• петок, 26 јули 2024

Матичната собраниска Комисија треба да се изјасни за Предлогот за раководител на внатрешна контрола во АНБ

Матичната собраниска Комисија треба да се изјасни за Предлогот за раководител на внатрешна контрола во АНБ

Скопје, 10 февруари 2023 (МИА) – Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање денеска одржува седница на која на дневен ред е давање согласност за назначување раководител на организационата единица за внатрешна контрола во АНБ.

Директорот на АНБ Зарко Милошевски за позицијата го предложи Миле Костов дипломиран правник со 28-годишно работно искуство во службата. Истакна дека Костов својот професионален развој го започнал во 1994 година како оперативен работник кој ги поминал сите работни нивоа во службата и има дадено исклучителен придонес во заштитата на националната безбедност.

-Се работи за личност за која лично сметам дека со својот авторитет, искуство и одлично познавање на законските надлежности ќе одговори на оваа значајна позиција и ќе претставува контролен механизам во работењето на Агенцијата. Со неговиот професионален интегритет, кредибилитет и углед што го има меѓу колегите ќе даде особен придонес во унапредувањето на професионалните стандарди и јакнењето на интегритетот на вработените, како и доследно почитување на законските и подзаконските акти на Агенцијата во целост, рече Милошевски.

Зaради сензитивноста на информациите кои би биле изнесени на седницата во текот на дебатата и со оглед на фактот дека систематизацијата на АНБ е класифициран документ, директорот на Агенцијата Милошевски побара таа да биде затворена за јавност, по што претседателот на Комисијата пратеникот Пренџов откако предлогот беше прифатен од мнозинството членови на Комисијата ја продолжи работата зад затворени врати.

Согласно членот 53 од Законот за АНБ раководителот на организационата единица за внатрешна контрола го назначува директорот на АНБ по претходна согласност од надлежното работно тело на Собранието за период од 6 години. вг/ац/

Остани поврзан