• сабота, 23 ноември 2024

Мексиканскиот Сенат усвои реформа на правосудството и покрај жестоките протести

Мексиканскиот Сенат усвои реформа на правосудството и покрај жестоките протести

Мексико Сити, 11 септември 2024 (МИА) - Мексиканскиот Сенат денеска одобри сèопфатна реформа на правосудството, која вклучува директен избор на повеќе од 6500 судии, вклучувајќи го и Врховниот суд, со гласање на народот. Оваа реформа е предмет на жестоки критики поради можноста да го загрози владеењето на правото и да нанесе штета на економијата.

На маратонска, 12-часовна седница, која беше прекината поради упад на демонстранти во зградата на Сенатот, владејачката партија Морена и нејзините сојузници обезбедија две третини од гласовите потребни за усвојување на реформата, која предизвика протести и штрајк на вработените во правосудството.

- Ова е доказ дека Мексиканците не се задоволни од работата на парламентот, бидејќи никој не го слуша народот. Нашите странски партнери, исто така, се загрижени дека новиот закон може да го загрози трговскиот пакт меѓу Мексико, САД и Канада, изјави лидерот на опозицијата Марко Кортес.

Реформата беше предложена од левичарскиот претседател во заминување, Андрес Мануел Лопез Обрадор, и предвидува намалување на бројот на судии во Врховниот суд од 11 на 9, скратување на нивниот мандат на 12 години и намалување на потребното работно искуство од 10 на 5 години.

Реформата беше поддржана од 86 сенатори, додека 41 се против. Таа ќе стапи во сила по објавувањето во Службен весник на Мексико. ссм/

фото: ЕПА/ЕФЕ

Остани поврзан