МААЕ: Се уште не се исполнети условите за обнова на работата на нуклеарната централа Запорожје
- Во моментов не постојат услови за обнова на работата на нуклеарната централа Запорожје поради недостиг на вода за ладење и стабилно снабдување со електрична енергија, изјави денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.

Киев, 3 јуни 2025 (МИА) – Во моментов не постојат услови за обнова на работата на нуклеарната централа Запорожје поради недостиг на вода за ладење и стабилно снабдување со електрична енергија, изјави денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
Во интервју за Ројтерс, дадено од Киев, Гроси изјави дека водата за нуклеарната централа Запорожје, која во моментов е затворена, треба да се пумпа од реката Дњепар.
Атомската централа во јужната украинска област Запорожје беше окупирана од Русија во март 2022 година, кратко по почетокот на инвазијата.
Гроси изјави дека Русите „никогаш не го криеле фактот“ дека сакаат да ја обноват работата на централата, но оти во блиска иднина нема да можат да го сторат тоа.
- Не сме во ситуација централата да ја пуштиме во работа. Далеку сме од тоа, ќе биде потребно доста време пред тоа да може да се направи, рече тој.
Гроси додаде дека машините во централата, кои не работеле три години, треба темелно да се прегледаат пред да се обнови работата.
Украина соопшти дека обидот на руските техничари да ја пуштат централата ќе биде опасен, бидејќи тие не се сертифицирани за работа во нуклеарната централа Запорожје. Гроси, сепак, истакна дека рускиот нуклеарен персонал е способен да изврши рестарт и дека прашањето за сертификација е повеќе политичко отколку техничко.
Украина, исто така, протестираше против набљудувачката мисија на МААЕ во централата, која има пристап до неа преку територија окупирана од Русија. Гроси рече дека тоа е така за да се заштити безбедноста на неговиот персонал и дека во моментов тој нема неопходни гаранции од руска страна за безбедно минување на персоналот на МААЕ преку фронтот до територијата контролирана од Украина, како што е правено неколку пати претходно. јт/
Фото: Гроси на Х