Меѓународниот балкански универзитет има над 2000 дипломирани, идната година ќе одбележи 20-годишен јубилеј
- Меѓународниот балкански универзитет очекува да има најмногу дипломирани оваа година од неговото основање во 2006 година. Во пресрет на 20-годишниот јубилеј од постоењето наредната година, овој приватен универзитетот во Скопје, на кој повеќе од половината студенти се од странство, ги претстави новите проекти и условите за студирање.
Скопје, 3 декември 2025 (МИА) – Меѓународниот балкански универзитет очекува да има најмногу дипломирани оваа година од неговото основање во 2006 година. Во пресрет на 20-годишниот јубилеј од постоењето наредната година, овој приватен универзитет во Скопје, на кој повеќе од половината студенти се од странство, ги претстави новите проекти и условите за студирање.
МБУ се простира на модерен кампус со површина поголема од 50 000 квадратни метри, обезбедувајќи меѓу најсеопфатните академски средини во регионот. Во рамки на Универзитетот функционираат осум факултети, една висока стручна школа и еден јазичен центар. Академското портфолио на МБУ опфаќа 26 додипломски, 24 постдипломски и девет докторски програми. Студентите имаат можност да изберат меѓу над 1000 предмети. Од основањето на МБУ, бројот на дипломирани надминува 2000.

Ректорот Лутфи Сунар на средба со медиумите истакна дека истражувањето и иновациите се стратешки приоритети на Универзитетот. Наведе голем број проекти и процеси почнати на Универзитето, отворените центри во составот на оваа институција. МБУ има амфитеатар за летните семестри, стратегија за енергетската одржливост, центар за софтверско инженерство, центар за иновации, центар за економски и финансиски истражувања – наменети за практична работа на студентите, но и за обуки на кадар од компаниите. Посочи и на проектот за технолошки парк, во соработка со Техничкиот универзитет Yildiz од Турција.
Универзитетот има современа библиотека, лаборатории, како и Стоматолошка поликлиника која интегрира настава и клинички услуги за пациенти.
Минатиот месец Универзитетот го отвори и модерниот спортски комплекс во состав на кампусот – Balkan Sports Park, каде што се организираат турнири меѓу нивните студенти кои во иднина, рече Сунар, би можеле да бидат и интеруниверзитетски.

- Една од највпечатливите предности е современата инфраструктура која го поддржува модерниот пристап кон едукацијата. Универзитетот е најдобро опремен што се покажува и на сите домашни и меѓународни рангирања. Има 273 вработени во академскиот кадар и околу сто во административниот. На нашиот Универзитет 55 отсто од запишаните се странски студенти кои доаѓаат од Балканот, но и од подалечни земји, рече Сунар.
Квалитетот на образованието не произлегува само од инфраструктурата, туку и преку меѓународната признаеност, така што дипломите се признати на ниво на целата Европска Унија. Сунар нагласи и дека транспарентноста и отчетноста им се исто така начин на работа и дека јавно се достапни сите извештаи и информации поврзани со Универзитетот. хс/вг/
Фото: МИА