• понеделник, 16 декември 2024

Медиумите во ЕУ известуваат за различни идеи околу безбедносните гаранции за Украина пред состанокот на министрите на НАТО

Медиумите во ЕУ известуваат за различни идеи околу безбедносните гаранции за Украина пред состанокот на министрите на НАТО

Брисел, 3 декември 2024 (МИА) - Многу медиуми и аналитичари во Европската унија известуваат дека повеќето европски членки имаат различни идеи за безбедносните гаранции за Украина, за што денеска и утре ќе разговараат шефовите на дипломатијата на НАТО, пренесе Бета.

Новата шефица на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, за време на нејзината прва посета на Киев рече дека Европската унија мора да му помага на Киев „колку што е потребно“ за „Украина да ја добие војната“ и дека наводно некои членки на Унијата се подготвени да испратат војници во Украина.

Францускиот весник „Монд“ наведува дека „Европејците бараат други решенија освен ставање под заштита на НАТО на деловите на Украина кои не беа окупирани од руските војници“, а тоа го потврдува и до неодамна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој подвлекува дека има „други опции за вооружување и поддршка на Украинците“.

„Монд“ додава дека „дипломатите во НАТО со месеци сугерираат дека има мали шанси Украина да добие покана за членство во оваа воена организација... неколку членки на Атлантската алијанса, вклучувајќи ги Америка и Германија, јасно ставија до знаење дека тие не сакаат да бидат вовлечени во војна со Русија“.

Аналитичарот на германската веб-страница „Тагешау“ истакнува дека „прашањето како да се обезбеди прекин на огнот во Украина се поставува во контекст на претстојната промена на власта во САД“.
„Доналд Трамп, како претседател, би можел да се обиде да ги натера Украина и Русија да преговараат“, истакнува „Тагешау“.

-Украина, додава германскиот сајт, „може да се закани дека ќе ја прекине воената помош во случај на одбивање, додека рускиот претседател Владимир Путин може да биде под притисок да седне на преговарачка маса со закана дека дополнително ќе ја зголеми воената помош за Киев“.

Но, весникот „Вашингтон пост“ пишува дека „многу американски претставници предвидуваат дека во рок од неколку месеци Украина би можела да биде принудена да стапи во преговори со Русија за прекин на војната со откажување од дел од територија“.

Новиот висок претставник на ЕУ, поранешната естонска премиерка, Каја Калас, позната по својот исклучително тврд став кон Москва, признава дека е се потешко да се постигне единство во ЕУ во однос на зајакнувањето на материјалната поддршка за Украина.

-Оваа војна трае веќе некое време и, вели таа, „се потешко е да им се објасни на нашите сограѓани“.

Полскиот неделник „Полска“ пишува дека за Киев „територијалниот интегритет одамна е табу, барем официјално, иако украинските дипломати се согласија дека Донбас и Крим не можат да се обноват во догледна иднина“.

Аналитичарите и медиумите во ЕУ укажуваат дека е јасно дека Киев има големи тешкотии да спречи понатамошно продирање на руските војници, дека на пат е сурова зима, а украинската армија нема доволно персонал и оружје.

И италијанскиот весник „Стампа“ вели дека е „признание дека се заканува уште една зима под бомби, студ и темнина...сега за првпат повеќе од половина Украинци се изјасниле дека се за прекин на огнот и преговори “.

Холандскиот весник „Волкскрант“ заклучува дека „се вели дека Европа сега мора да се подготви да биде многу подиректно вклучена во безбедноста на Украина по мировниот договор“.

Многу медиуми во ЕУ ја пренесоа и изјавата на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров дека во сегашната ситуација Москва не прифаќа прекин на огнот, бидејќи смета дека тоа само ќе им даде време на западните партнери на Киев повеќе да зајакнат со оружје и да се опорави украинската армија.

Во извештаите, пак, се потсетува дека рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека е подготвен да разговара со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за крајот на војната во Украина.

Путин рече дека Киев треба да се откаже од желбата за влез во НАТО, руски извори неофицијално објавија дека Кремљ може да се согласи да го замрзне конфликтот долж линијата на фронтот.

Иако Русија, како што е објаснето, нема да прифати пристап на Украина во НАТО или присуство на војници на НАТО на украинска територија, таа е отворена за разговори за безбедносните гаранции за Киев. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан