• среда, 25 декември 2024

Маја се грижи за бездомни животни во Демир Капија

Маја се грижи за бездомни животни во Демир Капија
Демир Капија, август 2021 (МИА) - Обесено куче, сосед кој пукал во кучето на комшијата, деца кои пуцале картонска кутија со малечки кутренца и им нанеле тешки повреди. Не се ова кадри од филм, туку, за жал, вистински случки во Демир Капија, кои ја згрозуваа јавноста во изминатиот период. Престрашни слики за насилство врз животните. Но, за среќа, во Демир Капија постојат и љубители на животните. Маја Пандова е млада жена која голем дел од своето време посветува на хранење, згрижување, лекување и вдомување на бездомни животни, кучиња и мачки во Демир Капија. Имала и по 25 мачиња, сега чува 12. - Најверојатно станува збор за вродена црта во моите личност и карактер. Љубовта кон животните ја имам уште од мали нозе. Растена сум со многу животни. Мислам дека ми е вродена таа љубов кон нив. Моите родители можеби се „главните виновници” за таа љубов. Како активизам, таа моја особена грижа кон бездомните животни, започна пред четири години. А особено околу три ипол години, целосно сум посветена на заштита на бездомните животни. Многу, многу ги сакам. Мојата љубов кон животните ја пренесов и на моите пријатели. Помош и поддршка имам од родителите. Кога бројката на животни на кои им е потребна помош е поголема од бројот на животни кои реално можам да ги згрижам поради просторните услови, помагаат и моите пријатели. Сум имала и по 25 мачиња во исто време, сега чувам 12, весело и разиграно е со нив. Имам и пес по име Боно. Голем е бројот на животни што сум ги спасила и згрижила. Не водам точна евиденција за бројките, најбитно ми е да бидат спасени и добро чувани и вдомени. Во Демир Капија веќе сум позната. Јас, но и моето семејство. Мојот син има 14.5 години и исто така многу ги сака животните, можеби и повеќе од мене. Доста често добивам повици за тоа дека на некое животно му е неопходна поддршка. Еднаш, два пати дневно, правам обиколка низ демиркаписките улици. Им носам храна на уличните животни и ја следам ситуацијата, дали е се во ред со нив. Знаат и пред врата да ми остават некое животинче во кесе, кутија, започна да раскажува таа за МИА. На прашањето како успева бидејќи за ова се потребни и време и пари, таа рече дека се што прави, прави со лични финансиски средства и со мала помош од најблиските. Донации досега немала. Ако однесе повеќе животни истовремено кај ветеринар, попуст имала при плаќањето за стерилизација, но сепак сето тоа го правела на свој трошок. - Што се однесува до времето, тоа е време кое го крадам од тоа што е лично за мене, приоритет ми е грижата за животните, па дури потоа времето за посветување себеси. Доста е динамично, секоја единка е приказна сама по себе. Тие се исто како и нас луѓето. Некои се потемпераментни, палави, други потромави. А дружбата е прекрасна со сите. Секогаш сум достапна и се вложувам максимално што можам за животните. Демиркапијци ме знаат како голем љубител на животните. Често знаат да ме исконтактираат за некој сучај, или пак тајно да ми остават некое животно пред врата. Има и тешки моменти кога некои од животните имаат здравствени проблеми и се во тешка здравствена состојба. Тогаш е тешко и за нив, но и за мене. Кога ги израснувам, некако се приврзувам, па не ми се даваат и затоа се толку многу кај мене, во кругот на моето семејство. Но, кога немам повеќе простор, морам да ги вдомам и да има место за следни случаи на загрозени животни. Пред да вдомам, гледам вдомувачот да е љубител на животни, да посветува внимание и вдоменото животно да се чувствува пријатно и сакано. За жал, луѓето кога вдомуваат бараат раса. Ги уверувам дека треба да се вдоми животинчето кое останало без дом и да му се пружи втора шанса за живот. Бараат и прочистено од внатрешни и надворешни паразити, здраво, за да не пренесе болест. Затоа кај мене остануваат додека се лекуваат од разни болести, кожни или било какви други. Скептични се малку кога станува збор за болно душиче, искрена беше мојата соговорничка која има 32 години. Има скучни кучки по улици, очекува дваесетина новородени Според неа, низ годиниве, имало многу бездомни улични кучиња и многу се размножувале. - Периодов ги има околу 60 во Демир Капија, меѓу нив и мајка со три малечки. Има скучни, па очекувам уште дваесетина новородени. Бројот расте. Постојано се поставува прашањето дали е вистина дека со комбиња се носат од една општина во друга. Се случува, нечиј миленик да биде пронајден од еден во друг град и обратно. Тоа не тера да се сомневаме дека муабетот со комбињата со кучиња сепак не е лага. Голем број неодговорни сопственици се откажуваат од животинчињата кои претходно некое време им биле миленици и таквите луѓе треба да бидат казнети. Бидејќи не им ги даваат основните права за живот и храна, ги малтретираат. Таквите се немилосрдни и бездушни, еднаш најдов мало маче заврзано во најлонско кесе, откри хуманата демиркапијка. Оваа активистка, за која велат дека често може да се види како со шприц храни малечки животинчиња, формирала интернет група на активисти кои се залагаат за правата на животните, особено бездомните. -По случајот со обесеното куче, многу луѓе се понудија за помош, па формирав група и мора да оствариме средба за да видиме што може да се помогне. Ние во Демир Капија немаме ветеринарна амбуланта и тоа уште повеќе ја отежнува грижата за животните. Се надевам дека во иднина ќе ми се приклучат во мојата мисија многу љубители на животни и повеќе ќе придонесеме за животните. Постојано апелирам да се пружи повеќе љубов на овие невини души. Повеќе грижа. Тие заслужуваат многу повеќе.Сонувам за мало стационарче, нешто најдобро за уличните животни и за граѓаните, оти има и такви кои се плашат од животни, па за нив е најдобро да не шетаат бездомни животни без контрола. Сон ми е да имам свој шелтер, да имам помош и донации за овој дел од државата. Најголема желба. Веќе разговарав со ветеринарно лице околу евентуалната можност за странска помош. Сакам секое животно да биде згрижено, прочистено и здраво, нахрането и среќно. Се надевам и верувам дека во иднина ќе успеам во тоа, децидна беше Пандова. Таа досега спасила и вдомила многу животни. - Во моментов дома имам поголем број на мачиња. Сум имала многу случки со кои сум се соочила, како убави, така и лоши. Една вечер, на скалите пред семејниот дом здогледав мало куче. Отидов накај него, а тоа среќно се врткаше околу мене, почна да се гали, да си игра.Го зедов во раце, почнав да го галам, го нахранив и го средив целото. Од утредента, почнав да му барам дом. Но, никој не сакаше да го вдоми. За неколку дена, многу се разболе. Го носев на ветеринари во нашата околина. Ми кажаа дека има параво вироза, рекоа дека е 99 проценти смртоносна. Борбена и упорна, дознав дека во Штип има ветеринарна со пансион и специјалист за таа болест. Ми кажа да остане на лекување и дека ќе направат се, за да го спасат. Рече ако те побараме првите три дена, значи не успеало да се спаси. Три дена, секој повик за мене беше стрес. По третиот ден, добив позитивни мисли. Таму остана осум дена. Бев пресреќна што се спаси. Го крстивме Боно и решивме да биде ден од нашето семејство. Тој е сега голем мажјак и во секој миг покрај нас, со многу емоции раскажуваше Маја. Секоја приказна за спасено животно емотивна на свој начин Доста вистински приказни за спасени животни можете да слушнете од неа. Секоја од нив, емотивна на свој начин. -На први мај на враќање од излетничкото место Дошница, најдов вреќа во која нешто почна да мрда. Застанав со колата. Прекрасно шарпланинче женско имаше внатре во заврзаната вреќа. Кога отворив, беше пресреќно оти виде бел свет. Којзнае колку време било врзано. Беше преполно со крлежи и болви, најтрагично, страшно. Ако останело таму уште некое време, би умрело. Седнав на камен и почнав да ги чистам. Премногу беа и немав решение, па го ставив во кола и го однесов кај една личност која исто така многу сака животни. Од Америка е преселена тука. Четири часа го чистела. Му ставивме две ампули за паразити потоа. Му дадовме и за внатрешни паразити. Повторно го избањавме, па му ставивме оцет, оти ни кажаа дека отстранува крлежи. Го чувавме три, четири дена. Го однесов кај мајка ми и татко кои исто така се приврзуваат кон животните, па потоа го вдомив. Сега е право мече, прекрасно. Толку е полно со живот и весело. Сопствениците му се погодија, заискрија очите на оваа жена. Пред 3-4 месеци, пронашла оставени животни, мајка со четири малечки во пакет. -Мајката во страшна состојба, кожна болест имаа и малите, целите шуга. Штотуку родени. Пред мојот двор, слушам мјаукања. Сопругот ми рече, земи ги, не стој надвор, студено е. Мајката прими инјекции и терапија. За малечките се грижев со денови, за да пораснат и тие за да можат да примаат терапија. Сега сите се вдомени со прекрасни легла. Со сите услови за живот. Сите се овде вдомени, во македонски семејства. Се надевам дека во иднина ќе можам да вдомувам и во странство. Има и такви кои бараат да вдомат, па подоцна ги оставаат претходно вдомените животни на улица, за жал. Упорни се некои, константно бараат и ветуваат дека ќе ги чуваат и ќе се грижат за нив, но се додека децата нивни се радуваат, додека се животните малечки. Кога гледаат дека вдомените животни се обврска и се неопходни услови за нив, грижа и нега, ги оставаат било каде. Па по втор или трет пат морам да мислам за згрижување. Има и такви несериозни кои по неколку дена од вдомување, се жалат дека вдомениот миленик им го отруле, па бараат ново милениче. Таквите во старт ми се сомнителни. Животните губат доверба баш поради таквите несериозни вдомувачи. За среќа, поголем дел се добро вдомени, нагласи оваа жителка крај демиркаписката клисура. Нејзината љубов кон животните е инспиративна. Се соочила со многу случаеви, убави и неубави моменти. -Свеста треба да работи повеќе кај луѓето. Повеќе едукација е неопходна. Животните се повеќе емотивно настроени кон луѓето, отколку луѓето кон нив. Тие знаат да сакаат и да ја искажат нивната љубов, тие се вистински пријатели и другари на човекот. Кај луѓето има повеќе лицемерие. Малку труд од луѓето треба за да ги спасат бездомните животни од фатални болести, од пеколни горештини лете или од смрзнувачки ниски температури зиме, а секоја помош за нив значи многу. Бидејќи секоја ноќ на улица зиме, за нив е 80 проценти смрт. Се трудиме максимум што можеме, им наоѓаме засолништа во куќи во градба и станбени згради. Приквечер постиламе за да не спијат на голо, што се вели. Куќички зиме превентивни им изработуваме, од картон, штици, дрво и друго. Има и такви лоши луѓе, за жал, кои им ги кршат привремените живеалишта, ги повредуваат животните. Треба да се почне од младите едукацијата можеби, оти понекогаш возрасните потешко се едуцираат. Да се поттикне активизмот, за подобри услови за уличните животнте. Особено кај младите. Родителите треба да ги воспитуваат дека животните се нешто многу убаво и дека треба да се сакаат. Да се споделуваат позитивни примери. Децата учат и гледаат пример од родителите. И за желка застанувам со кола да ја поттргнам од патот, да ја заштитам. Да се негува љубовта кон животните, тоа е неопходно. Кампања за подигнување на свеста, рече активистката Маја Пандова. Демиркапискиот градоначалник Лазар Петров за МИА информира дека неколкуте општини од овој дел од државата, преку Вардарски плански регион сакаат да го решат проблемот со бездомните животни по улиците. - Добивме пари за стратегијата и после тоа ќе одиме кон извршување на тој проект за регионален прифатен центар, од кој подоцна ќе се врши вдомување. За трајно решавање на проблемот. Засега, како и сите други општини издвојуваме средства и плаќаме за кастрација и вакцинирање на бездомните кучиња, кои после тоа се враќаат на улица, појасни Петров. Светлана Дарудова

Остани поврзан