МАЕИ ги информира Македонците од Албанија, кои живеат надвор од државата, дека може да се пријават за гласање и со документи со изминат рок
- Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ги информира Македонците од Албанија, кои живеат надвор од државата, дека може да се пријават за гласање на парламентарните избори и со документи со изминат рок.

Тирана, 20 февруари 2025 (МИА) - Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ги информира Македонците од Албанија, кои живеат надвор од државата, дека може да се пријават за гласање на парламентарните избори и со документи со изминат рок.
-По изгласувањето на измените во Изборниот законик од страна на албанскиот парламент се дава право на сите албански граѓани во дијаспората да може да се пријават за гласање за парламентарните избори на 11 мај, чии лични документи издадени од албанските власти се со поминат рок на важност. Во исто време со одлука на владата таа ќе ги намири сите поштенски трошоци за таа цел. Затоа ги информираме Македонците од Албанија кои живеат надвор од државата, да се пријават, за што крајниот рок е 4 март, изјавија за МИА од партијата.
Исто така го повторуваат повикот до Македонците што помасовно да го искористат своето право на глас и да го поддржат македонскиот глас на изборите.
-Вашиот глас е клучен за зајакнување на македонската заедница во Албанија и за поддршка на политичката програма на МАЕИ, која се залага за заштита на македонскиот идентитет, култура и права. Со секој ваш глас, ја гарантирате иднината на Македонците во Албанија и го продолжуваме нашето заедничко патување кон европска интеграција. Не дозволувајте вашиот глас да остане неслушнат. Регистрирајте се и гласајте за Македонска алијанса за европска интеграција – вашата сила за посветла иднина, повикува МАЕИ.
На Албанската дијаспора за првпат, на овие избори и се дава можност да гласат од странство и тоа преку пошта, за што процесот на регистрација е отворен од 11 јануари и се врши преку Националната платформа на Централната изборна комисија.
Посебна комисија, која работи 24/7 ги разгледува пријавите и во рок од пет дена апликантот добива одговор дали е прифатена или одбиена. До денес за гласање се пријавиле 195 477, а прифатени се барањата на 156 158 лица. вт/дма/
Фото: лого