• понеделник, 16 декември 2024
МИА Радио флеш

   29 ноември 2024

 

Подгорица - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, на вториот ден од официјална посета на Црна Гора, ќе има средба со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ.

Во рамки на официјалната посета, Сиљановска Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на почеток на реконструкција на Спортската сала „Расадник” во Општина Кисела Вода.

Како што информираат од Владата, реконструкцијата чини околу 90.000.000 денари и е финансирана преку Министерството за спорт.

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе ги посети канцелариите за контакти на пратениците со граѓаните во Гостивар. 

Како што е најавено на собраниската веб - страна, Гаши ќе оствари средба и со градонаќалникот на Општина Гостивар Валбон Лимани и ќе го посети основното училиште „Исмаил Ќемали“. 

Скопје - Во Собранието денеска ќе продолжи амандманската расправа за Буџетот за 2025 година. Последен ден за амандманите за државната каса е утре. Останати за разгледување, според информациите од Собранието, се околу 150 амандмани. 

Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени беа вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозициската СДСМ.  

Скопје - Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски го осуди, како што посочува непочитувањето на Законот за употреба на знамињата од страна на институции и органи и синоќешното уништување и сквернавење на државното и македонско знаме додека се славеше Денот на албанското знаме. 

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало 1697 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.

Од нив „реални“ повици биле 63,46 проценти, а 36,54 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Од реалните повици, кон полиција биле упатени 75,15 отсто од повиците, кон Итната медицинска помош 21,78 отсто, а кон пожарникарите 0,61 отсто.

Атина – Меморандум за соработка за Преспанскиот басен, но и за формирање Европска групација за територијална соработка во прекуграничниот регион на Преспа меѓу општините Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат во Лемос, Грција четворицата градоначалници, а целта е општините од трите земји да се заложат за заедничката визија за одржлив развој, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство во конкретниот регион, јави дописничката на МИА од Атина.

Скопје - Приватните превозници денеска нема да возат низ скопските улици, но се надеваат дека од понеделник ќе се вклучат во сообраќај. По вчерашната средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.  

Скопје - Во Клубот на новинари во Скопје денеска ќе биде отворена изложбата „Заедно кон безбедни и сигурни чекори за исправени потпетици“, организирана од Иницијативата за права на жени од Шуто Оризари, по повод 16 дена активизам против родово базирано и семејно насилство.

Скопје - Во Скопје денеска ќе биде отворен вториот симпозиум на Друштвото на медицински сестри-инструментарки при ЗМСТАС „ЗА НАС“ на тема „Тимската работа на инструментарките во кадаверичната трансплатација“.

Скопје - Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска со почеток од 13 часот во Јавна Соба во Скопје организира панел-дискусија на тема „Важноста од родовата еднаквост за спречување на насилството врз жени и девојчиња“.

Како што информираат од мрежата, на настанот ќе се зборува за родовата еднаквост како основен предуслов за искоренување на насилството врз жените и девојчињата.

Скопје - Првата прес-конференција по повод лансирање на регионалната дигитална платформа „Creative Gate“ ќе се одржи денеска со почеток во 11 часот во МКЦ (Галерија) како дел од овогодинешната ПИН Музика Конференција.

За време на прес-конференцијата ќе биде претставен развојот и позционирањето на Балканот како еден од главните глобални центри за креативната индустрија.

Струмица - Со улогата на Марина во претставата „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Дејан Ангелов, која ќе се одигра вечер на сцената на НТ „Антон Панов“-Струмица, актерката Тинка Ристеска ќе одбележи 55 години театарска и актерска дејност.

Како што соопштија од струмичкиот театар, токму претставата „Вујко Вања“ и е посветена на долгогодишната актерка Тинка Ристеска, која своето театарско патешествие како уметник го започнала уште во далечната 1969 година.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по наместа влажни коловози, информира Автомотосојузот на Македонија. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ известува дека сообраќајот кон Пониква и кон село Бели се одвива непречено, по една коловозна лента.

Скопје - „Мит и драма: современи интерпретации“ е меѓународна научна конференција која денеска и утре ќе се одржува во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Настанот е организиран под покровителство на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, а во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонска литература и Факултетот за драмски уметности.

Скопје - Во Културно-информативниот центар во Скопје вечер ќе биде отворена изложба на слики „Симбиоза“ од ументикот Роберт Цветковски.

Цветковски е роден во Куманово во 1965 година, а дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката ликовна уметност.

Скопје - „Месецот на Пучини“ во Националната опера и балет ќе се затвори вечер со операта „Турандот“ од Џакомо Пучини, под диригентската палка на Роберто Џанола од Италија.

Загреб - Пад на веб-страниците на владата, министерствата, полицијата и други органи на државната управа во Хрватска не е последица на хакерски напад, туку, како што се дознава, надградба на системот, јави Хина. 

Нефункционирањето на страниците е предизвикано од ноќна надградба на системот на државната компанија за информатичка инфраструктура Apis (Агенција за поддршка на информациски системи и информациски технологии).

Загреб - Кандидатите за претседател на Хрватска денеска почнаа да собираат потписи за учество во изборната трка на 29 декември. Во следните 12 дена мора да соберат 10.000 избирачки потписи, а секој избирач со својот потпис може да поддржи само еден кандидат.

Актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кој се кандидира за уште еден претседателски мандат, денеска во Чаковец ќе почне да собира потписи.

Кандидатот на ХДЗ Драган Приморац ќе биде во Загреб како и кандидатката на партијата „Можемо“ Ивана Кекин.

Нови Сад - Неформална група студенти на Академијата за уметности во Нови Сад најави блокада на сите три згради на академијата во тој град, за да се солидаризираат со колегите од Факултетот за драмски уметности во Белград.
Блокадата ќе трае 12 часа, од 9 до 21 часот, јавија локалните медиуми.

Студентите на Факултетот за драмски уметности побараа МВР на Србија да поднесе кривична пријава против лица познати во јавноста и да ги идентификува другите членови на организираната група која физички нападна студенти и професори за време на петнаесетминутната почит кон оние кои загинаа во Нови Сад.

Приштина – Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер, Рамуш Харадинај вели дека актуелниот претседател на косовската Влада, Албин Курти е „шеф на корупцијата и грабежот“ во државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Харадинај рече дека министрите на Курти, под негова заштита, се осмелиле да доделат толку многу тендери од еден извор, односно со директни преговори со една странка.

Братислава - Словачките власти приведоа две лица во врска со истрагата за наводна меѓународна група која планирала напади врз критична инфраструктура, објавија министерот за внатрешни работи Матуш Сутај Ешток и шефот на домашното разузнавање Павол Гашпар по состанокот на Советот за национална безбедност, јави ДПА.

Ешток и Гашпар одбија да го откријат идентитетот на двајцата уапсени бидејќи во моментов се водат дополнителни истражни дејствија во координација со партнерските разузнавачки служби.

Мадрид - Левичарската влада на Шпанија одобри „платено климатско отсуство“ до четири дена за да им овозможи на работниците да избегнуваат патување за време на вонредна состојба поради тешките временски услови, еден месец по поплавите кои загинаа најмалку 224 луѓе.

Брисел – Во седиштето на Европскиот совет во Брисел денеска ќе се одржи церемонија на примопредавање на должноста меѓу досегашниот претседател на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и неговиот наследник на оваа функција Антонио Кошта. 

Мишел, кој е поранешен белгиски премиер, ја извршуваше должноста претседател на Советот на ЕУ од 1 декември 2019 година. 

Вашингтон - Русија изврши ужасен воздушен напад врз Украина со речиси 200 ракети и дронови а против украинските градови и енергетската инфраструктура, лишувајќи ги украинските граѓани од пристап до електрична енергија, соопштија синоќа од Белата куќа.
 
Во соопштението, потпишано од претседателот Џо Бајден, се вели дека „овој жесток“ напад е  уште еден потсетник за итноста и важноста на поддршката за украинскиот народ во нивната одбрана од руската агресија.

Вашингтон - Тројца американски државјани кои со години беа затворени во Кина, пристигнаа во САД како дел од размена на затвореници меѓу Вашингтон и Пекинг, јавија синоќа дел од американските медиуми.
 
Размената следеше по дипломатски договор меѓу САД и Кина.

Вашингтон - Тројца членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес од редовите на демократите добиле заканувачки пораки за подметнати бомби во нивните куќи синоќа на Денот на благодарноста, што се слави секој последен четврток во ноември, објавија американските медиуми.

Заканите ги примиле демократите Џо Кортни, Џахана Хејс и Џим Хајмс, сите тројца од Конектикат, објави Њузвик.

Mосква - Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов денеска пристигна во официјална посета на Северна Кореја.

Посетата се одвива на позадината на неодамнешното зближување меѓу двете земји.  

Киев - Три оперативни нуклеарни централи во Украина го намалија производството на електрична енергија по најновите напади врз енергетската инфраструктура, што дополнително ја зголеми заканата за нуклеарната безбедност на земјата, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Мариано Гроси.

„По вторпат за помалку од две недели, електраните „Хмелницки“, „Ривне“ и во Јужноукраинската централа ја намалија моќноста како мерка на претпазливост за време на обемните воени операции во земјата“, изјави синоќа Гроси.

Киев - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа изјави дека на рускиот претседател Владимир Путин не му е потребен крај на војната бидејќи „сака да ја ескалира ситуацијата за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да не може да стави крај на руската војна против Украина“.

Тој потсети дека Путин вчера во Казахстан повторно рекламирал руски ракети и „подготвеност за убивање и уништување“.

Даблин - Гласањето за општите избори во Ирска започнува денеска во 7 часот по локално време, а гласачките места ќе бидат отворени до 22 часот, јави ирската национална телевизија РТЕ.

Повеќе од 3,6 милиони луѓе имаат право да гласаат во 43 изборни единици за Долниот дом на ирскиот Парламент, што има 174 места.

Тбилиси - Грузиската полиција синоќа употреби водени топови против демонстрантите кои протестираат против владината одлука да го одложи барањето за пристапување во Европската унија.

Илјадници луѓе се собраа во главниот град Тбилиси, откако премиерот Иракли Кобахидзе ја објави одлуката во време на постизборна криза поради која претседателката на земјата го оспори легитимитетот на новоизбраниот парламент и влада.

Тајпеј - Тајванските власти денеска објавија дека 41 кинески воен авион и брод биле забележани недалеку од островот.
Во текот на 24 часа во воздушниот простор на Тајван биле забележани 33 кинески авиони, а во територијалните води биле осум воени бродови, соопшти Министерството за одбрана.

Остани поврзан