• вторник, 16 декември 2025

Мерц: Планот за користење на руски државни средства за Украина мора да успее

Мерц: Планот за користење на руски државни средства за Украина мора да успее

Берлин, 15 декември 2025 (МИА) - Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на итно усвојување одлука на претстојниот самит на ЕУ во врска со користењето на руските државни средства замрзнати во Европската Унија за помош на Украина.

На Германско-украинскиот економски форум во Берлин, конзервативниот германски лидер зборуваше за ова „клучно прашање“ за ЕУ.  - Мораме да го решиме на таков начин што сите ќе учествуваат, и сите европски држави ќе го сносат истиот ризик, вели Мерц. Тој предупреди дека неуспехот би предизвикал значителна штета.

Белгија во моментов го блокира планот бидејќи стравува дека законски ќе биде одговорна за средствата, од кои најголемиот дел се наоѓаат во белгиски банки, а Унгарија, исто така, изрази противење од други причини.

Мерц не штедеше зборови за последиците од потенцијалниот неуспех да се постигне договор.

- Ако не успееме, тогаш способноста на оваа Европска Унија да дејствува ќе биде масовно оштетена со години, ако не и за подолг период, а не само кратко. Ќе му покажеме на светот дека во таков одлучувачки час од нашата историја, не сме способни да застанеме заедно и да дејствуваме за заеднички да го одбраниме сопствениот политички поредок на овој европски континент, рече Мерц.

Германскиот канцелар потсети на нападите врз цивилната инфраструктура
Останува задача на Европа да ја поддржи Украина во нејзината одбранбена борба, рече Мерц.

- Москва продолжува да ја води оваа војна на бојното поле и покрај тековните разговори, рече тој. Канцеларот додаде дека тоа го покажуваат и бруталните напади на Русија врз цивилната инфраструктура, кои Украина ги доживува на почетокот на четвртата воена зима. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан