Местоположбата на Струга помага за пониски концентрации на ПМ честички во воздухот, но често се над дозволеното
- Според него, квалитетот на воздухот во Струга некои денови е на незавидно ниво, а ПМ2.5 честичките достигнуваа два до четири пати над дозволената граница. Мерните станици во Струга, изминатиот викенд, кога градот беше зафатен од густа магла покажуваа вредности меѓу 180 и 220 микрограми ПМ2.5 честички.
Струга, 28 јануари 2025 (МИА) - Вистинска среќа е што местоположбата на Струга и Охрид е таква што струењето на воздухот од север, во попладневните часови и во текот на ноќта, не дозволуваат високи концентрации на ПМ честичките, смета Никола Кукунеш асистент на проектот „Воздухот на граѓаните“.
Според него, квалитетот на воздухот во Струга некои денови е на незавидно ниво, а ПМ2.5 честичките достигнуваа два до четири пати над дозволената граница. Мерните станици во Струга, изминатиот викенд, кога градот беше зафатен од густа магла покажуваа вредности меѓу 180 и 220 микрограми ПМ2.5 честички.
- Но, во денови кога нема нормално струење, кога процентот на влажност на воздухот е повисока и кога воздушниот притисок е низок сфаќаме дека нивото на загаденост е иста како во поголемите градови и неколку пати ги надминува максимално дозволените вредности. Таков беше случајот и пред неколку дена кога маглата и слабото воздушно струење придонесоа ПМ2.5 честичките да скокнат два до четири пати над максимално дозволената граница, вели Кукунеш.
До загадувањето, нагласува, доаѓа од загревањето на домовите со огревно дрво, со ќиумур и со фосилни горива.
- Сите идни планови за намалувањето на загадувањето на воздухот ќе треба да нудат алтернативни начини на греење. Со оглед на ниската економската моќ на граѓаните своја стратегија ќе треба да понудат и локалната и централната власт, смета Кукунеш.
Дека најголеми загадувачи на воздухот во Струга се сообраќајот во летниот и согорувањето на огревното дрво во зимскиот период покажаа и анализите во лабораторијата при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип направени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“.
Квалитетот на воздухот во Струга прв пат почна да се мери од декември 2023 година со поставување мерна станица во средното училиште „Нико Нестор“ преку проект на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Потоа беа поставени уште 20 мерни уреди за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух, во рамките на проектот „Воздухот на граѓаните“ што го реализира ИПО „Крсте Јон“, како дел од проектот „Справување со загадување на воздухот“, кој е дел од програмската рамка на УНДП, финансиран од Шведска.сс/са/
Фото: МИА архива