• среда, 20 ноември 2024
МИА Општински пул

4 ноември 2024 

Куманово - Куманово доби сувенирница, сместена во простор на Занаетчискиот дом. Сувенирницата, како што соопштија денеска, надлежните од Регионалната занаетчиска комора претставува траен симбол на посветеноста кон промовирањето на занаетчиството и туризмот во Куманово. Денеска се одржа и втор саем за мало стопанство, а беше и најавена и поддршката на старите занаетчии во градот. Регионалната занаетчиска комора на Куманово трета година по ред бараше отворање на сувенирница, од Занаетчиската комора на државата, (ЗКРСМ) најавија отворање на сувенрцнии на ниво на коморите, речиси во секој поголем град во земјава.

- Трета година баравме отворање на сувенирница, простор каде ќе се прикажат автентични производи од нашата култура и традиција. Успеавме да го реализираме тоа, мислам дека секое наше барање кон локалната самоуправа влијаеше и кон националните институции. Потребно ни е да ја чуваме културата, традицијата, зашто токму старите занаети го чуваат идентитетот и горди сме што во Куманово отвораме сувенирница, ќе бараме уште поволности од локалната власт, рече претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска комора Агрон Фазлији.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кажа дека занаетчиите добиваат простор во објект сопственост на општината, но изграден со поддршка на занаетчиите во раните триесетти години од минатиот век. Тој најави дополнителна поддршка на занаетчиите, особено на старите занаети кои ја чувари на традицијата.

Битола - Делегации од збратимените градови од Пожаревац, Србија, Херцег Нови, Црна Гора и Плевен од Бугарија, престојуваат во Битола за празникот на градот, Денот на ослободувањето - 4 Ноември.

Според востановената традиција, градоначалникот Тони Коњановски, освен за гостите од странство, денеска прием приреди и за претставници од општинската организација на Сојузот на борци, со кои положија цвеќе пред Споменикот на НОВ и Револуцијата, како и на споменикот на Стив Наумов и на Партизанските гробишта во Битола.

-Денеска имаме голем ден, голем празник и јубилеј за Битола – 80 години од ослободувањето на градот. Денес оддаваме должна почит кон хероите кои ги дадоа животите во Народноослободителната борба, а наша должност е да не го заборавиме нивниот спомен и тој да остане запаметен и од младите кои ќе продолжат заедно со нас повозрасните во обновата на Битола. Нека ни е честит големиот јубилеј – 80 години слободна Битола, истакна Коњановски.

Во организација на Општина Битола, вечер во Центарот за култура ќе се одржи Свечена академија на која ќе се доделат наградите за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело.

Тирана - Градежните работи за проширување на патот Елбасан - граничен премин Ќафасан, кај Струга, кој е дел од Коридорот 8, се одвиваат според планираната динамика, објави албанскиот премиер Еди Рама.

-Овој патен правец се смета за еден од најважните во државата, пат кој ќе ги поврзува Драч-Елбасан-Либражд-Ќафасан, за да продолжи понатаму кон Северна Македонија и Бугарија. Од инвеститорот беше побарано изградбата да ја подели во неколку фази, со што реализацијата на работата ќе биде пофлексибилна, како од менаџерска, така и од економска страна, напиша Рама на социјалните мрежи.

Патот Елбасан-Ќафасан е од категоријата Б, со четири ленти, по две од секоја страна, со разделници и сите параметри на патот, и со минимална брзина на движење од 110 километри на час. Предвидена е изградба на бајпас во Елбасан, со цел да не се влегува во градот.

Релацијата Ќафасан – Елбасан во должина од 50,12 километри која се возеше за час и половина, со новиот автопат патувањето се скратува на 35 минути.

Демир Капија - Археолошка, винска и презентација за уникатна флора и фауна беа реализирани денеска во Музејот во Демир Капија, во рамки на неколкудневното одбележување на 80 години од ослободувањето на градот.

Говорејќи за археологијата на овој простор, Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог, се осврна и на најраното споменување на тврдината Просек. 

- Називот на тврдината Просек првпат во пишаните извори се среќава во 1019 г. во првата сигилија на Василиј II , а за последен пат е забележан во 1342 г.во историјата на Јован Кантакузин за време на граѓанската војна во Византија. Гледано од историски аспект, временската рамка на егзистирање на Просек се сместува меѓу овие датуми. Но, според археолошките откритија, на овој простор сместен во историски контекст, хронолошката рамка е многу поголема и се движи од праисторија се до османлиско време. Но уште порано во Историјата на Јован Скилица од крајот на 11 век, се спомнува дека Василиј II по битката со царот Самуил на Беласица, поминал покрај Просек, што укажува дека оваа тврдина била активна за време на Самуил. Новото име на клисурата веќе во 15 век започнува да се нарекува со новиот ориентализиран назив Демир Капу во османлиски период, појасни Тодоровска Митрева.

Кочани – Под мотото „Сакам бистар ум, затоа читам!“ во библиотеката „Искра“ денеска беше отворен 18. Саем на книгата, како дел од активностите за одбележување на Месецот на книгата.

На штандовите се претставуваат 13 издавачки куќи, што се меѓу најпознатите и најреномирани во државата, а со кои кочанската библиотека соработува подолг период. Присутните на Саемот ги поздрави градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој ја отвори манифестацијата.

-Во време на една дигитална трансформација, во време на едно современо општество на дигитализација и технолошки напредок, ова е еден сериозен предизвик да се вратиме на книгата, да се вратиме на читањето, кое сепак не излегува од мода. Затоа благодарност до сите 13 издавачки куќи кои земаат учество, кои нудат свои наслови од различни жанрови, кои заеднички со матичната библиотека прават обид да ја негуваат навиката за читањето и да го промовираат читањето и љубовта кон книгата, истакна градоначалникот Папазов.

На отворањето на Саемот на книгата, беше претставена авторката Фросина Пармаковска, која за својот роман „Сè уште можам нешто да сторам“ е овогодишна добитничка на „Рациновото признание“.

Охрид – Општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците со низа настани и свечености ќе го одбележат празникот 7 Ноември и 80–годишнината од ослободувањето на градот во Втората светска војна.

Богатата програма започнува в среда со две замостојни изложби во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ на авторите Нина Ангелоска и Славко Упевче.

Веднаш по отворањето на изложбите следува Свечената академија на која ќе се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, проследена со културно-уметничка програма, како и музичко-сценски перформанс.

Настаните на самиот празник – Денот на ослободувањето 7 Ноември започнуваат од 10 часот со патрониот празник на ЈП „Охридски комуналец“, а ќе биде положено цвеќе пред спомен обележјата од НОБ на Градските гробишта, во Градскиот парк, пред Основниот суд и во дворот на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“. Во исто време во селото Рамне ќе се одржи Панихида пред споменикот на провоборецот Јасна Ристеска.

Во 11 часот цвеќе пред обележјата од НОБ во Спомен-паркот на Револуцијата ќе положат претставници на ОО Сојуз на борци.

Од 13 часот на стадионот на „Билјанини Извори“ почнуваат натпреварите од Европскиот куп во параглајдинг „Охрид 2024“, каде свои поздравни обраќања ќе имаат градоначалникот Кирил Пецаков и министерот за спорт Борко Ристовски.

Куманово - Општина Куманово продолжи со инвестиции во стариот градски парк, соопштија денеска надлежните, изградени се нови велосипедски патеки, трим патеки, има ново спортско игралиште и поставена е нова урбана опрема.

- Кумановскиот зелен градски парк во ново руво, со нови велосипедски и трим патеки, ново спортско игралиште и нова урбана опрема, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Општината за доуредувањето и поставувањето на нова урбана опрема според податоците на електронскиот систем за јавни набавки одвои речиси десет милиони денари со вклучен данок на додадена вредност. Договорот со избраната компанија беше склучен во август, годинава.

Претходно во неолку наврати, општина Куманово ги реконструираше патеките во овој парк, постави во стариот градски парк, поставена е инфраструктура, изгради нов паркинг простор и игралиште за кошарка.

Изградбата на паметниот парк во т.н. стар градски парк во Куманово почна во март 2022 година.

Тетово - Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија Орхан Муртезани денеска во Општина Тетово разговараше со градоначалникот Биљал Касами за новите можности за искористување на фондовите од Европската Унија од страна на локалните самоуправи. Фокусот во иднина ќе биде ставен на кадровскиот потенцијал на општините.

- Разговаравме генерално за можностите кои се нудат за општините за финансирање на проекти од европските фондови, исто така и за процесите за евроинтеграција, а еден важен дел од тој процес е приближување на нашите системи, нашите институции до европските. Во тој дел многу важни се европските проекти кои се финансираат со европски пари во државата. Во Општина Тетово во моментот се неколку такви проекти кои се реализираат со такви фондови во рамките на нашите цели и определби за подобрување на животот на граѓаните. Министерот покажа подготвеност да помогне на Општина Тетово со зголемување на капацитетите на општинската администрација и за подготовка на проекти и за аплицирање и за реализација на таквите проекти се со цел да имаме повисоко ниво на искористеност на европските фондови, истакна Биљал Касами.

Штип - Издавањето на публикацијата  „Антидискриминационо право” од универзитетските професори Жанета Попоска, Лазар Јовевски и Јулиус Ростас има за цел да ја подигне свеста на правото на еднаквост, но и на борбата против антидискриминацијата во работните односи и во сите останати области, истакна на денешната промоција  деканката на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Олга Кошевалиска. Таа посочува дека публикацијата е пишувана на едноставен и разбирлив начин за да биде лесно сфатлива не само за правниците, туку за целата академска јавност. Посочува дека за првпат има и поглавје кое го обработува антициганизмот.

Прашана што говори судската пракса, односно во која сфера граѓаните најмногу се чувствуваат дискриминирани, Кошевалиска одговори дека во ниту едно поле правосудниот систем не е имун на антидискриминација.

-Без разлика дали ќе станува збор за етничка припадност или политичка партија или дали ќе станува збор во работните односи, во делот на вработувањето или во текот на работниот однос, напредувањето, така имаме и во кривичната сфера дискриминирање. Ниту една сфера не ни е имуна на дискриминацијата, за жал. Меѓутоа оваа публикација помага во разбирањето на концептот, но и наоѓањето на судска пракса, којашто укажува дека некои случаи претставуваат навистина дискриминација. Иако ние очите ги држиме широко затворени за тоа да ја препознаеме како вид на дискриминација, вели Кошевалиска.

Дебар - Преку проектот „Зајакнување на општинските совети - фаза II“ на Министерството за локална самоуправа, Швајцарската агенција за развој и соработка и Програмата за развој на Обединетите нации, дебарската гимназија „28 ноември“ ја доби неопходната опрема за кабинетот по информатика.

-Станува збор за компјутери, проектори и друга соодветна опрема со која целосно ќе биде комплетиран кабинетот и нашите ученици ќе имаат одлични услови за одвивање на наставата и реализирање други активности. Целта на проектот, кој се реализираше во две фази, беше да се поддржи учеството на граѓаните во развојот на заедницата и во процесот на одлучување на локално ниво, рече за МИА Рамадан Имери, директор.

Додаде дека Гимназијата конкурирала со проектот „Опремување на училиштата во општина Дебар со дидактички алатки и инструменти, за природните и применетите науки“ во соработка со ООУ „Саид Најдени“ и ООУ „Пенестија“ од Дебар.

Гевгелија - Вечер во Гевгелија почнуваат осумдневните чествувања по повод 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија.

Имено, во Народниот театар - Гевгелија, ќе биде отворена Изложбата проследена со концерт „Без вретено, песна исткаена“, во организација на Етнокореолошкиот оддел при Домот на културата „Македонија“- Гевгелија.

Како што информираат од Општината, настанот е концепиран во два дела. Првиот е изложба на плетива и ткаеници, како и делови од традиционалната облековна култура - народните носии. Во вториот дел ќе се претстават студенти од Одделот за етнокореологија на Музичката академија при УГД - Штип со концерт на традиционални вокално - инструментални изведби од повеќе етнички предели. 

Прилеп - Десетина вработени во прилепскиот Царински терминал излегоа на предупредувачки едночасовен штрајк. Немаат плата три месеци, ниту пак здравствено осигурување. Терминалот работи во состав на прилепски ЈКП „Комуналец“. Бараат разбирање од надлежните и решение.

-Моментално сме излезени на предупредувачки штрајк за да видиме дали има разбирање за проблемот.  Основач е ЈКП „Комуналец“-Прилеп, како подружница Терминал доел. Немаме земено три плати. Последнава година се случува да се даде плата при крајот на месецот и два дена осигурување. А сите сме возрасни, над 50 години, сите сме со проблеми, а здравствено немаме. Се надеваме дека од претпријатието, а и градот ќе имаат разбирање да се реши проблемот. Сме имале контакти со надлежните, веќе две години се провлекува проблемот. Само ни е речено дека се бара решение, изјави Славе Јорданоски, вработен во „Царински терминал“-Прилеп.

Кочани – Општина Кочани го објави конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти жители на општина Кочани за академската 2024/2025 година.

Од општинскиот буџет ќе бидат доделени 30 стипендии на студенти кои се запишани на прв циклус студии на јавните високообразовни институции во државата. Најмногу до пет стипендии се предвидени за студенти од ромската етничка заедница и студенти лица со попреченост и со ретки болести, десет стипендии за студенти од социјално загрозени семејства, најмногу пет стипендии за студенти запишани на факултети за медицински науки, а останатите – за студенти кои постигнале висок успех во студирањето.

-Доколку на јавниот конкурс не се пријават студенти од ромската етничка заедница, студенти кои се лица со попреченост и лица со ретки болести, студенти запишани на факултети за медицински науки или нивните пријави се оценети како неприфатливи, стипендиите распределени за овие категории, може да бидат доделени на студенти од социјално загрозени семејства пријавени по јавниот конкурс, кои ги исполнуваат условите за доделување стипендија, според редоследот на рангирање по бодови согласно изготвената ранг-листа, истакнуваат од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Месечниот износ на општинската студентска стипендија е 3.500 денари, а се доделува во текот на десет месеци.

Остани поврзан