Мерц призна дека соработувале со АфД за построги миграциски закони, но отфрли можност тие да бидат дел од негова владина коалиција
- - Нема да има соработка меѓу ЦДУ и АфД, ниту сега, ниту во иднина, изјави кандидатот за канцелар од редовите на конзервативците.

Берлин, 19 февруари 2025 (МИА) - Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц, призна дека неговата партија гласала за нов закон за миграција со поддршка на екстремно-десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД), иако претходно ветил дека нема да соработуваат со неа.
- Свесен сум дека ова беше отстапување од договорот со останатите владејачки партии, изјави Мерц на изборен митинг во Потсдам.
Мерц, кој е лидер на Христијанско-демократската унија (CDU) и кандидат за канцелар на конзервативниот блок, претходно им вети на социјалдемократите (SPD) и Зелените дека ќе носи одлуки исклучиво со нив, за да не создаде мнозинство со АфД – партија која другите партии ја одбиваат поради екстремизам.
Во ноември, по излегувањето на либералите од владата, се распадна „семафор коалицијата“ во Германија, оставајќи ги СПД и Зелените како единствени владејачки партии. Сепак, Мерц ги искористи гласовите на АфД за да изгласа закон за построга миграциона политика.
Како оправдување за оваа одлука, тој посочи на два неодамнешни насилни напади во Германија што ги извршиле мигранти. - Но, потоа се случија Магдебург и Ашфенбург, рече тој. Во декември, маж од Саудиска Арабија уби шест лица и повреди речиси 300 на божиќен пазар во Магдебург. Во Ашфенбург, Авганистанец е главен осомничен за напад со нож во кој загинаа две лица.
Мерц, сепак, инсистира дека, ако стане канцелар по изборите на 23 февруари, нема да има никаква соработка со АфД.
- Нема да има соработка меѓу ЦДУ и АфД, ниту сега, ниту во иднина, изјави кандидатот за канцелар од редовите на конзервативците. ссм/
фото: артхива