврска, но и одговорност, затоа можам да ветам, дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена, напиша Шуковски.

Белград - Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска изрази загриженост за нарушувањето на работата и насилството во српскиот парламент вчера и повторно повика на деескалација на тензиите преку создавање услови за инклузивен дијалог со учество на сите засегнати страни.

-Многу сме загрижени поради нарушувањето на работата и насилството во српскиот парламент. Парламентот треба да биде место за демократска дебата во интерес на сите граѓани и треба да ја исполни својата улога, рече Кос.

Сараево – Советот на министри на Босна и Херцеговина ја усвои Реформската програма на БиХ за 2025 година, предложена од Комисијата за соработка со НАТО, која ќе биде доставена до седиштето на Алијансата во Брисел.

Тоа овозможува континуирана работа на институциите на БиХ на поставување на приоритети и спроведување на обврските кои произлегуваат од учеството на БиХ во програмата на НАТО – Партнерство за мир. Програмата за реформи содржи пет поглавја и опфаќа политички и економски, одбранбени и воени прашања, прашања за ресурсите и безбедносните и правните прашања.

Атина – Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш преку писмо го поканил претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис да учествува на проширената средба за кипарското прашање што ќе се одржи во Женева на 17 и 18 март, информираше портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во писмена изјава, владиниот портпарол соопшти дека Гутереш во писмото посочува дека целта на средбата е да има суштинска размена на мислења за постигнување напредок за кипарското прашање.

Објасни дека средбата ќе започне со вечера на 17 март, ќе продолжи на 18 март со билатерални контакти, по што ќе се одржи останок на учесниците во зградата на Обединетите нации, додека деталната агенда ќе биде дополнително објавена.

Минск - Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, предложи мировните преговори за Украина да се одржат во Минск, со учество на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Предлогот беше изнесен во интервју со инфлуенсерот Марио Науфал, објавено денеска, а снимено на 27 февруари од белоруската новинска агенција „БелТА“.- Кажете му на Трамп дека го чекам овде, заедно со Путин и Зеленски, изјави Лукашенко, додавајќи дека „ќе седнат и мирно ќе се договорат“. Според него, потребен е договор со Зеленски, бидејќи „голем дел од украинското општество стои зад него“.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација работи на „гигантски гасовод“ во Алјаска, што ќе биде еден од најголемите во светот.

Во првото обраќање пред двата дома на американскиот Конгрес по неговото враќање на функцијата во јануари, Трамп изјави дека Јапонија, Јужна Кореја и други земји се подготвени да инвестираат „трилиони долари“ во проектот.

Американскиот претседател, исто така, најави дека до крајот на неделата ќе преземе „историски чекори“ за значително зголемување на производството на критични минерали и ретки елементи во САД.

Дамаск - Сирискиот претседател Ахмад ал Шара денеска ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел „веднаш“ да ги повлече своите сили од јужна Сирија, осудувајќи ја „директната закана“ за регионот.

По соборувањето на претседателот Башар ал Асад во декември, Израел испрати сили во демилитаризираната тампон зона на Голанската висорамнина во југозападна Сирија, дел од висорамнината што Израел ја окупираше од војната во 1967 година и ја анектираше во 1981 година. Анексијата не е призната од ОН.

Манила - Телата на двајца пилоти и остатоци од филипински борбен авион се пронајдени денеска во планински регион на југот на земјата, каде што авионот бил распореден во ноќна мисија за борба против комунистичките герилци, соопшти филипинската војска.

Вооружените сили на Филипинската команда источен Минданао соопштија дека телата се пронајдени околу 11 часот по локално време денеска, во близина на местото на урнатиот авион на планината Калатунган во провинцијата Букиднон.

Авионот ФА-50 ја изгубил комуникацијата за време на борбена мисија со други авиони кратко по полноќ, пред да стигне до целната област во јужната провинција Букиднон.

Сеул - Јужна Кореја ќе се вклучи активно во разговорите со САД за изградба на гасовод во Алјаска, соопшти денеска Министерството за трговија, индустрија и енергетика во Сеул.

Министерството истакна дека овој проект претставува заеднички интерес за двете земји. Во својот говор пред Конгресот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Јужна Кореја, Јапонија и други земји се подготвени да соработуваат со САД на изградбата на „гигантски“ гасовод во Алјаска. 

 

Остани поврзан