• понеделник, 23 декември 2024

Меџити и Лимани разговараа за децентрализацијата и проектите на општините

Меџити и Лимани разговараа за децентрализацијата и проектите на општините

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и в.д. градоначалник на општина Гостивар, Валбон Лимани денеска разговарале како Владата може да го помогне процесот на децентрализација и реализацијата на општнските проекти.

- Разговаравме за конкретни проекти. Ќе помогнеме да заврши проектот за фекална канализација Блок 21, што е многу битен за граѓаните на Гостивар. Исто така, да продолжи битен проект, за селото Чегране, што е најголемото село на ниво на Република Македонија. Тоа е проект за што се потребни 1,3 милион евра, каде ние ќе помогнеме, а главниот збор го има општината, информираше Меџити по средбата во Министерството за животна средина  и просторно планирање.

Оваа Влада, додаде тој, во овој мандат ќе дели милијарда евра за капитални проекти по општините, каде секоја општина ќе добие по број на жители по утврдена методологија. Министерот рече дека се тука да помогнат и во подготовките и во реализација на проекти и иницијативи во интерес на граѓаните.

- Разговаравме и за процесот на децентрализација како да зајакне, како да се одвива, тука е наредна фаза на фискална децентрализација што ќе помогне Македонија да не биде последна во регионот како нецентрализирана. Разговаравме и околу блок акциите за образование и за друго, каде платите се покачени, блок дотациите одат само за плати не остануваат само за транспорт, а уште помалку за капитални инвестиции во образование по општините, рече Меџити.

Тој најави дека ваквите состаноци ќе бидат почести, сѐ со цел за подобра реализација на добри проекти во интерес на граѓаните.

Гостиварскиот градоначалник Лимани посочи дека станало збор за проблемите со што се соочуваат општините, за планираните проекти на општината, како и помошта што може да ја добијат од МЖСПП.

- Исто така, сега во својство на прв вицепремиер, разговаравме за проектите што ги има предвидено Владата, повиците што ќе бидат овој месец и наредната година и што ќе се осврнат на капиталните инвестиции низ општините. Но, и околу тековните проблеми на општините што се поврзани со блок дотациите што ни доаѓаат од Министерството за образование и наука, од Министерството за одбрана, но и другите проблеми со што се соочуваме ние, како и нашите граѓани, во однос на животната средина, во однос на поквалитетниот воздух, но и во однос на подземната инфраструктура, нагласи градоначалникот Лимани. бд/лв/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан