МВР: Претреси на три локации во село Гајре, едно лице задржано на информативен разговор за убистото во Тетово
- По издадени наредби од страна на Основен суд Тетово извршени се претреси на три локации во село Гајре, од каде се одземени предмети кои може да бидат корисни за расчистување на настанот, а во Полициска станица Тетово едно лице е задржано на информативен разговор, информираат од МВР, во врска со убиството на улицата „Штипска“ во Тетово.
Скопје, 7 јули 2024 (МИА) - По издадени наредби од страна на Основен суд Тетово извршени се претреси на три локации во село Гајре, од каде се одземени предмети кои може да бидат корисни за расчистување на настанот, а во Полициска станица Тетово едно лице е задржано на информативен разговор, информираат од МВР, во врска со убиството на улицата „Штипска“ во Тетово.
Во врска со настанот во кој на 05.07.2024 во Тетово, едно лице кое било со возило „мерцедес“ пукало кон возило „бмв“ во кое било лицето со иницијали Р.Т.(39), кое од добиените повреди починало, од МВР известуваат дека од страна на МВР - Биро за јавна безбедност се преземени дополнителни мерки за пронаоѓање на лицето за кое постојат основи на сомневање дека е потенцијалниот сторител.
-Целокупните дејствија се преземаат во координација со надлежното Јавно обвинителство, а во целиот случај од првиот момент се вклучени и полициски службеници од Одделот за крим полиција при БЈБ, се вели во соопштението од МВР.
На 5 јули, петок во 20.35 часот било пријавено во тетовската полиција дека на улица „Штипска“, во близина на угостителски објект, едно лице кое било со возило „мерцедес“ пукало кон возило „БМВ“ во кое било лицето со иницијали Р.Т.(39), кое од добиените повреди починало.
По убиството, според информацијата на МВР, бил одржан работен состанок во просториите на СВР Тетово на кој учествувало раководството на СВР Тетово, на криминалистичка полиција, на економски криминал и на полициска станица Тетово, на кој се дадени прецизни насоки за понатамошно постапување. Јавното Обвинителство вчера информираше дека тетовски обвинител дал наредби за обдукција на убиениот, како и за обезбедување на снимки од видеонадзор, а возилото и други траги се подигнати за вештачење. аа/бт/
Фото: МИА архива