• понеделник, 23 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мерсие: ЕК навремено ќе даде свое мислење за договорот меѓу Црна Гора и ОАЕ 

Мерсие: ЕК навремено ќе даде свое мислење за договорот меѓу Црна Гора и ОАЕ 

Брисел, 16 април 2025 (МИА) - Европската комисија може да даде мислење за усогласеност на содржината на некој документ со законодавството на ЕУ, вклучително и за Договорот за соработка во областа на туризмот и изградбата на недвижности што Црна Гора го потпиша со Обединетите Арапски Емирати, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие. 

Ваквата изјава на Мерсие претставуваше одговор на новинарско прашање дали еврокомесарката за проширување Марта Кос примила писмо од црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, со кое се бара Европската комисија да го преиспита Договорот што Црна Гора го склучи со Обединетите Арапски Емирати, како и дали ЕК планира проценка на Спогодбата уште пред таа да биде ратификувана од црногорското Собрание.  

- Она што можеме да го кажете е дека очигледно го имаме предвид Договорот за соработка во областа на туризмот и изградбата на недвижности што Црна Гора го потпиша со Обединетите Арапски Емирати. Можеме да го потврдиме приемот на писмото и ќе одговориме навремено, додаде Мерсие. 

Еврокомесарката Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА го спомена овој Договор на Црна Гора со ОАЕ во контекст на одговор поврзан со обидите на трети земји за влијание во Западниот Балкан, потенцирајќи дека тие ја користат ситуацијата што државите од регионот се отворени за инвестиции од странство.   

- И сега имаме случај кога Црна Гора потпиша договор со Обединетите Арапски Емирати, кои имаат тенденција да инвестираат доста во земјата, а ние, се разбира, следиме што се случува на ова поле, рече Кос. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан