• недела, 21 јули 2024

МВР-билтен (ДПЛ)

МВР-билтен (ДПЛ)

Скопје, 4 јуни 2024 (МИА) На 02.06.2024 во 20.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода И.Ф.(52) од Куманово, додека на 03.06.2024 на Граничен премин Табановце бил задржан С.Ш.(57) од Штип. Тие се сомничат дека на 01.06.2024 измамиле 79 - годишна жена од Куманово за сума од 100.000 денари. Тие ѝ се јавиле на телефон и претставувајќи се како вработени во полиција и ги побарале парите за да помогнат нејзината ќерка да не оди во затвор за наводна сообраќајна несреќа во која учествувала, а во која настрадало дете. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.M.(51) од тетовско Боговиње поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и против Н.А.(73) од истото село поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „помагање на сторител по извршено кривично дело“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 02.06.2024 околу 10.15 часот пред угостителски објект во Боговиње, поради претходно меѓусебно нетрпение, првопријавениот со автоматска пушка испукал еден куршум кон А.Џ.(50) и го усмртил. Набргу, М.М. бил пронајден и лишен од слобода и во неговото возило била пронајдена автоматската пушка со која го сторил делото. Откако првопријавениот го извршил делото, второпријавениот Н.А. од домот на М.М. зел рамка од автоматска пушка со два куршуми и ги сокрил во неговата куќа. Од страна на судија на претходна постапка на првопријавениот му е одредена мерка притвор од 30 дена и бил спроведен во Казнено - поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.

На 03.06.2024 во 19.00 часот на подрачјето на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Гази Баба ги лишиле од слобода Е.А.(23) од Скопје и Б.А.(45) од с.Чифлик, Скопско, постапувајќи по претходна пријава дека истиот ден во кругот на Кванташки пазар во Скопје физички ги нападнале С.И.(30) и Р.И.(27), двајцата од с.Чифлик, при што употребиле тврд предмет и рачка од пиштол. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 03.06.2024 вo 11.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје, пред надвозник од пешачкиот мост, при отворање на врата од патничко возило „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.А.(27) од Скопје, била удрена инвалидска количка управувана од М.Ш.(57) од Скопје. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил М.Ш., констатирани во Градска општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 03.06.2023 во 22.20 часот во СВР Скопје, 68 - годишна жена од скопско село пријавила дека околу 17.00 часот во домот била физички нападната од својот сопруг З.С.(72), кој употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против А.А.(32) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда при вршење семејно насилство“. На 26.04.2024, пријавениот физички ја нападнал неговата поранешна 30 – годишна сопруга и ѝ нанел повреди.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.К. (22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 23.06.2023 во с.Арачиново, Скопско, по претходна расправија со неговата поранешна девојка, пријавениот испукал два куршуми од огнено оружје во воздух.

На 03.06.2024 во 21.30 часот во СВР Скопје, Т.Т.(42) од Скопје пријавила дека околу 21.00 часот во парк на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (04.06.2024) во 00.30 часот во СВР Скопје, Н.Б.(56) од Скопје пријавил дека на 02.06.2024 околу 12.00 часот во с.Визбегово, Скопско, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

Денеска (04.06.2024) во 01.35 часот во СВР Скопје, Л.М.(18) од Скопје пријавил дека на 02.06.2024 околу 22.00 часот на подрачјето на Шуто Оризари бил физички нападнат од С.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Ј. од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „демнење“ и „загрозување на сигурноста“. Пријавениот одреден период следел, вознемирувал и упатувал закани кон женско лице и нејзините родители.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.К.(30) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Во текот на март 2024 година пријавениот упатувал закани кон неговиот 52 – годишен татко.

На 03.06.2024 околу 22.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 02.06.2024 околу 21.30 часот во с.Љубин, Скопско, тројца малолетници од селото физички нападнале друг малолетник од с.Буковиќ, Скопско, при што едниот од нив употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 03.06.2024 во 11.50 часот во СВР Скопје, А.Г.(58) од Скопје пријавил дека околу 11.10 часот на работното место во угостителски објект на подрачјето на Центар, едно лице го нападнало со тврд предмет, додека тој се обидувал да го спречи да му го одземе мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (04.06.2024) во 11.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека во филијала на една банка на бул.„Кузман Јосифовски - Питу“ во Скопје, едно лице со закана со пиштол од вработените одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Љ.В.(61) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“.  На 31.08.2023 на регионален пат Тетово – Јажинце, полициски службеници го затекнале пријавениот додека со возило вршел јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен орган.    

Денеска (04.06.2024) во 10.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, П.С.(67) од Скопје пријавила дека на ул.„Димо Хаџи Димов“ во скопје била касната од куче скитник.

На 03.06.2024 во Полициската станица Кочани, Ј.А.(65) пријавил дека на ул.,,Скопска“ во Кочани бил каснат од куче скитник. мд/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан