• понеделник, 02 март 2026
МИА Општински пул

27 февруари 2026 

Охрид – Охрид денеска ја одбележува 118-годишнината од смртта на гемиџијата Марко Бошнаков. Делегација од Општина Охрид, како и претставници на политичкиот и јавниот живот во Охрид, ќе положат свеќе пред спомен-плочата на Бошнаков, сместена во непосредна близина на неговата куќа во Стариот дел на Охрид.

Марко Бошнаков е роден во Охрид во 1874 година. Основното образование го стекнал во родниот град, а како средношколец учел во Солунската гимназија. Бил сведок на создавањето на Македонскиот револуционерен комитет во Солун со што, всушност се означи почетокот на македонската револуционерна борба во 1893 година. Се вклучил во движењето на Гемиџиите (Солунските атентатори) издавајќи им ја и својата бакалница во Солун.

Измачуван и тешко заболен од затворските тортури, умира од маларична треска во затворот Музрул во Африка на 27 февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.

Кавадарци -  ,,Крадец на времето“ е насловена книгата од младата Викторија Недева, што синоќа беше промовирана во галеријата при Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци. Недева е член на Здружението на поети и писатели ,,Тиквешки цветови“ од овој град. Промотори на книгата беа Марија Црвенковски и Марија Камчева.

Во своето обраќање пред присутните, Камчева рече, дека, да се напише книга, значи да се остави дел од себе на хартија. 

- Да се разголиш пред светот без одбрана, а кога тоа го прави млад човек, тогаш тоа не е само творечки чин, тоа е чин на доверба, дека зборот ќе биде разбран, дека чувството ќе биде почувствувано, подвлече Камчева. 

Притоа истакна дека поетската збирка претставува емоционална целина во која времето се јавува како централен симбол и носечка идеја што ги поврзува речиси сите песни. 

Гевгелија - Со замена на старите и амортизирани изданија и со набавка на училишни лектири и наслови од современата белетристика, обновен е книжевниот фонд на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија, која е меѓу постарите библиотеки во земјава.

Библиотеката, која започнала со работа во 1945 година со околу 3.000 книги собрани од месното население, денес располага со над 70.000 библиотечни единици и има околу 700 активни членови. Како дел од својата дејност, таа активно учествува во бројни книжевни настани.

Според директорот  на библиотеката Стефан Марковски, по изготвена листа од околу 200 потребни наслови – со акцент на лектири, литература за деца и млади и книги од современата белетристика – биле набавени нови изданија кои веќе се достапни за читателите. Дополнително, библиотеката добила повеќе од 300 донирани и дистрибуирани книги од членови, граѓани на општина Гевгелија, издавачки куќи, како и од НУБ „Свети Климент Охридски“.

– Вкупната бројка на донирани книги беше поголема од набавените, за што упатувам голема благодарност до сите донатори кои придонесоа за збогатување на нашиот фонд и книжевната шареноликост, истакна Марковски.

Кочани - Во чест и спомен на гимназијалката Сара Јорданова, чиј живот трагично заврши во пожарот во „Пулс“,  вечерва во 18:30 часот во НУ ЦК „Бели мугри“ во Кочани ќе биде отворена хуманитарна групна донаторска ликовна изложба насловена „Трага во бесконечноста“.

Организатор на овој настан од културата со поднаслов „За децата, за животот, за трагата“ е кочанската Национална установа во блиска соработка со семејствотои Јорданови. 

Со оваа хуманитарна ликовна изложба практично започнуваат настаните со кои Кочани и  семејствата на починатите ја одбележуваат првата годишнина од  кобниот пожар на 16 март лани, во кој животот го загубија 63 млади лица, а повредени беа  над 220. 

Кочани - Започнаа работните активности за реализација на проектот со кој трајно ќе се реши проблемот со тешките товарни возила што подолг период ги засега жителите на населеното место Тркање, информираа од Општина Кочани.

Со отпочнувањето на изведбените активности се прави конкретен чекор кон воспоставување на ново сообраќајно решение, кое ќе овозможи поврзување на местото Цацков Бунар со постоечкиот алтернативен пат Кочани – Тркање.

Според надлежните служби од Општината, со ова решение тешкиот товарен сообраќај ќе биде соодветно пренасочен, ќе се намали оптоварувањето низ населеното место и значително ќе се зголеми безбедноста на жителите.

Скопје - Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.

-Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, информираат од локалната самоуправа.

Посочуваат дека градоначалникот Александар Стојкоски истакнал дека Општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.

Остани поврзан