МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
12 декември 2024
Скопје - Во Министерството за надворешни работи денеска ќе се одржи настан по повод одбележување на 30-годишнината од воспоставување дипломатски односи со Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации и отворањето на Канцеларија на УНХЦР во Скопје во 1994 година.
Најавени се обраќања на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и регионалниот директор за Европа- УНХЦР, Филип Леклер.
Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска во Виена ќе има обраќање на 22. Министерски совет на Енергетската заедница.
- На овој годишен состанок, каде Меџити присуствува заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ќе се дебатира околу теми поврзани со идното воведување на дополнителни законодавни обврски од областите нa управувањето со водите, живеалишта и дивите птици (измените од 2009 на ЕУ директивата), како и околу надградбата на Патоказот за декарбонизацијата, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Енергетската заедница е меѓународна организација која ја олеснува енергетската соработка на ЕУ и деветте договорни страни: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина, а има и три постојани набљудувачи: Ерменија, Норвешка и Турција.
Скопје - Земјоделскиот институт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје вечер во Музејот на македонската борба за самостојност свечено ќе одбележи 80 години од основањето.
Настанот ќе го отвори директорот на Институтот, проф. д-р Виктор Ѓамовски, а најавени се обраќања на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова.
На настанот ќе има видеопрезентација за Земјоделскиот институт, ќе бидат доделени плакети и благодарници и музичка програма со настап на Камерен оркестар и солисти на Факултетот за музичка уметност - Скопје.
Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи четвртиот експертски состанок во рамки на проектот „Нека правдата владее со регионот", поддржан од Кралството Холандија (MATRA). Настанот претставува платформа за обединување на регионалните граѓански иницијативи кои се фокусирани на владеењето на правото и други клучни прашања од Кластер 1 – Фундаментални вредности.
Целта е да се поттикне структуриран експертски дијалог меѓу институции, граѓански сектор, бизнис заедницата, академската средина и други, преку размена на искуства и знаења за витални прашања од Кластер 1 – Фундаментални вредности. Проектни партнери се: Европски конвент на Србија, Европското движење во Албанија и Европското движење во Република Северна Македонија.
Скопје - Во организација на Министерството за правда денеска во Основниот суд Гостивар ќе се одржи тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија заради адресирање на препораките од Оценската мисија за Судскиот совет.
Целта на настанот е поттикнување стручна расправа за содржината на нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, подготвени од страна на работна група во рамки на Министерството за правда.
Тркалезната маса е третата од неколкуте настани за консултации кои Министерството за правда ги организира, со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет.
Скопје - Генералното собрание на Заедницата на единиците на локална самоуправа ЗЕЛС денеска на седница ќе дискутира за буџетот и акцискиот план на ЗЕЛС за 2025 година, како и за актуелни теми и предизвици со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа во нашата земја.
- Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во обраќање пред делегатите ќе ги изнесе идните заложби за лобирање на ЗЕЛС пред централната власт за обезбедување законски одредби што ќе овозможат успешно спроведување на префрлените надлежности, но и продлабочување на процесот на децентрализацијата на власта во земјава, најави прес-службата на ЗЕЛС.
Скопје - Јавен настан „Етичка употреба на вештачката интелигенција: Кој ја има контролата – луѓето или алгоритмите?“, ќе се одржи денеска во просториите на „Инокс иновацискиот центар“.
Настанот е организиран од страна на германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“ (ФНФ), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Националното студентско тело (НСТ).
Како што соопштија организаторите, вој настан е прв од ваков тип кој на едно место ќе ги обедини претставниците на универзитетите, креаторите на политики во делот на дигиталната трансформација, како и студентите со цел организирање на интерактивна работилници и дискусија за етичките предизвици и можности што ги носи вештачката интелигенција во високото образование.
Скопје - Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“ и Здружението на граѓани „Форум за образовни промени” денеска на онлајн-платформата Зум ќе организиаат панел-дискусијата „To be or not to be… студент во Македонија?“.
-Панел дискусијата ќе се осврне на прашањата за тоа како да им се олесни животот на студентите, како да се подобри студентскиот стандард и кои се можните решенија, особено за проблемот со превозот. На настанот ќе говорат студентките Марија Јовановска и Милена Глигорова, Шевал Зиза - претставник од Националното студентско тело и Викторија Постоловска од Форумот за образовни промени, соопштија организаторите.
Скопје – Сојузот на спортови и Министерството за спорт на Македонија ги објавија номинациите за најдобрите спортисти за 2024 година.
Традиционално, на крајот на секоја календарска година ќе бидат прогласени најуспешните по категории.
Во категоријата за најдобар спортист номинирани се: шахистот Тони Лазов, кикбоксерот Бобан Илиоски, атлетичарот Дарио Ивановски, кајакарот Ангел Петрушев и голманот на македонската фудбалска репрезентација Столе Димитриевски.
Призрен - Земјотрес со интензитет од 3,9 степени рано утринава ја погоди околината на Призрен, а два часа по првиот се случи и вториот земјотрес со интензитет од три степени.
Првиот земјотрес се случи во 00:46 часот, а вториот нешто пред 03:00 часот, на 20 односно на девет километри од Призрен.
Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC) претходно објави дека првиот земјотрес бил со јачина од 4,2, а вториот 3,2 степени според Рихтеровата скала, првиот на 19 километри од Призрен, вториот во Драгаш на седум километри од Призрен.
Приштина - Косовскиот премиер, Албин Курти, е повикан од Специјалното обвинителство да даде исказ на 16 декември, како сведок во случај за злоупотреба на службената положба.
Поканата до Курти од обвинителството ја соопшти синоќа владиниот портпарол Перпарим Криезиу, обвинувајќи го судството дека „влијае на исходот од изборите“ закажани за февруари следната година.
Во поканата на обвинителот се нагласува обврската на Курти да се појави пред суд или да ќе соочи со парична казна.
Приштина - Командантот на КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, во седиштето на КФОР во Приштина синоќа бил домаќин на амбасадори и шефови на мисии од 29 земји чии војници се дел од КФОР.
Како што информираат од КФОР, дискусијата била посветена на повеќе теми, меѓу кои безбедносната состојба, тековните активности на КФОР и соработката со меѓународната заедница.
„Посветуваме големо внимание на единството на напорите и единството на целта, за заедно да придонесеме за постојана безбедност на цело Косово и за регионалната безбедност“, рече командантот на КФОР.
Во соопштението се додава дека КФОР продолжува да го спроведува својот мандат врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година за да придонесе за безбедна и безбедна средина за сите луѓе и заедници кои живеат на Косово како и слободата на движење, во секое време и непристрасно.
Белград - Во Белград денеска се одржува Генералното собрание на Здружението на полициски началници од Југоистиочна Европа на кој ќе биде и претседателот на Интерпол, Ахмед Насер Ал Раиси.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека Србија ќе биде на чело на регионалниот центар на Интерпол за 15 земји од Југоисточна Европа и оцени дека тоа е историска вест за Србија.
„Србија ќе биде на чело во борбата на Интерпол против организираниот криминал. Ова е одлична, историска вест за Србија“, изјави Дачиќ за РТС.
Белград - Во Специјалниот суд во Белград за денеска е закажано изрекување на пресудата против Урош Блажиќ за убиство на девет и ранување 12 лица во селата Дубона и Мало Орашје, на 4 мај лани, јави Бета.
За истиот случај претпладнево ќе бидат објавени пресудите за неговиот татко Радиша Блажиќ кој е обвинет за набавка на големо количество оружје со кое е извршено делото.
Случајот го води Вишиот суд во Смедерево, а од безбедносни причини рочиштата се одржуваа во зградата на Специјалниот суд во Белград.
Обвинителот Иван Конатар во завршниот говор на крајот на ноември рече дека во судската постапка се докажани делата за кои се товари Блажиќ и побара максимална казна за обвинетите, без олеснителни околности.
Нови Сад - Дел од опозицијата во Нови Сад се обиде да ја блокира денеска зградата на Полициската управа во тој град, барајќи кривично гонење на полицајците кои го претепаа седумдесет и четиригодишниот Илија Костиќ, кој беше уапсен за време на една од блокадите на судот и обвинителството во тој град.
Костиќ беше приведен на 21 ноември за време на блокадата, под сомнение дека ги попречувал полициските службеници во нивната работа. После тоа тој бил тешко повреден и итно бил опериран при што му бил изваден дел од телото.
Полициски службеници излегоа пред зградата на Полициската управа и побараа од насобраните претставници на опозициските политички партии и движења да си заминат, по што полицијата насилно ја оттурна толпата која извикувала „Убијци“ и „Крвави дневници“.
Брисел - Укинувањето на контролите на внатрешните копнени граници на Романија и Бугарија со останатите земји од Шенген зоната ќе биде една од главните теми на денешното заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ.
Покрај ова, министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на заседанието на Советот ќе расправаат и за состојбата во Шенген зоната, со фокус на зајакнување на севкупната безбедност преку дигитализација, како и за потенцијалниот датум за почеток на примената на системот за влез/излез во Унијата (ЕЕС).
ЕЕС е автоматизиран ИТ систем за регистрирање на државјаните на земји кои не се членки на ЕУ при нивното патување на краток престој во Унијата. Согласно овој систем, граничните службеници ќе земаат отпечатоците од прстите или ќе ги фотографираат лицата при нивниот прв премин на границата на ЕУ и овие податоци ќе биде зачувани во дигитална датотека.
На седницата на Советот за правда и внатрешни работи на 10 октомври, Еврокомисијата најави дека планира фазен начин на воведување на ЕЕС.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е подготвен повторно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, иако неговиот неодамнешен телефонски разговор не дал резултати, јави ДПА. „Беше разочарувачки“, рече Шолц синоќа на една од ревијалните програми на ТВ за крајот на годината, „бидејќи само повторно ги повтори сите свои формули“.
И покрај критиките од Украина и од источноевропските земји во врска со разговорот, Шолц рече дека е неопходно Путин да разбере дека не може да смета на Германија да ја намали поддршката за Украина.
Шолц рече дека го повикал Путин „да ги повлече трупите за да може да се појави основа за мирен развој“.
Њујорк - Палестинското движење Хамас се откажа од клучното барање за договор за прекин на огнот во Појасот Газа и е подготвено да и дозволи на израелската армија (ИДФ) да остане во енклавата „привремено“ за време на примирјето, пишува Волстрит џурнал повикувајќи се на арапски посредници.
Според извори на американскиот весник, двете страни размислуваат за 60-дневен прекин на огнот во кој би биле ослободени до 30 заложници.
За возврат Израел ќе ги ослободи палестинските затвореници и ќе дозволи да се достави повеќе хуманитарна помош во Газа, додаваат изворите на весникот.
Њујорк - Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство одобри две резолуции со кои се бара итен прекин на огнот во Појасот Газа и поддршка на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), која Израел ја забрани.
Од 193 земји, 158 гласаа за резолуцијата за прекин на огнот во Газа, а 13 беа воздржани, додека 159 земји гласаа за поддршка на УНРВА со 11 воздржани.
Гласањето беше одржано по дводневна дебата, за време на која претставниците на земјите-членки на ОН главно повикаа на прекин на 14-месечната војна меѓу Израел и милитантната група Хамас и бараа пристап до целата територија на Појасот Газа со цел за да се спречи хуманитарна катастрофа.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ја избрал Кари Лејк, поранешна водителка на вести и републиканка која не успеа да освои место во Сенатот минатиот месец, за директор на медиумот Глас на Америка финансиран од американската влада.
Во објавата на неговата страница „Truth Social“, Трамп објави дека Лејк „ќе обезбеди фер и прецизно емитување на американските слободарски вредности низ светот, наспроти лагите што ги шират медиумите за лажни вести“.
Лејк, верен поддржувач на Трамп која ги повтори неговите лажни тврдења за измама на изборите во 2020 година, ја загуби трката за гувернер во 2022 година во државата Аризона, а претходно беше водителка на Фокс 10 со седиште во Феникс.
Вашингтон - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во телефонски разговор со израелскиот колега Израел Кац изјави дека е важно САД и Израел да бидат во тесна консултација за настаните во Сирија, соопшти Пентагон.
Во соопштението се нагласува дека Вашингтон ги следи случувањата во Сирија и поддржува мирна и инклузивна политичка транзиција.
Тој додаде дека САД ќе ја продолжат мисијата да ги спречат милитантите на ИД повторно да најдат засолниште во Сирија.
По офанзива што започна на 27 ноември, сириските бунтовници предводени од Абу Мохамад ал-Џаулани ставија крај на повеќе од 50-годишното владеење на семејството Асад, а сирискиот претседател Башар ал Асад побегна од земјата.
Вашингтон - Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Кристофер Реј ќе поднесе оставка кога ќе истече мандатот на администрацијата на претседателот Џо Бајден, соопштија од седиштето на американската безбедносна агенција.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп претходно најави дека ќе го номинира Кеш Пател за таа функција, иако Реј има уште три години од неговиот 10-годишен мандат.
-По неколку недели внимателно размислување, решив дека вистинската работа што треба да ја направам за Бирото е да служам до крајот на сегашната администрација и потоа да се повлечам. Мојата цел е да останам фокусиран на нашата мисија - незаменливата работа што ја правиме секој ден во име на американскиот народ, нагласи Реј.
Вашингтон - Претставничкиот дом на САД го усвои нацрт-законот за одбранбена политика со рекордни 895 милијарди долари годишни воени трошоци. Гласањето беше 281-140 во корист на Законот за национална одбрана, испраќајќи го на разгледување до Сенатот на САД предводен од демократите.
Претставничкиот дом го одобри нацрт-законот за зголемување на воената плата и забрана за грижа за малолетници за трансродовите лица
Законодавците усвоија мерка со која се овластува зголемување на платите од 14,5 отсто за помладиот ангажиран персонал и 4,5 отсто зголемување на платите за другите, истакнувајќи го чекорот како клучен фактор за подобрување на квалитетот на животот на американскиот воен персонал, јавија американските медиуми.
Сеул - Полицијата утрово се обиде повторно да ја претресе канцеларијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, како дел од кривичната истрага против него за воведување вонредна состојба минатата недела, еден ден откако беше спречен претходниот обид за претрес, соопштија официјални лица.
Националната истражна агенција (НОИ), што го води случајот, испратила истражители да прибават документи и материјали поврзани со воведувањето на воена состојба на 3 декември, јавија јужнокорејски медиуми.
Полицијата вчера се обиде да ги пребара клучните канцеларии, вклучително и салата за состаноци на кабинетот, Претседателската служба за безбедност и бункерските простории во штабот на армијата.
Сеул - Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол, кој се соочува со смена откако се обиде да воведе вонредна состојба пред една недела, рече дека „ќе се бори до последен момент“, обвинувајќи ја опозицијата дека предизвикува национална криза.
-Парламентот стана чудовиште што го уништува уставниот поредок на либералната демократија, рече Јун во телевизискиот говор. „Ќе се борам со народот до последен момент“, додаде тој, потврдувајќи дека „нема да бега од правна и политичка одговорност за прогласување вонредна состојба“.
Јун Сук Јеол ја запрепасти земјата со тоа што ненадејно воведе вонредна состојба ноќта меѓу 3 и 4 декември, пред да биде принуден да ја укине шест часа подоцна под притисок на парламентот и немири на улиците во Сеул.