• вторник, 01 октомври 2024
МИА Радио флеш

30 септември 2024

Скопје - До овој момент, нема македонски државјани кои се обратиле за помош или евакуација од Либан, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за МИА.

-Поради влошенета безбедносна ситуација во Либан, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија во неколку наврати ги повика сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можна прилика и апелираше да се одложат сите патувања кон оваа држава, кои не се неопходни, посочуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Министерството ги ставило сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани преку 24 часовниот СОС дежурен телефон на Министерството за надворешни работи +389  75 268 736 (мејл адреса: globalsos@mfa.gov.mk).

-До овој момент нема наши државјани кои се обратиле до Министерството за помош или евакуација, ниту е пристигнато известување дека има наши државјани кои се наоѓаат во земјата, наведуваат од Министерството.

Скопје- Се намалува возраста на лица со срцеви заболувања, неопходно е да се дејствува превентивно и врз работи на кои може да се влијае. Ова меѓу другото го истакна денеска Јорго Костов од Македонското здружение по кардиологија на одбележувањето на Денот на срцето, одговарајќи на новинарски прашања. 

- За жал, возраста се намалува. Тоа е фактички придонес од севкупниот начин на живот, темпото на живот. Покрај многуте други фактори, можеби еден од најголемите, исто така е и факторот стрес. Тоа е причината што многу млади луѓе се јавуваат со проблематики, симптоми. Во многу порана возраст од тоа што беше случај во претходните години. Секако дека тука е семејната оптовареност исто така, секој пациент е индивидуа сам за себе, додаде Костов на настанот на Клиниката за кардиологија во Скопје.

Притоа, тој посочи дека не може да се генерализира, да се каже, кај кој пациент би можело да се јави одредена симптоматологија, порано или подоцна.

Скопје - Народната банка соопшти дека на 30.6.2024 година, нето надворешниот долг изнесувал 4 481 милион евра или 30,8 отсто од проектираниот БДП. Нето надворешниот долг во вториот квартал од 2024 година е зголемен за 109 милиони евра или за 2,5 проценти. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 64 отсто. 

Во текот на вториот квартал од 2024 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 185 милиони евра и изнесува 8 622 милионa евра, што претставува 59,2 отсто од проектираниот БДП за 2024 година. Од овој износ, најголемиот дел или 88 проценти се нето-обврски врз основа на директните инвестиции, од кои 71 отсто се врз основа на сопственички капитал.

-На крајот на вториот квартал од 2024 година, бруто надворешниот долг изнесува 11.875 милиони евра и забележа квартално зголемување од 76 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се намалија за 33 милиони евра и изнесуваат 7.394 милиони евра. Кварталното зголемување на обврските, при истовремено  nамалување на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 109 милиони евра, така што на крајот на јуни 2024 година тој изнесува 4.481 милион евра, наведува Банката.

Скопје - Индустриското производство во периодот јануари – август 2024 година е намалено за 3,6 отсто во споредба со јануари – август 2023 година.

Според Државниот завод за статистика, индустриското производство бележи намалување и во август 2024 година во однос на август 2023 година, за 1,6 проценти.

-Индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во август 2024 година, во однос на август 2023 година, бележи опаѓање од 18.4 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 1.3 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 4.6 %.  Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Печатење и продукција на снимени медиуми (записи), Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки, Производство на мебел и Поправка и инсталирање на машини и опрема, наведува Заводот.

Скопје - АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина денеска ги започнаа активностите на терен за монтирање на новите цевки на топловодот под мостот Беласица, информираат од АД ЕСМ.

Оттаму посочуваат дека поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци со цел комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на претстојната грејна сезона.

- Новите раководства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и на АД ЕСМ се соочија со предизвикот, да преземат ургентни мерки за надминување на пречките што предизвикаа застој во поставување на цевководот, кој се јави како последица на исклучителната неспособност или незаинтересираност на претходните менаџерски тимови на двете компании, изјави Петар Милетиќ, новиот директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, кој присуствуваше на почетокот на активностите на терен.

Скопје- Во август 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,44% и е намалена на месечна и на годишна основа за 0,02 п.п. и 0,05 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните депозити забележа месечен и годишен раст од 0,03 п.п. и 0,41 п.п., соодветно и изнесува 1,96%, соопшти Народна банка.

Кај просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во август е остварен месечен и годишен пад од 0,08 п.п. и 0,49 п.п., соодветно и изнесува 5,04%. Просечната каматна стапка на новопримените депозити, во август, е намалена за 0,33 п.п. на месечна основа и изнесува 2,43%, при годишен раст од 0,26 п.п. 

Во август, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,03 п.п. на месечно ниво и изнесува 5,20%. Надолната промена се должи на падот на каматните стапки на сите компоненти, и тоа: каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,04 п.п. и 0,03 п.п., соодветно) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п.). На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор бележи намалување за 0,16 п.п.

Скопје- Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на маргините на Вториот министерски состанок на управувачките платформи на Западен Балкан, имаше билатерална средба со министерката за култура и медиуми на Црна Гора, Тамара Вујовиќ.

Како што соопшти Министерството за култура, Љутков и Вујовиќ на средбата се согласија дека соработката во областа на културата меѓу двете држави е на одлично ниво, со можности за нејзино унапредување. Во тој контекст е истакнато и значењето на потпишаната Програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за периодот 2023 – 2026 година, која ќе овозможи интензивна соработка, особено на полето на музичко-сценската дејност и во филмската дејност.

Министрите се согласија дека репродуктивни уметници и ансамбли редовно гостуваат на позначајните фестивали и манифестации во двете земји. Со оглед на тоа што во Црна Гора сè уште не се воспоставени одредени институции, министерот Љутков предложи гостувања на сродни институции од земјава, со што ќе се овозможи претставување на македонската култура и традиција во Црна Гора.

 

Брисел - Граѓаните на ЕУ сметаат дека најмногу се изложени на ризици поврзани со влијанието на климатските промени, но и од безбедносните и социјалните предизвици, па затоа мнозинството од нив сметаат дека им се потребни повеќе информации за да бидат подготви за реакција во случај на елементарни непогоди и вонредни ситуации, покажуваат резултатите од истражувањето на Евробарометар објавени денеска. 

Како што соопшти Европската комисија, во истражувањето спроведено во сите 27 земји членки на ЕУ, граѓаните биле прашани за мислење за нивната изложеност на ризици од непогоди, нивното ниво на знаење за реакција на нив, како и за изворите што ги користат за да дознаат за ризиците од непогоди.  

Во дури 17 членки на ЕУ, граѓаните изјавиле дека најмногу стравуваат од ризици предизвикани од екстремните временски услови, како што се невремиња, суши или топлотни бранови. 

За разлика од нив, најголем процент од жителите на Португалија, Кипар и Бугарија стравуваат од шумски пожари, а Швеѓаните, Данците и Чесите од кибер закани. Германците најмногу стравуваат од политички или геополитички тензии, Естонците од нанесување штети на критичната инфраструктура, а Финците од вонредни здравствени состојби. 

Киев – Владимир Путин се плаши да употреби нуклеарно оружје затоа што го сака својот живот и контролата над животите на другите, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рускиот претседател на 25 септември изјави дека ја менува руската „нуклеарна доктрина“ и може да ги прошири околностите под кои може да се користи такво разорно оружје.

Но, Зеленски рече дека не мисли дека Путин ќе ризикува да користи нуклеарно оружје.

- Никој не знае што навистина има во главата на Путин. Тој може да употреби нуклеарно оружје за да нападне која било земја во секое време. Или не. Не сум сигурен дека ќе го стори тоа. Споделувам со вас што мислам. Но, јас не сум Путин. Не можам да знам точно. Тој го сака својот живот и својот начин на живот и како управува со животите на другите, рече Зеленски.

Техеран– Иран нема да распореди борци во Либан и Газа за да се соочи со својот заколнат непријател Израел, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи, додека Израел продолжува со нападите врз групите поддржани од Техеран во регионот.

-Владите на Либан и Палестина имаат доволно капацитет и сила да се соочат со агресијата на ционистичкиот режим и нема потреба од распоредување помошни или доброволни ирански сили, рече портпаролот на иранското МНР, Насер Канани на редовна прес-конференција.

Израел во последните неколку дена изврши неколку напади против групите поддржани од Иран, вклучително и моќниот Хезболах во Либан и јеменските Хути.

Бејрут– Заменик шефот на Хезболах, Наим Касем, во своето прво обраќање откако израелската армија минатата недела го елиминира лидерот Хасан Насрала, изјави дека движењето е подготвено да се спротивстави на израелската копнена инвазија врз Либан.

- Израел нема да ги реализира своите цели. Ќе се соочиме со која било можност и подготвени сме ако Израелците одлучат да влезат (во Либан) по копнен пат, а силите на отпорот се подготвени за борба на копно, посочи Касем.

Тој додаде дека Хезболах во „првата прилика“ ќе избере наследник на убиениот Насрала.

Според Касем, Хезболах продолжува со операциите и постапува по претходно усвоените планови. Тој досегашните напади ги опиша како „минимални“, а предвидува дека би можела да потрае војната против Израел.

Бејрут - Либанската влада е подготвена целосно да ја спроведе резолуцијата на Обединетите нации (ОН) со цел да се стави крај на вооруженото присуство на Хезболах јужно од реката Литани, како дел од договорот за прекин на огнот со Израел, рече либанскиот технички премиер, Наџиб Микати.

Микати рече дека Либан е подготвен целосно да ја спроведе резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН и да распореди војници јужно од реката Литани, која е на околу 30 километри од јужната граница на Либан, пренесуваат британските медиуми.

Тој, исто така, додаде дека заедно со претседателот на парламентот, Набих Бери, се согласиле дека изборот на нов претседател и завршувањето на речиси двегодишното испразнето место на функцијата ќе биде возможно само по воспоставување на прекин на огнот.

Остани поврзан