• сабота, 23 ноември 2024

Мексиканските дипломати го напуштија Еквадор поради упадот на еквадорската полиција во амбасадата

Мексиканските дипломати го напуштија Еквадор поради упадот на еквадорската полиција во амбасадата

Кито, 8 април 2024 (МИА) – Мексиканскиот дипломатски персонал во Кито денеска го напушти Еквадор, два дена откако полициската рација во мексиканската амбасада предизвика прекин на дипломатските односи меѓу двете земји и меѓународна осуда.

- Нашиот дипломатски персонал остава сè зад себе во Еквадор и се враќа дома со кренати глави … по нападот на нашата амбасада, напиша на Х мексиканската министерка за надворешни работи Алисија Барсена.

Дипломатите и членовите на нивните семејства се качија на комерцијален лет откако на аеродромот беа придружувани од амбасадорите на Германија, Панама, Куба и Хондурас, соопшти Министерството.

Упадот на еквадорската полиција во мексиканската амбасада пред два дена со цел да го уапси Хорхе Глас, поранешниот потпретседател на Еквадор обвинет за корупција, кој се засолни таму, предизвика многу критики во светот.

Поради упадот, Мексико објави дека ги прекинува дипломатските односи со Еквадор, по што следеше и прекин на односите на Никарагва со таа земја.

Упадот го осудија левичарските влади на Латинска Америка од Бразил до Венецуела, преку Чиле, па дури и Аргентина на ултралибералниот претседател Хавиер Милеи, а исто така беше осудена и од Организацијата на американските држави, Европската унија и Шпанија.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази „аларм“, оценувајќи дека секое нарушување на дипломатската средина го доведува во прашање продолжувањето на нормалните дипломатски односи“, рече неговиот портпарол.

САД го осудија секое прекршување на Виенската конвенција за дипломатски односи и ги повикаа Мексико и Еквадор да ги решат своите спорови во согласност со меѓународните норми. Според Виенската конвенција од 1961 година, амбасадите и конзулатите се неповредливи.

Претседателката на Хондурас Ксиомара Кастро, која е привремен претседавач со Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите за денеска свика итен состанок.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор го осуди „флагрантното кршење на меѓународното право и суверенитетот на Мексико“ и рече дека неговата земја планира да го поднесе случајот пред Меѓународниот суд на правдата.

Еквадорската полиција насилно упадна во мексиканската амбасада во главниот град Кито и го уапси поранешниот потпретседател на Еквадор, Хорхе Глас, кој побара политички азил, а рацијата ги затегна односите меѓу двете земји.

Глас во Еквадор се соочува со обвинувања за корупција, мито и други незаконски активности.

- Еквадор е суверена држава и нема да дозволиме ниту еден криминалец да остане на слобода, се наведува претходно во соопштението од кабинетот на претседателот на Еквадор.

Според владини извори, Глас вчера бил префрлен во затвор со висок степен на обезбедување во југоисточниот дел на Еквадор.

Во петокот, Мексико му даде азил на Глас, кој беше во неговата амбасада во Кито од 17 декември и против него беше издаден налог за апсење поради наводна корупција.

Кито ја нарече таа одлука „незаконска“ и ја осуди „злоупотребата на имунитетот и привилегиите“ дадени од амбасадата и мешањето во внатрешните работи на Еквадор. јт/

Остани поврзан