• понеделник, 23 декември 2024

Меџити: Северна Македонија постигна голем напредок во справување со антимикробната резистенција

Меџити: Северна Македонија постигна голем напредок во справување со антимикробната резистенција

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) - Северна Македонија постигна голем напредок во овој напор за справување со антимикробната резистенција, меѓутоа аспектот на „Едно здравје“ за превенција и контрола на антимикробната резистенција треба дополнително да се развива, а патоказот ќе обезбеди насоки за ова, истакнал министерот Фатмир Меџити во рамки на 73-та сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа (RC73).

Како што пренесуваат од Министерството за здравство, на Регионалниот комитет кој се одржува од 24-26 октомври 2023 година во Астана, Казахстан, министерот за здравство се обратил на денешната сесија на тема Патоказот за антимикробна отпорност за европскиот регион на СЗО 2023-2030 во Северна Македонија.

Тој посочил дека фокусот ќе биде ставен и на надзорот на антимикробната резистенција во рамките на Системот за управување со лабораториски информации (LIMS) што се развива со поддршка на СЗО.

- Приоритет ќе бидат образовните иницијативи насочени кон здравствените работници, пациентите и јавноста за промовирање на одговорна употреба на антибиотици. Ова вклучува примена на претпазливи практики на препишување и обезбедување достапност на алтернативи на антибиотици кога е соодветно. Ќе работиме и на зајакнување на мерките за превенција и контрола на инфекции во здравствените установи за да се намали ширењето на резистентни инфекции, фокусирајќи се на градење капацитети за здравствените работници, рекол министерот, стои во соопштението.

Воедно, потенцирал дека поддршката на Светската здравствена организација е непроценлива во напорите за справување со антимикробната отпорност, како и споделувањето на најдобрите практики, искуства и научени лекции во спроведување на патоказот меѓу земјите од балканскиот регион. ар/цр

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан