• среда, 20 ноември 2024
МИА Општински пул

5 ноември 2024

Росоман - Едно лице загинало на лице место, а три се тешко повредени во сообраќајка што се случила утрово околу 9 часот кај село Рибарци, на регионалниот пат од Кавадарци кон Росоман. Оваа информација ја потврдија за МИА од Итната медицинска помош во Кавадарци.  

- Трите лица се транспортирани до кавадаречката болница, додадоа од Брза помош Кавадарци. 

Од СВР Велес потврдија за МИА дека на лице место се врши увид, по случена сообраќајна несреќа помеѓу две возила.

Тетово - По трет пат е одложено повторното судење по пожарот во тетовската модуларна болница откако на повторно судење го врати Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, а по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Денеска рочиштето се одложи поради отсуство на судијата Јордан Велковски, а судијка која го заменуваше го закажа за 15 јануари 2025 година во 10 часот.

Првиот обид за повторенот судење беше на 26 јуни година 2024 година, па се одложи за 25 септември кога исто така не се одржи јавна расправа.

Апелацискиот суд во април годинава донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

На 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица распиша Јавна набавка за реконструкција на дел од доводниот цевковод за село Луковица и село Тодоровци. Набавката како што соопшти денеска градоначалникот Димчо Атанасовски предвидува градежни работа во должина од 700 метри, со цел подобрување на снабдувањето со чиста и здрава вода за пиење.

-Претходно, преку активности спроведени од ЈП „Камена Река", веќе е реконструиран цевководот во должина од 800 метри. За следната година е планирана реконструкција на преостанатите 1000 метри од водоводот, со што трајно ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето во овие рурални средини. Линк до објавениот оглас за јавна набавка: https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/a25481d0-8d0d-49f6-94aa-5b57f86fe7b5/13, истакна Атанасовски.

Општина Македонска Каменица како што додаде постојано работи на подобрување на квалитетот на условите за живот во сите рурални средини.

-На тој начин придонесуваме за одржлив развој и унапредување на животниот стандард на сите наши сограѓани.
Проценетата вредност за извршување на реконструкцијата на овој доводен цевковод во селата Луковица и Тодоровци изнесува 616.101,69 денари без ДДВ, додаде Атанасовски.

Средствата се обезбедени од буџетот на општина Македонска Каменица.

Скопје - Општина Центар ја започна есенската дератизација на сите јавни површини и јавни објекти на територијата на цела локална самоуправа. Дератизацијата која ја спроведуваат општински служби има за цел да ги уништи штетните глодари, инсекти и да превенира од можна појава на заразни болести. Ова е една од општите мерки кои општината ги презема за заштита на населението од заразни болести во согласност со Програмата за активностите на Општина Центар во областа на здравствената  заштита за 2024 година.

Со дератизацијата ќе бидат опфатени сите шахти на територија на целата општина и акцијата ќе се спроведува во текот на целиот месец. Денеска дератизација се прави во населбите Буњаковец и Маџир Маало.

Дератизација во Општина Центар се врши два пати годишно во пролетниот и есенскиот период. Општина Центар ги известува граѓаните дека при процесот на дератизација се користи препарат од сертифициран производител и кој ја третира популацијата на глодарите. Истиот е издаден со одобрение од Министерство за здравство на Република Северна Македонија, се користи за употреба во јавната хигиена и не претставува опасност за останатиот животински свет.

Скопје - Поради уличен дефект, без вода од 10:40 часот ќе бидат корисниците од улиците 164,166 и 171 во скопската населба Крњево, соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санација на дефектот.

Скопје - Од ЕВН Македонија АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците во општините Карпош, Сопиште, Кисела Вода и Ѓорче Петров.

Во периодот од 09.00 до 13.00 часот, без струја ќе бидат корисниците од ул. „Козле“ од бр.130 до бр.170, во општина Карпош, како и дел од корисниците од ул. „24“ во населба Сопиште. 

Во периодот од 09.00 до 14.00 часот, струја ќе немаат корисниците од улиците „Петар Дељан“ и „Ѓорѓи Сугаре“, како и дел од корисниците лоцирани на бул. „Борис Трајковски“, општина Кисела Вода. 

Без струја во периодот од 12.00 до 14.00 часот, ќе останат дел од корисниците од ул.„Франце Прешерн“, општина Ѓорче Петров. 

Остани поврзан