Марковски за МИА: Недостатокот на кадар во градежништвото во иднина ќе ни донесе небезбедни објекти
- Ниту една држава не може да функционира без домашни градежни инженери. Интересот на младите за изучување на градежништвото е толку мал што градежништвото почнува да станува неодржливо. Ако ваквата стихија при запишувањето во високото образование продолжи, во не толку далечна иднина, ќе се соочиме со сериозен недостаток од инженерски кадар, а следствено на тоа и со градби со помал квалитет и поголеми ризици од уривање, нагласува во интервју за МИА професорот Горан Марковски, член на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции на Градежниот факултет во Скопје.
Скопје, 19 февруари 2023 (МИА) - Ниту една држава не може да функционира без домашни градежни инженери. Интересот на младите за изучување на градежништвото е толку мал што градежништвото почнува да станува неодржливо. Ако ваквата стихија при запишувањето во високото образование продолжи, во не толку далечна иднина, ќе се соочиме со сериозен недостаток од инженерски кадар, а следствено на тоа и со градби со помал квалитет и поголеми ризици од уривање, нагласува во интервју за МИА професорот Горан Марковски, член на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции на Градежниот факултет во Скопје.
- Не може држава да се потпре само на странски компании и инженери бидејќи не се работи само за изградба на нови објекти, туку и за нивно одржување, контроли, реконструкции, санации и слично. А, за тоа се потребни домашни кадри. Претпоставувам на сите им е јасно дека функционирањето на многу институции и јавни претпријатија без градежни инженери е практично невозможно. И така доаѓаме до она што според мене е најкритично во моментов, а тоа е се послабиот интерес на младите за изучување на градежништвото. Бројот на новозапишани студенти на Градежниот факултет сериозно се намалува од година во година, вели Марковски.
Причини за ваквиот тренд, како што вели, има повеќе, но она што државата мора да го направи е да не дозволи масовно запишување само на одредени актуелни струки за сметка на оние кои се коишто се од животно значење за државата.
- Мора нешто под итно да се преземе барем за ублажување на овој тренд зошто ако не се надополни празнината, треба да бидеме свесни дека понатаму поколенијата ќе живеат во понебезбедни и поповредливи објекти, потенцира професорот Марковски.
Во интервјуто, кое утре ќе биде објавено во целост, со професорот Марковски разговараме и за сигурноста на градбите, за тоа колку корупцијата може да биде опасна за градежништвото, како и за тоа колку се добри регулативите во градежништвото. свс/бак/