• понеделник, 16 декември 2024
МИА Радио флеш

  2 декември 2024

 

Скопје - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска и утре ја предводи парламентарната делегација која ќе престојува во официјална посета на Стокхолм.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши ќе биде во посета на Шведска на покана на претседателот на Парламентот на Кралството Шведска, Андреас Норлеан. Во состав на делегацијата се и пратениците Дафина Стојаноска, Беким Сали и Митко Трајчулески.

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат две комисии - Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно правната комисија.
 
Членовите на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе дискутираат по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за комуналните дејности, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за гробишта и погребални услуги, сите во второ читање.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денеска до 4 декември, ќе престојува во работна посета на Брисел на средби со европратеници и ќе учествува на редовниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.

Како што соопштија од Министерството, во рамки на посетата, предвидено е Муцунски да се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент, како и да оствари средби со известителот за Северна Македонија, Томас Ваиц, известувачите во сенка за земјава, Матеј Тонин (Словенија, ЕПП) и Тајс Ројтен (Холандија, СиД).

Скопје - Министерството за локална самоуправа денеска со почеток во 12 часот во Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“ во Берово ќе ги презентира резултатите од инфраструктурната поддршка насочена кон подобрување на условите за престој во домот.

Како што соопштуваат од МЛС, на настанот ќе присуствуваат министерот за локална самоуправа, Златко Перински, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, директорката на Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“, Живка Бојчовска Калемендовска, амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, директорката на Центарот за развој на Источен плански регион, Зујица Ангелова и градоначалниците од Источниот плански регион.

Скопје - Регулаторната комисија за енергетика денеска се очекува да соопшти дали и за колку би поскапела струјата од 1 јануари. 

На последниот тендер на ЕВН Хоум беше понудена цена од 62 евра за мегават часови од страна на АД ЕСМ што е за две евра повисока во однос на досегашната цена што ЕСМ ја продаваше на универзалниот снабдувач. Оваа цена најмногу влијае врз цената на струјата што домаќинствата ќе треба да ја плаќаат од 1 јануари.

Скопје - Приватните превозници од денеска се враќаат на скопските улици, откако се откажаа од најавените блокади по одржаната координативна средба во саботата во Град Скопје. На средбата беше постигнат договор во рок од 15 дена независни експерти да направат анализа колку точно ќе добијат зголемување по изминат километар. 

Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски во изјава за медиумите дадена по координативната средба изјави дека новите цени треба да се применуваат од 1 јануари. 

Скопје - Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка - 3 степени, Маврови Анови - 2, Крушево - 1,  Берово 0, Претор и Дебар 1, Охрид и Крива Паланка 2, Куманово, Тетово, Битола и Прилеп 3, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Скопје-Петровец, Штип и  Виница 4, Струмица, Велес и Демир Капија 5 степени и Гевгелија 7 степени. 

Најмногу снег наврна во Маврови Анови 61 сантиметар, на Попова Шапка 48, во Крушево 35, во Лазарополе 21, во Дебар пет сантиметри, во Претор четири и во Берово три сантиметри. 

На Попова Шапка наврнало најмногу дожд 44 л/м2, во Кавадарци и Маврови Анови 34, во Демир Капија 30...

Скопје - Центар за правни истражувања и анализи денеска организира тркалезната маса на тема: „Улогата на судовите при заштитата на животната средина“.  

Идејата за овој настан, како што соопштуваат организаторите, произлегува од последното начелно мислење на Врховниот суд на Република Северна Македонија, кое отвори суштински прашања и постави правни насоки во контекст на заштитата на животната средина.

Скопје - Панел дискусија „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“ денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Националниот настан во Скопје е дел од серијата на национални настани во шест држави во Западен Балкан кои се реализираат во рамки на проектот „Патеки кон ЕУ интергација: Унапрдување на дијалогот за Планот за раст на Западен Балкан“. Целта на овој настан е да се дискутира потенцијалот за соработка во процесот на следење на имплементацијата на Реформската агенда, а преку неа и приближувањетo кон ЕУ интеграција.

Скопје - Националната федерација на фармери (НФФ) организира „Земјоделски форум за климатски промени“ што ќе се одржи денеска со почеток во 11 часот во хотел „Александар Палас“ во Скопје.

Како што соопштуваат од НФФ, Форумот ќе биде платформа за презентација и дискусија на информации и релевантни статистики за влијанието на климатските промени врз земјоделството и руралните заедници во Северна Македонија. 

Скопје – По повод Светскиот Ден на лицата со попреченост 3 Декември, денеска со почеток во 19:30 чaсот во мултифункционалниот објект Порта Македонија, ќе биде отворена изложба на слики од XIII Mеѓународна ликовна колонија на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија „Мобилност Македонија“, која од 2-7 октомври оваа година се одржа во Охрид.

Скопје - По неодамнешениот концерт на Дино Имери во Белград, каде настапи со уште двајца врвни музичари – Роман Симовиќ на виолина и Драган Ѓорѓевиќ на виолончело, а кој заврши со стоечки овации во преполната сала во „Коларац“, нашиот пијанист приредува уште еден мошне значаен настан. Станува збор за „Недела на Бах“, којшто на различни локации во Скопје ќе се случува од денеска до 7 декември.

Скопје - Промоцијата на спотот на Илинка Скаловска за нејзината најнова песна „Нова искра“ ќе се одржи денеска со почеток во 17 часот во Едукативно-културниот центар „Лабораториум“. 

Илинка Скаловска е реномирана музичарка со богата биографија. Таа има завршено дипломски и постдипломски студии по пеење, хорско диригирање и композиција на престижни музички конзерваториуми во Италија. 

Скопје - Концертна вечер насловена „LIVE ON BROADWAY“ ќе се одржи вечер во 19:00 часот во Филхармонијата, со изведба на безвременски мелодии од најомилените мјузикли во историјата на Бродвеј.

На коцертот ќе настапат гостите од Бугарија, талентираниот изведувач Рафи Бохосјан, како и солистите на Државната опера во Русе - сопранистката Даниела Караиванова и драмскиот тенор Борис Луков, заедно со оркестарот и хорот на таа опера под диригентство на Вилијана Валчева.

Скопје - Во просториите на Аудиокултура, вечер во 19.30 часот ќе биде промовирана книгата „Прес енд плеј“ (Press & Play) на Ненад Георгиевски. Промотер е проф д-р Милан Дамјаноски.

Книгата ја претставува македонската музичка сцена преку серија рецензии и текстови напишани во период од 20 години, за странски публикации, како All About Jazz и Vintage Cafe. Таа е збирка од авторски текстови кои даваат детален увид во креативните активности на македонските музичари и нивните дела. Книгата за првпат беше објавена во јули 2020 и ова е второ, надополнето издание.

Скопје - По кратко и тешко боледување во текот на вчерашниот ден на 74- годишна возраст, почина пензионираниот генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев, поранешен началник на Генералштабот на Армијата, соопштија од ГШ на Армијата.

Белград - Адвокатската комора на Белград (АКБ) одлучи од денеска до 4 декември, нивните членови да ја прекинат работата, „поради донесување и начинот на донесување“ на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на последната седница на српскиот Парламент, јави Бета.

Приштина - КФОР потврди дека Приштина побарала овластување за да им дозволи на косовските безбедносни сили да одат  во северниот дел, односно за „потенцијално“ распоредување во „погодената област“ по експлозијата во која беше оштетен каналот Ибар-Лепенац, но тоа барање било одбиено.

Од КФОР, по барање на порталот Коссев за потврда во врска со изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека Приштина побарала распоредување на КБС на север во Косово, односно дали добиле барање од Приштина за испраќање на КБС на север, одговори потврдно, јавија српски медиуми.

Атина – Затворени училишта во неколку области, проблеми во железничкиот сообраќај и материјална штета остави зад себе невремето „Бора“ што во текот на викендот ја зафати Грција, а најпогодени беа островите Лимнос и Родос, Солун, Халкидики, како и областите Пиерија и Тесалија, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради поплава во еден од тунелите кај месноста Темпи, железничкиот сообраќај меѓу Атина и Солун се одвива само до Лариса од каде што патниците се пренесуваат со автобуси до Солун и обратно.

Лондон – Велика Британија вети дополнителни 19 милиони фунти (24 милиони долари) финансиска помош за Појасот Газа, откако британската секретарка за развој Анализ Додс ја опиша ситуацијата таму како „катастрофална“, јави ДПА.

Се очекува Додс да ги посети палестинските територии и Израел како дел од тридневното патување кое ќе почне денеска со хуманитарна конференција во египетскиот главен град Каиро.

Киев - Германскиот канцелар Олаф Шолц, за првпат по двеипол години, денеска пристигна во Киев на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Посетата не беше најавена поради безбедносни причини.

По пристигнувањето, германскиот канцелар најави дополнителни испораки на оружје за одбрана на Украина од Русија во вредност од 650 милиони евра до крајот на декември.

Брисел - Европската унија жали за изјавата на грузискиот премиер Иракли Кобахидзе за одлуката на партијата Грузиски сон да не продолжи со отворање на преговорите за пристапување во ЕУ и отфрлањето на финансиската поддршка од ЕУ до 2028 година, се вели во заедничката изјава на Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Каја Калас и комесарката за проширување Марта Кос.

Анкара - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи доцна синоќа пристигна во Анкара, само неколку часа по разговорот со сирискиот претседател Башар ал Асад во Дамаск за молскавична офанзива на бунтовниците во северозападна Сирија.

Арагчи денеска се очекува да се сретне со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан пред да разговара со претседателот Реџеп Таип Ердоган, соопштија официјални лица.

Букурешт – Романската владејачка Социјалдемократска партија на премиерот Марсело Чолаку води на парламентарните избори што се одржаа вчера со 23,9 отсто освоени гласови врз основа на околу 90 отсто од преброените гласачки ливчиња, соопшти Изборната комисија.

Екстремно десничарската опозициска Алијанса за обединување на Романците е на второ место со 17,9 отсто од гласовите.

Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска ја коментираше одлуката на американскиот претседател Џозеф Бајден да го помилува својот син Хантер во две судски постапки, оценувајќи ја таа постапка како „карикатура на демократијата“.

„Тоа е карикатура на тема демократија“, изјави денеска Захарова во коментар за одлуката на Бајден.

Вашингтон – САД, Франција, Германија и Велика Британија во заедничката изјава, повикаа на „деескалација“ на борбите во Сирија, каде бунтовничките групи во изминатите денови презедоа контрола врз некои територии на северот на земјата.

- Ги повикуваме сите страни да ги намалат тензиите и да ги заштитат цивилите и инфраструктурата за да се избегне понатамошно раселување и прекин на испораката на хуманитарна помош, се вели во соопштението.

Тбилиси – Вкупно 44 лица се хоспитализирани на третата ноќ од протестите во главниот град на Грузија против владината одлука да ги прекине преговорите за влез во Европската унија, соопштија вчера официјални лица, додека протестите продолжија и синоќа – четврта ноќ по ред.

Десетици илјади демонстранти се собраа пред парламентот и синоќа, фрлајќи камења и палејќи факели, додека полицијата употреби водени топови и солзавец.

По четири часа полицијата успеа да го расчисти просторот околу зградата на парламентот.

Манила - Претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос Јуниор, ја опиша информацијата за присуство на руска подморница во ексклузивната економска зона на неговата земја како „многу алармантна“.

Филипинското издание „Daily Inquirer“, повикувајќи се на извори во безбедносниот систем, денеска објави дека руска нападна подморница била забележана минатата недела во филипинската ексклузивна економска зона (на оддалеченост до 200 наутички милји подалеку од територијалните води на земјата.

Вашингтон - Стејт департментот одобри можен договор за продажба на воена опрема на Тајван вреден 320 милиони долари што вклучува радари и резервни делови за ловци F-16.
 
Ова беше објавено викендов на веб-страницата на Агенцијата за соработка во областа на одбраната (Defense Security Cooperation Agency, ДСЦА), која го извести Конгресот за очекуваниот договор.

Отава – Канадскиот премиер Џастин Трудо му вети на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека Канада ќе ја засили контролата на заедничката граница, изјави денеска канадскиот министер за јавна безбедност Доминик Леблан.

Тој рече дека политичарите разговарале за дополнителни безбедносни мерки што Канада треба да ги воведе.

Вашингтон – Американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека го помилувал својот син Хантер Бајден во судската постапка против него за даночни прекршувања и во врска со носење огнено оружје, а својата одлука ја оправда со тврдењето дека неговиот син бил подложен на неправедно гонење.

Бајден рече дека потпишал помилување за неговиот син Хантер вчера, иако откако ја презеде функцијата рече дека нема да се меша во одлуките донесени од судовите и Министерството за правда.

Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја обвини Кина дека и дала оружје на Русија за војната против Украина и дека го загрозува мирот во Европа и Индо-Пацификот.

-Наместо да ја преземе одговорноста за светскиот мир и безбедност како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, Кина се спротивставува на нашите основни европски интереси со својата економска и вооружена помош за Русија, рече Бербок во изјавата пред нејзината посета на Пекинг.

Амстердам - Автомобилската групација Стелантис соопшти дека генералниот директор на таа компанија Карлос Таварес поднел оставка и дека таа ќе стапи во сила веднаш. Наследникот на Таварес ќе биде назначен во првата половина на 2025 година.

-Одборот на директори на компанијата... ја прифати оставката на Карлос Таварес, се вели во соопштението на групацијата.

Н'Зерекоре - Судирите на фудбалски натпревар во Гвинеја резултираа со десетици мртви, јавуваат болнички извори од африканската држава. Сцените на масакрот вклучуваат преполни мртовечници и ходници. Неофицијални видеа покажуваат хаос, а гневните толпи подоцна палат полициска станица. Властите допрва треба да ја потврдат бројката загинати. 

Инцидентот почна меѓу навивачи на фудбалски натпревар во Н'Зерекоре, вториот по големина град во Гвинеја.

Лос Анџелес - Ненајавениот „изненадувачки“ албум на американскиот џез-рапер и текстописец Кендрик Ламар - „GNX“ дебитира на бр. 1 на топ-листата на „Билборд 200“. Ова е негово петто искачување на врвот на оваа листа, со продадени 319.000 албуми во САД заклучно со 28 ноември.

Албумот „GNX“ е објавен без никаква најава на 22 ноември.

Лондон - Принцот Хари и Меган Маркл нема да им се придружат на другите од кралското семејство за Божиќ оваа година, бидејќи, наводно, не биле поканети на свеченостите.

Како што е соопштено, војводата и војвотката од Сасекс не добиле покана за кралскиот Божиќ во селото Сандрингем во англиската област Норфолк, пренесоа британските медиуми.

Се очекува двојката, со своите деца Арчи и Лилибет, да ги минат празниците во САД.

Канбера – Австралиската полиција денеска соопшти дека запленила рекордни 2,3 тони кокаин и уапсила 13 лица, откако брод со дрога се расипа во близина на брегот на Квинсленд.

Полицијата соопшти дека сите уапсени се австралиски државјани, а двајца од нив се помлади од 18 години и се соочуваат со доживотен затвор како максимална казна.

Продажната вредност на запленетиот кокаин се проценува на 494 милиони долари.

Остани поврзан