• среда, 25 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Во 11.10 часот вчера во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.А., на возраст од 24 години, од Куманово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.02.2024 во 16 часот, полициски службеници од СВР Куманово ја лишиле М.С., на возраст од 23 години, од село Длабочица, кривопаланечко. Таа била фатена при обид да изврши кражба во продажен објект во Куманово. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска во 09.10 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Аеродром и Драчево при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.П., на возраст од 37 години, од Штип затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.    

Синоќа во 20.30 часот на улицата „Јадранска магистрала“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Блаце при Регионалниот центар за гранични работи Север, ги привеле О.С., на возраст од 41 година и З.З., на возраст од 53 години, двајцата од Скопје. При преглед во возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал О.С., а сопатник бил З.З., биле пронајдени производи за кои не поседувале никаква документација. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.   

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Н.Ш., на возраст од 30 години, од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. Тој, на 12 февруари околу 22 часот часот во Кичево, физички нападнал полициски службеник кој преземал службени дејствија.

Синоќа во 21.15 часот во Македонска Каменица, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица го лишиле од слобода И.И., на возраст од 46 години, затоа што околу 15.40 часот агресивно се однесувал и упатил закани кон К.Ѓ., на возраст од 26 години, од Македонска Каменица. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.02.2024 во 12.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека во село Батинци, скопско, Н.Д., на возраст од 21 година, од истото село, физички нападнала малолетничка. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во 00.57 часот во СВР Скопје, Б.М. пријавила дека на подрачјето на Карпош била физички нападната од М.С.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Утринава околу 05.50 часот во Полициската станица Демир Хисар било пријавено дека во селото Журче, демирхисарско, настанал пожар во помошна просторија сопственост на З.Р. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Демир Хисар пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен бил увид.

Вчера во 18.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во село Драчево, скопско, со тврд предмет било оштетено стакло од штаб на една политичка партија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 09.20 часот во СВР Велес било пријавено дека во сопствениот дом во населба Рачени во Велес, пронајден бил починат велешанецот Р.А., на возраст од 74 години. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

Рано изутринава во 01.45 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Н.М., на возраст од 47 години од Скопје пријавила дека од домот се оддалечила Ј.А., на возраст од 13 години, која ѝ е доделена на згрижување, а претходно повеќепати се оддалечувала и била враќана. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Рано изутринава во 00.20 часот во СВР Куманово, М.И., на возраст од 28 години, од Куманово пријавила дека на булеварот „ Октомвриска револуција“ била касната од куче скитник.

Вчера во 16.20 часот во Полициската станица Велес, Р.М., на возраст од 47 години од Велес, пријавил дека кај место викано „Јурија“ во Велес бил каснат од куче скитник.

Седумдесетгодишната тетовка В.Ј., вчера во 19.30 часот во СВР Тетово пријавила дека околу 17 часот на улица „Бане Стефановски“ била касната од куче скитник.

Вчера во 13.20 часот во Полициската станица Аеродром, А.А., на возраст од 45 години, од село Инџиково, скопско, пријавил дека на улица „Владимир Комаров“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Т., на возраст од 31 година, од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 07.07.2023 на подрачје на Центар во Скопје, пријавениот од огнено оружје испукал еден куршум кон Љ.К. од Скопје и му нанел прострелна рана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Р., на возраст од 70 години од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудије при тепачка или караница“. На 20.08.2023 во Гостивар, пријавениот со тврд предмет го нападнал К.Р., на возраст од 47 години од Гостивар, по што му се заканил со пиштол.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против М.П., на возраст од 20 години од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На работното место во продажен објект во Свети Николе, пријавената задржала банкарска картичка која ја заборавило лице од Свети Николе, по што во периодот од 11.01.2024 до 16.01.2024 извршила повеќе плаќања, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 5.235 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Л., на возраст од 30 години и Е.С., на возраст од 35 години, двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно претставување“, а второпријавениот и за кривично дело „соизвршителство“. На 01.02.2024, пријавените пресретнале две лица државјани на Република Турција, им се претставиле дека се полициски службеници, по што М.Л. извршил претрес над нив и од едното лице одзел пари, мобилен телефон и патна исправа.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.M., на возраст од 54 години од село Пирок, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија“. На 09.10.2023, при увид во куќата на пријавениот, било констатирано дека во периодот од 09.11.2022 до 09.10.2023 тој преземал електрична енергија и предизвикал материјална штета од 44.274 денари на компанијата која продава електрична енергија.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Д.Т., на возраст од 29 години, од село Куклиш, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 12.11.2023, по вербална расправија, пријавениот физички ја нападнал М.Т. од Струмица, со која претходно бил во врска.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против С.М., на возраст од 48 години, од беровско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 28.10.2023 во семејната куќа, пријавениот физички ја нападнал неговата 46-годишна сопруга и ѝ нанел повреди.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Р., на возраст од 38 години, од гостиварско село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда при вршење на семејно насилство“. На 23.01.2024 во семејната куќа, пријавениот физички ја нападнал неговата 63-годишна мајка и ѝ нанел повреди.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против Џ.И., на возраст од 55 години од селото Градец, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 19.12.2023 во Гостивар,  полициски службеници извршиле контрола на патничко возило, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека вршел јавен превоз на патници без да поседува лиценца издадена од надлежен орган. бд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан