• петок, 06 март 2026

Меѓународен ден на жената: Обединетите нации повикуваат на подобра заштита на жените и децата од родово базирано и семејно насилство

Меѓународен ден на жената: Обединетите нации повикуваат на подобра заштита на жените и децата од родово базирано и семејно насилство

Скопје, 6 март 2026

„Додека Северна Македонија се подготвува да го одбележи Меѓународниот ден на жената 2026, семејството на Обединетите нации во земјата им се придружува на жените, девојчињата, семејствата и заедниците низ земјата – и светот – во повик за иднина каде секоја жена и секое дете ги уживаат своите целосни права, еднаква правда и живот без насилство, дискриминација и страв.
„Годинешното одбележување се случува во сенка на трагичен настан во кој уште два животи беа изгубени како последица на семејно насилство. Оваа трагедија е болен потсетник дека родово базираното и семејното насилство и понатаму остануваат една од најраспространетите и најразорни форми на насилство што ги погодуваат жените и децата.
„Иако е очигледен напредокот на земјата во усогласувањето на законодавството со Истанбулската конвенција, Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за насилство и вознемирување (2019, бр. 190), трагедии како оваа нè потсетуваат дека правните обврски мора да се преточат во реална заштита. Доказите покажуваат дека 45% од жените во Северна Македонија доживеале насилство од интимен партнер, додека пријавувањето останува исклучително ниско – само околу 2% од жените кои преживеале насилство пријавиле во полиција.
„Насилството во домот не е приватна работа – тоа е сериозно кршење на човековите права. Кога жената не е безбедна, ниту децата не се безбедни. Децата што сведочат или доживуваат насилство се соочуваат со доживотни последици врз нивната благосостојба, развој и емоционална сигурност.
„Кога станува збор за заштита на жените и децата од родово базирано и семејно насилство, времето е од суштинско значење. Секое одложување на постапувањето по пријавите ги става жените и децата во поголем ризик и ја поткопува довербата во системите за заштита. Во премногу случаи постапките се одложуваат, а жртвите се враќаат во средини каде насилството се случило, што ја нагласува итната потреба од ефективна и навремена интервенција. Системите за заштита мора да обезбедат сите жени и деца да можат безбедно да пристапат до поддршка, вклучително и оние кои се соочуваат со дополнителни бариери поради преселба, правен статус или зголемена ранливост.
„На овој Меѓународен ден на жената, темата „Права. Правда. Акција за сите жени и девојчиња“ нè повикува сите нас – владите, институциите, заедниците, работодавачите, соседите и семејствата – да дадеме поддршка, внимание, ресурси и дејствување за жените и децата да добијат безбедност, достоинство, правда и надеж. Кога станува збор за родово базирано и семејно насилство, ова значи:
• Да се обезбеди одговорност, да добиеме правда: Системите мора да реагираат брзо и ефикасно на секоја пријава, со што ќе се обезбеди жените и децата да имаат доверба дека службите за заштита ќе соодветно постапат.
• Да посветиме внимание, да добиеме рана превенција: Раното препознавање на ризиците преку училиштата, здравствените центри, социјалните служби, полицијата и заедниците може да спречи штета пред да ескалира случајот.
• Да дадеме заштита, да добиеме безбедност: На жените и децата им се потребни безбедни засолништа за итно сместување, но потребни се поголеми напори насочени кон отстранување на сторителите, нивно повикување на одговорност и работа со нив за спречување идни случаи. Жените и децата исто така имаат потреба од услуги за поддршка, правна помош и навремен институционален одговор.
• Да се инвестира, да добиеме посилни услуги: Добро финансирани и зајакнати социјални служби се клучни - со стручен кадар кој е обучен, опремен и поддржан да ги штити жените и децата.
• Да дадеме поддршка, да добиеме посилни семејства и заедници: Програми за позитивно родителство, родова еднаквост и ненасилни односи менуваат норми и долгорочно го намалуваат насилството.
• Да охрабриме, да добиеме општествена промена: Солидарноста во заедницата, јавното осудување на насилството и застапувањето за безбедноста на жените ја менуваат културата и спречуваат злоупотреба.
• Да креираме ресторативни програми, да добиеме трајна промена: Одговорноста на сторителите мора да оди рака под рака со програми за промена на однесување, управување со гнев и едукација за родово базирано насилство.
• Да дадеме еднакви можности, да добиеме просперитетна економија: Економското зајакнување на жените и пристапот до квалитетна работа, домување и услуги за грижа се конкретни инвестиции за стабилни услови и идни генерации.
• Да создадеме еднаквост во општествените нормите, да добиеме почит и безбедност: Справувањето со родовите стереотипи и штетните општествени норми е клучно за спречување на насилството. Преку образование, медиуми и вклучување на заедницата, општествата можат да промовираат еднаквост, да се спротистават на дискриминацијата и да градат односи засновани на почит и заедничка одговорност.
„Семејството на ОН во Северна Македонија изразува солидарност со сите жени и деца во земјата. Остануваме посветени на поддршка на националните власти, институции и заедници за зајакнување на системите за превенција, заштита и одговор – за да се осигураме дека ниту една жена и ниту едно дете нема да живее во страв.
„Овој Меѓународен ден на жената, да се заложиме за општество каде секоја жена и секое дете се безбедни, заштитени и почитувани – дома, во училиштето и во заедницата.“

Заедничка изјава на телата на Обединетите нации во Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан