Меѓународна агенција за енергија: Геотермалната енергија би можела да покрие 15 отсто од глобалната побарувачка на електрична енергија до 2050 година
- Геотермалната енергија, или обновливата енергија од природната топлина на подземните слоеви на планетата, има светла иднина да ги задоволи растечките потреби за електрична енергија ширум светот, проценува Меѓународната агенција за енергија во извештај, цитиран од светските агенции, кој исто така ги охрабрува нафтените компании да инвестираат во оваа област.
Виена, 13 декември 2024 (МИА) - Геотермалната енергија, или обновливата енергија од природната топлина на подземните слоеви на планетата, има светла иднина да ги задоволи растечките потреби за електрична енергија ширум светот, проценува Меѓународната агенција за енергија во извештај, цитиран од светските агенции, кој исто така ги охрабрува нафтените компании да инвестираат во оваа област.
Во извештај, насловен „Иднината на геотермалната енергија“ и објавен денеска, Меѓународната агенција за енергија напиша дека геотермалната енергија би можела да покрие 15 отсто од зголемувањето на глобалната побарувачка на електрична енергија до 2050 година, доколку цената на проектите продолжи да се намалува.
Досега, сепак, само еден процент од светската потрошувачка на електрична енергија доаѓа од геотермална енергија, наведува Меѓународната агенција за енергија.
Севкупно, енергијата извлечена од утробата на земјата би можела да обезбеди до 800 гигавати електрична енергија на планетата, исто колку и потрошувачката на САД и Индија, од 15 гигавати во моментов.
За да се постигне ова ниво, техниките на дупчење што ги користи индустријата за нафта и гас може да се користат во комбинација со нови технологии, така што геотермалната енергија не е резервирана само за области со вулканска или тектонска активност, како што е случајот во моментов, пишува Меѓународната агенција за енергија во извештајот. рп/
Фото: МИА архива