• петок, 14 март 2025

МЗШВ: Успешно ги завршуваме инфоденовите, ИПАРД караванот беше на 29 локации низ Македонија

МЗШВ: Успешно ги завршуваме инфоденовите, ИПАРД караванот беше на 29 локации низ Македонија

Скопје, 14 март 2025 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека денеска е последен ден од ИПАРД инфокараванот кој се реализираше во изминатите три недели при што биле одржани инфо средби со потенцијални корисници за Mерка 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски средства“ од ИПАРД 3 Програмата (2021-2027), низ сите региони во Македонија.

Како што наведува, тимовите од Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АПРЗЗ) и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) посетиле 29 локации и оти „таргет на инфо караванот“ биле земјоделските региони во  Новаци, Могила, Тетово, Јегуновце, Свети Николе, Велес, Карбинци, Штип, Кавадарци,Тимјаник, Прилеп, Кривогаштани, Босилово, Василево, Конче, Радовиш, Берово, Виница, Неготино (општина Врапчиште), Гостивар, Кочани, Облешево, Велешта, Мислешево, Демир Хисар, Кравари, Куманово, Липково и Петровец.

-Тоа се региони кои имаат развиено децениско земјоделско производство и токму затоа беа посетени од нашите тимови, со цел на сите кои планираат да аплицираат на јавниот повик за мерка 1, да им се објаснат условите и постапката за аплицирање. Се одговорија сите поставени прашања, се што не им беше јасно на идните апликанти беше детално објаснето, сите беа повикани слободно да ги контактираат колегите од АПРЗ за да добијат бесплатна помош за изработка на апликациите. Со ваквата поддршка им овозможуваме на идните апликанти да имаат добро подготвени апликации, а со тоа и успешноста на јавниот повик е загарантирана, информира МЗШВ.

Можноста што ја нуди Мерка 1 преку јавниот повик кој е во тек, посочува Министерството, треба да се искористи особено во селата кои имаат реално земјоделско производство и живеат од тоа. На располагање се 7,4 милиони евра кои треба да бидат инвестирани во домашното земјоделско производство.

-Целта е заедничка, со поддршка на средствата од ИПАРД Програмата (2021-2027), заедно да го модернизираме домашното производство со нова современа земјоделска и приклучна механизација за производство и постбербени активности, нови или реконструирани фарми или помошни објекти, инвестиции во производство на енергија од обновливи извори, како и инвестиции во преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на фарма, се наведува во сопштението. 

Инфо караванот завршува денеска на средба во Петровец, со почеток во 14 часот, во просториите на општинската зграда Петровец.

МЗШВ ги потсетува сите заинтересирани корисници дека јавниот повик 01/2025 истекува на 29 март и посочува дека има доволно време да се подготват апликациите и навремено да се поднесат до Платежната агенција.

Иако инфо деновите завршуваат денеска, тимовите од институциите и понатаму ќе бидат достапни за прашања и консултации. За таа цел МЗШВ ги наведува веб-страниците и телефонските броеви:

Тело за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – https://ipard.gov.mk или 02/3134-477 локал 113, 114 и 115,

Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – http://www.ipardpa.gov.mk или на 02/3097-460 и 070/229-434 (сектор за одобрување на проекти), 070/229-328 (сектор за одобрување на исплати),

Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството – http://agencija.gov.mk/ или на 047/228-330 и 047/228-370. хс/са/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан