• вторник, 24 декември 2024

Меркел: Пандемиската ситуација во Германија е драматична, потребни се нови мерки

Меркел: Пандемиската ситуација во Германија е драматична, потребни се нови мерки
Берлин, 17 ноември 2021 (МИА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја нарече драматична актуелната епидемиолошка состојба во Германија и побара од идната влада да ја продолжи епидемиолошката вонредна состојба, што дава правна основа за воведување мерки против пандемијата.
„Актуелната пандемиска ситуација во Германија е драматична. Четвртиот бран со полна сила ја погодува нашата земја“, рече премиерката на техничката влада Ангела Меркел, обраќајќи им се на учесниците на конференцијата на Сојузот на германските градови преку видеоврска.
Меркел, која ќе ја извршува функцијата канцелар до инаугурацијата на новата влада, од утрешната средба очекува воведување на индексот на оптоварување на болниците како нов показател за воведување мерки.
Таа апелира и до новото мнозинство во Бундестагот да не ја укинува т.н. епидемиолошка вонредна состојба, мерка воведена на почетокот на годината која им овозможува на федералните власти да воведат мерки против пандемијата кои важат во сите сојузни држави.
Новата веројатна идна влада на СПД, Зелените и Либералите следната недела, според најавите, ќе ја укине ваквата состојба и како замена ќе воведе промена во законот за борба против инфекции, со што би се овозможило воведување поблаги мерки.
Воедно, Постојаната комисија за вакцини најавува усвојување препорака за дополнителна вакцинација на т.н. „бустер“, за сите граѓани над 18 години.
Здруженијата на лекари се противат и бараат да се одредат приоритетни групи, посочувајќи дека голем дел од лицата постари од 60 години се уште не ја примиле дополнителната вакцина.
Државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ во средата повторно постави нови рекордни вредности со 52.826 новозаразени. Според Институтот, има 13.150 случаи повеќе од пред една недела.
Седумдневната инциденца се искачи на рекордно високо ниво од 319,5.
Во земјата починаа уште 294 лица, а вкупниот број починати од последиците на инфекцијата се зголеми на 98.274. паг/
   

Остани поврзан