• среда, 25 декември 2024

Меѓународен ден на среќата - да се биде среќен е прашање на избор, но и општествена клима

Меѓународен ден на среќата - да се биде среќен е прашање на избор, но и општествена клима
Скопје, 20 март 2022 (МИА) – Меѓународниот ден на среќата се слави низ целиот свет на 20 март. Основан е од Генералното собрание на Обединетите нации на 28 јуни 2012 година и има цел да ги натера луѓето од целиот свет да ја сфатат важноста на среќата во нивниот живот. Научните докази сугерираат дека да се биде среќен може да има големи за здравјето на човекот. За почеток, да се биде среќен промовира здрав начин на живот. Може да помогне и во борбата против стресот, да го зајакне имунолошки систем, да го заштити срце и да ја намали болката, а дури и да го зголеми нашиот животен век. Според Светскиот извештај за среќа Република Северна Македонија се наоѓа на 92-то место од 146 земји. Од нашите соседни држави, најдобар пласман има Србија, која се наоѓа на 47 место, потоа Грција на 67 место и Бугарија на 86 место. Албанија е едно место пред нас, односно на место број 91, додека, зад нас, на 93 место, се наоѓа Гана. Овој извештај користи статистичка анализа со еопфатни податоци од анкетата на „Галуп Интернешнал“ од 149 земји во последните три години, конкретно, следејќи ги перформансите во шест одредени категории: бруто-домашен производ по глава на жител, социјална поддршка, здрав животен век, слобода да правиш сопствен животен избор, великодушноста на општата популација и перцепциите за внатрешните и надворешните нивоа на корупција. Според сето ова, извештајот за 2021 година заклучи дека Финска е најсреќната земја во светот, по што следат Данска, Швајцарија, Исланд, Холандија, Норвешка и Шведска.  Најнесреќната земја во светот за 2021 година беше Авганистан, чие рангирање на 149-то место, според извештајот, може делумно да се припише на ниската стапка на очекуваниот животен век и ниските стапки на бруто-домашниот производ по глава на жител. Среќата е миг, но и субјективна благосостојба Психологијата среќата ја дефинира како состојба на емоционална благосостојба која личноста ја доживува или во потесна смисла, кога добрите работи се случуваат во одреден момент, или пошироко, како позитивна оценка на нечиј живот и достигнувања во целина, односно, субјективна благосостојба. Катерина Ангелковска, автор и тренер за личен развој, вели дека среќата е совршен еквилибриум на ментален, емоционален, физички и спиритуален баланс. Според неа, општеството не влијае на среќата, но влијае на мирот и спокојот во однос на средината во која живееме. - Доколку не оставил партнерот, сме добиле отказ од работа, некој не повредил, како може да очекуваме дека општеството ќе влијае на нашата среќа. Општеството не влијае на мојата среќа, но општеството може да влијае на мојот мир и спокој во однос на средината во која живеам. Општеството е само една нишка во процесот на мојата среќа и тоа е надворешен. Општеството треба да се погрижи да ми помогне во мојот баланс и да ми овозможи здрава и безбедна средина во која ќе егзистирам. Но општеството не е главната „карика“ на мојата среќа, смета таа, дополнувајќи дека среќата е личен избор. Ангелковска споделува пет правила за среќа, помеѓу кои е она среќата да биде топ приоритет во нашиот живот. - Ние имаме многу приоритети како во секојдневјето така и за поголемите прашања во животот, но, немаме еден главен приоритет. Вообичаено луѓето велат„немам време за среќа“. Мора да се платат сметки, треба да бидеме во состојба на преживување секој ден, велат животот е борба, и затоа многу луѓе се чувствуваат изморено, депресивно, тажно, анксиозно, а тоа е затоа што не ја ставаат среќата на тронот, на местото каде што треба и да биде. Потребно е да додадеме вредност на среќата, посочува таа. Физичкото здравје и правилната исхрана се дел од правилата кои таа во изјава за МИА ги наведе. - Дали внесуваме во нашето тело повеќе жива и свежа храна или повеќе конзервирана храна. Дали пиеме доволно вода. Дали го движиме телото, односно дали вежбаме,  дали можеби практикуваме јога, фитнес, планинариме, танцуваме и слично. Нашето физичко здравје има сериозно влијание на нашата среќа. Истовремено како се однесуваме кон нашето тело покажува дали и колку се почитуваме и сакаме себеси, смета таа. Таа го наведува отпуштањето како трето правило, посочувајќи го како начин да ги оставиме работите да бидат, прифаќајќи ги онакви какви што се. „Секогаш кога испуштаме здив правиме простор за следен здив“ вели таа, дополнувајќи дека отпуштањето може да ни помогне да негуваме внатрешна свест и стабилност. Негувањето на детето во нас и благодарноста ги истакнува како неизоставен дел во рецептот за среќа. Среќата се наоѓа во нас, потребно е само да ја пронајдеме Харвардските научни истражувања покажуваат дека луѓето ја бараат среќата, па затоа многумина и не ја наоѓаат, затоа што ја бараат надвор од себе. Ангелковска смета дека среќата е веќе во нас, и порачува да ги пронајдеме „бисерите“ во себе. - Среќата не е нешто кое го бараме надвор од себе, потребно е да ја видиме, дека веќе е тука, ја имаме тука и сега, во нас. Кога одите да ја барате среќата во другите луѓе или пак во различни работи, сигурно ќе ја најдете, но, за кратко. Нема вистински да ја најдете доколку не сте свесни дека веќе ја имате во себе, вели таа. Според неа, мораме да создадеме високи вибрации и да ги праќаме сè почесто во етерот со цел да придонесеме за промена во колективната свест. - Нашата колективна вибрација е причината за тоа што светот секојдневно ни го сервира, и за состојбата во која се наоѓа целиот свет. Целото човештво и целата планета вибрира на одредена фреквенција во согласност со колективната свест. Со цел да спречиме ова да ни влијае, мораме да престанеме да се фокусираме на остатокот од светот. Приодот на промена однадвор навнатре очигледно не функционира. Треба да се фокусираме на нас самите, да се погрижиме да вибрираме на повисока фреквенција. И секој поединец инспириран од сопствената извонредност да даде придонес кон сочувство, мир и љубов, вели таа, посочувајќи дека само вака можеме да почнеме да го менуваме светот. Поминете време со најблиските и обидете се да ги поправите сите врски, бидејќи добрите квалитетни врски се клучни за среќата. Обидете се со програма чекор-по-чекор, каде што секојдневно ќе се среќавате со истомисленици за да си помагате едни на други во преземањето акција и водење поздрав живот. Донирањето, или работењето со добротворна организација која поттикнува добри дела исто така, придонесува кон чувството на среќа. Социјалното вмрежување е уште еден начин за поврзување со другите. Тоа е особено моќна алатка на овој ден, бидејќи ни помага веднаш да ги споделиме и шириме нашите активности, како и радоста што тие ја носат, низ целиот свет На овој ден споделете ја среќата со пријателите и семејството. Одвојувањето време да се забележи и да се цени она за што треба да се биде благодарен, дури и за малите нешта, ќе ги натера луѓето да се чувствуваат посреќни и поисполнети во животот. Размислете да го претворите тоа во секојдневна навика, како што е водење дневник за благодарност, и не заборавајте денеска, а и секој нареден ден среќата да ја гледате во малите работи и мигови. Автори: Ангела Рајчевска и Симона Србиноска ФОТО: Фросина Насковиќ

Остани поврзан