• понеделник, 23 декември 2024

Маринакис: Постои само едно толкување на ерга омнес

Маринакис: Постои само едно толкување на ерга омнес

Атина, 25 јуни 2024 (МИА) – Не може да биде селективно спроведувањето на меѓународното право и тоа е нешто што нема да биде толерирано од грчка страна. Ние бараме јасно и гласно, без отстапки почитување на договореното и ова е позиција од која нема да направиме каква било отстапка, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите и притоа посочи дека постои само едно толкување на ерга омнес, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на прашањето на МИА за тоа дали Мицотакис ќе му честита на Мицкоски, сега кога и официјално новата Владата положи заклетва, Маринакис посочи дека Грција во рамките на добрососедските односи со сите земји се придржува до протоколите, но и ги повтори грчките позиции.

-Факт е генерално, без да имам конкретна информација, дека нашата земја како држава сака, се стреми кон добрососедски односи, се стреми кон добри односи со сите држави, особено кога се соседни земји, се придржува кон сите протоколи за секоја процедура, без разлика дали е изборен процес или заклетва на Влада. Но, повторувам, бидејќи постојат некои новопојавени погрешни толкување за тоа што значи ерга омнес, јасно е, нема многу толкувања има едно толкување согласно меѓународното право и во овој момент со низа формулации спротивни на меѓународното право, се чини дека новата Влада на Северна Македонија не го почитува. Очекуваме да видиме дали ќе усогласи, рече Маринакис.

Паралелно го повтори она шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис го посочил на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ дека „однесувањето на Скопје од изборите и потоа е престапното однесување, спротивно на меѓународното право“, но и дека „не постои почитување на обврската за ерга омнес име на државата, како што произлезе по Договорот од Преспа“.

Во однос на можностите за прва тет-а-тет средба на премиерите на двете земји на маргините на НАТО Самитот во Вашингтон за две седмици, на прашањето на дописничката на МИА од Атина, владиниот портпарол одговори дека ако се договори такво нешто ќе биде соопштено, меѓутоа во моментов не знае нешто повеќе.

Медиумите во Грција од доцна синоќа ги пренесуваат ставовите на премиерот Христијан Мицкоски изразени во интервјуто за ТВ24, особено делот во кој ја коментира вчерашната изјава на министерот за надворешни работи на Грција и посочува дека „или не го разбира Преспанскиот договор или погрешно го чита“.

Грчки дипломатски извори за медиумите утрово брифирале дека „правните текстови не се толкуваат врз основа на претпоставената волја и желба на кој било, туку врз основа на нивното писмо и дух, а техничкиот правен термин ерга омнес, кој е јадрото на Договорот од Преспа, не е подложен на апсолутно никакво оспорување“. ср/са/

Остани поврзан