• среда, 20 ноември 2024
МИА Општински пул

22 октомври 2024

Берово - Во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2024 година,  во Берово, ангажираните лица денеска започнаа со реализирање на активноста Јавни  работи. Во рамки на активностите, како што информираа од Општината, денес се чистеше патеката на Беровско Езеро. 

-Проектот го спроведува Општина Берово, во соработка со Агенција за вработуваање на Република Северна Македонија. Истиот вклучува уредување на тревни површини и паркови на територијата на Општина Берово, чистење на речното корито на река Брегалница и каналите во Општина Берово, чистење на централното градско подрачје, средување на диви депонии, уредување на велосипедско пешачка патека на Кеј на река Брегалница и Беровско Езеро, одржување на јавни површини и урбана опрема во градот и населените места, истакнаа од Општина Берово.

Во рамките на проектот ангажарани се вкупно 10 невработени лица.

Куманово - Општина Куманово за дополнителни петнаесет дена го продолжи рокот за поднесување предлог проекти за организирање на културни манифестации во општина Куманово за наредната година, информираа денеска од секторот за култура. Рокот за поднесување ќе трае со 5 ноември, годинава.

На повикот може да се пријават јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат цели, задачи или регистрирана дејност од областа на културата или социјално-хуманитарна дејност. Подносителите може да достават еден или повеќе предлог-проекти.

Заинтересираните треба да се регистрирани како јавна установа, здружение на граѓани, фондација и други правни лица, да придонесуваат за збогатување на културниот живот во општината, да се залагаат за зачувување и афирмирање на материјалното и духовното културно наследство на општина Куманово, да го поттикнуваат и афирмираат локалното творештво на локалните уметници, да се грижат за унапредување на соживотот меѓу заедниците и да обезбедат континуитет на традиционалните културно-уметнички манифестации кои се од локален карактер.

Куманово - Заинтересираните здруженија од Куманово да се пријават на јавниот повик за финансиска поддршка во спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствена заштита, повикаа денеска од секторот за социјална заштита. Повикот е дел од програмата за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести за тековната година. Здруженијата ќе добијат финансиска поддршка во спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствена заштита.

-Теми на кампањите ќе бидат злоупотреба на дрога, превенција од тинејџерска бременост, сексуално преносливи болести, подигнување на свеста на родителите за поголем опфат за вакцинација, рутински здравствени прегледи и скрининг заболувања, информираше на денешната прес-конференција раководителот на секторот, Александар Крстевски.

Неготино - Како побрзо и подобро до еколошка правда, се расправа на денешната еко работилница во Неготино. Настанот е во организација на Македонско здружение на млади правници, во соработка со еко активистот Сашко Тодоров. 

Мартина Дранговска Мартинова од здружението рече дека целта на работилницата е граѓаните да се запознаат за институционалната рамка за заштита на животната средина, можностите да се вклучат во донесувањето одлуки поврзани со животната средина и механизмите за пристап до правда во оваа област. 

-Идејата е да дискутираме за локалните проблеми во Неготино во поглед на животната средина и како можеме ние како здружение да ги поддржиме со цел да постигнеме поголема заштита за животната средина и почитување на законите во оваа област, нагласи Весна Дишлијовска од ова здружение. 

Бојан Трпевски, исто така правник во Македонско здружение на млади правници, појасни за МИА дека активностите се во рамките на проектот ,,Унапредување на еколошката правда преку правни механизми", поддржан од УНДП.

Кавадарци - ,,Жените борци од Тиквешијата во НОБ 1941-1945 година", е насловена книгата од авторката Натка Китева, што денеска беше промовирана во Музеј галеријата во Кавадарци. 

- Уште во првите денови по фашистичката окупација на Македонија, македонските жени со веќе стекнатото богато револуционерно искуство од претходните војни,  оделе во пресрет на настаните кои доаѓале. Во тие четири револуционерни години, тие го достигнале својот највисок дострел, а кој бил изразен со масовното учество во НОБ и Револуцијата, рече Китева, кустос историчар во музејот. 

Таа додаде дека во позадина нивната активност се состоела во обезбедување и собирање на храна, облека, оружје и воен материјал - т.н. “народна помош“. Извршувале курирска, разузнавачка служба и наоѓале илегални засолништа за потребите на борците. Дел од нив заминале на фронтот борејќи се во првите борбени редови. 

Гостивар – Симулација на евакуација во случај на поплави претпладнево се изведе во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, во која покрај припадници на надлежни институции беа опфатени учениците и наставниот кадар од претпладневната смена.

Екипи на Црвен крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Брзата помош, противпожарната единица, во дваесетина минути спроведоа активности за евакуација на околу петстотини ученици од училишната зграда, даваа прва помош и транспортираа повредни лица.

- Покрај вежбите за зголемување на подготвеноста на спасувачките единици и вработените во училиштата за реакција при катастрофи, во проектот се спроведуваше и стабилизација на свлечишта во полошкиот регион, чистење и стабилизација на речните корита на Вардар, во полошките општини, рече Зуди Џелили претставник на општина Гостивар и член на општинскиот кризен штаб.

Денешните активностите се дел од проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија со вредност од 12 милиони швајцарски франци, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во полошкиот регион.

Куманово - Полицијата приведе две лица од Куманово, кои се сомничат дека изминатиов период од паркирани автомобили одзеле различни предмети.

-Вчера, во 11: 30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода С.Д.(30) и Г.Н.(36), двајцата од Куманово, поради сомнение дека изминатиот период со употреба на сила влегле во пет патнички моторни возила и одзеле различни предмети, соопшти денеска МВР.

Двајцата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.

Кумановци изминативе денови реагираа дека паркирани возила се мета на кражби на повеќе локации во населбата „Карпош“, „Перо Чичо“, на локации во близина на ресторани низ градот и околината. Од автомобилите како што сведочеа граѓаните одземени биле различни предмети.

Струмица - Општина Струмица и полицијата иднината година треба да почнат да го реализираат проектот „Струмица безбеден град“, кој беше избран како приоритетен на Форумите на заедниците.

Според градоначалникот Костадин Костадинов камери ќе бидат поставени насекаде низ градот.

-Јас сум благодарен што и СВР Струмица ја прифаќа таквата иницијатива, бидејки без мониторинг на безбедноста нема да се постигне вистинската цел. Во 2025 година низ цела Струмица, низ паркот ќе има камери со цел да ги надминеме и да ја лоцираме таа мала група на струмичани, кои за жал ја вандализираат Струмица, ги палат контејнерите и се надевам дека преку овој систем ќе го анулираме тој криминал, рече Костадинов.

Секторот за внатрешни работи Струмица соопшти дека го поздравува прифаќањето на иницијативата која била дадена од страна на началникот на СВР Струмица, Дејан Ефтимов на одржана средба со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов за поставување на камери за видеонадзор на подрачје на градот. 

Кочани – Општата болница со проширена дејност од Кочани денеска доби нова дијагностичка опрема и реконструиран кабинет за преглед на дојка, што ќе работи во рамки на Одделението за радиологија и ќе го користат пациентите од источниот регион.

Комплетната финансиска и материјална поддршка за опремување и ставање во функција на кабинетот ја обезбеди компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“, како донација во одбележувањето на 11-годишнината од постоењето.

-Токму во октомври, којшто се одбележува како розов месец за подигање на свеста за превенција од рак на дојка, почнуваме со нова опрема за дијагностицирање на заболувањата, а имаме и обучен радиолог кој ќе ја прави оваа интервенција. Во наредниот период матичните лекари ќе бидат информирани да ги упатуваат пациентите преку „Мој термин“. Веќе две години во Болницата имаме кабинет за дојка, а сега ќе функционира поинтензивно поради тоа што мамографите во Каменица и во Делчево не работат и сите пациенти се пренасочени кон нас. Интервениравме да се зголеми и бројот на термините за мамографија, така што сите кои имаат потреба ќе бидат прегледани, истакна Кристина Серафимов, в.д. директорка на Општата болница – Кочани.

Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица објави јавна набавка за услуги за дератизација на канализационите шахти и градската депонија согласно одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести и Програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести. 

Дератизацијата на канализациони шахти и градска депонија е од суштинско значење за спречување на ширењето на болести и одржување на високи хигиенски стандарди, се вели во соопштението од Општина Македонска Каменица.

Со оваа акција, како што додадоа, ќе се намалат ризиците од појава на штетни инсекти и глодари, кои претставуваат потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.

- Пред почетокот на спроведувањето на оваа мерка, граѓаните благовремено ќе добијат предупредување за ограничено движење во близина на третираните позиции и отворени простори на територијата на Општина Македонска Каменица, додадоа од Општината.

Остани поврзан