• сабота, 23 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Денеска (18.05.2023) на ул.„Јани Лукровски“ во Скопје, полициски службеници од тим потраги од Одделението за криминалистички работи при ЕВР Центар и Бит Пазар го лишиле од слобода Н.Д.(25) од Велес. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба на Основен суд Велес за издржување казна затвор од три години за сторено кривично дело по член 186 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.  

На 17.05.2023 на пат за тетовско Селце, во месноста „Кабаш“, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода В.К.(36) и Ш.Д.(31), двајцата од ова село, затоа што во возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки пренесувале огревно дрво без потребните документи. Извршен бил увид, двајцата се задржани во Полициската станица Тетово, а возилото и дрвата им се одземени и ќе бидат предадени на Шумска полиција. По целосно документирање на случајот ќе следуваат поднесоци.  

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(38) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „измама" по чл.247 од Кривичниот законик. Пријавениот со лажно прикажување на факти довел во заблуда лице од Скопје дека за паричен надомест од 30.000.евра пред надлежните органи ќе му заврши постапка за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со вкупна површина од 13.764 квадратни метри на катастарска парцела во Визбегово. Тој во 2016 година обезбедил лажен документ - Решение за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост стекнато без платен надомест, наводно издадено од Министерството за финансии, Управа за имотно правни работи - Подрачно одделение за првостепена управна постапка Кратово, во кое што било наведено дека поднесеното Барање за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост од оштетениот се уважува и земјиштето во државна сопственост се приватизира. Решението било заверено на нотар и спроведено во Агенцијата за катастар на недвижности на основа на што било издаден имотен лист на име на оштетениот.  

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против О.Н.(26) и М.К.(19), двајцата од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Полициски службеници извршиле контрола во возило „алфа ромео“ со гостиварски регистарски ознаки, со кое се превезувале двајцата, при што кај нив биле пронајдени и одземени амфетамин и марихуана. Исто така, бил извршен и претрес во домот на првопријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.  

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Д.(56) од струшкото село Добовјани, затоа што  во месноста „Манастирец“ на Дебарското Езеро бил затекнат при незаконит риболов, користејќи водна пушка-харпун „Марес“ и метална шипка-вила за риболов.  

На 17.05.2023 во 12.50 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица ги лишиле од слобода Е.А.(40) од Скопје и Т.Н.(52) од Кавадарци, затоа што илегално ја преминале државната граница со Република Грција. Исто така, било констатирано дека од патната исправа на Е.А. недостасуваат неколку страници. За настанот бил запознаен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.      

На 17.05.2023 во периодот од 07.00 до 12.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за првенство на минување, во која вкупно биле откриени и санкционирани 12 прекршоци (ТЕ-10 и ГВ-2), како и 6 други видови прекршоци(ТЕ) поврзани со непочитување на првенство на минување. При контролата, исто така, санкционирани се и 16 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-12 и ГВ-4) за кои биле поднесени соодветни поднесоци.  

На 17.05.2023 вo 19.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на велосипедска патека од бул.„Партизански одреди“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу два велосипеда, управувани од П.В.(32) од Битола и К.П.И.(39) од Богданци. По несреќата, двајцата биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“, каде на К.П.И. му биле констатирани тешки телесни повреди, а на П.В. телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.  

На 18.05.2023 во 00.35 часот во Полициската станица Аеродром, М.В.(49) од Скопје пријавил дека на 17.05.2023 околу 22.00 часот, во близина на угостителски објект на подрачје на Аеродром, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против В.Н.(60) од село Зрновци, кочанско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 18.12.2022, полициски службеници извршиле преглед во патничко возило ,,рено клио“, управувано од пријавениот, при што пронашле и одзеле еднострелно огнено оружје „ТОЗ-63“, калибар 16 мм и куршуми калибар 16 мм. 

На 17.05.2023 во 18.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Н.А.(33) од с.Грчец, скопско, пријавила дека околу 16.45 часот на крстосница на подрачје на Ѓорче Петров, по претходна расправија во сообраќајот, била физички нападната од две женски лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 17.05.2023 во СВР Битола, Л.Ј.(62) од Битола пријавила дека на бул.„1 Мај“ била касната од куче скитник.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Љ.А.(49), В.Б.(23), Н.Т.(19) и А.П.(23), од Свети Николе, Д.Т.(25) од Крива Паланка и С.А.(21) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 23.04.2023 во Свети Николе, пријавените физички ги нападнале В.Д. и С.Д. од Свети Николе и И.Д. од Куманово, при што Љ.А. употребил и дрвен предмет.  

На 17.05.2023 околу 23.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница во с.Волково, скопско, две лица со закана кон вработената одзеле пари од дневниот промет и два мобилни телефона. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 17.05.2023 во СВР Тетово, Е.Ш.(36) од Тетово пријавил дека на улица „Илинденска“ во Тетово бил каснат од куче скитник. 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Н.Т.(43) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,тешка телесна повреда’’. На 08.05.2023, пријавениот кој бил сместен во здравствена установа во Негорци, физички го нападнал М.Н.(56) од Кочани, исто така, сместен во установата.    

На 17.05.2023 во 20.50 часот во СВР Тетово, Г.К.(57) од тетовска Брвеница пријавила дека во селото била касната од куче скитник.  

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан