Лукашенко изјави дека Белорусија има нуклеарно оружје
- Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска изјави дека неговата земја поседува нуклеарно оружје.
Минск, 10 декември 2024 (МИА) – Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска изјави дека неговата земја поседува нуклеарно оружје.
- Овде распоредив нуклеарни боеви глави. Неколку десетици боеви глави. Многумина велат дека ова е шега, дека никој ништо не поставил. Да, поставивме, рече Лукашенко за време на посетата на градот Борисов, пренесува Бета повикувајќи се на Тас.
Коментирајќи ги плановите за распоредување на ненуклеарниот руски ракетен систем Орешник во Белорусија, тој истакна дека употребата на тие видови оружје носи голема одговорност.
- Уште од Хирошима и Нагасаки, никој никогаш не го притиснал нуклеарното копче. Дури ни водечките сили, а камоли Белорусија, рече Лукашенко, додавајќи дека ги предупредил своите „непријатели, пријатели и ривали“ дека не е дозволено да се прекрши државната граница на Белорусија.
Според претходните извештаи, Москва ги објави своите планови да распореди свое тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, слично на она што го направија САД на територијата на своите сојузници.
Москва му обезбеди на Минск тактички ракетни системи „Искандер“ способни да носат нуклеарно оружје и и помогна на Белорусија да ги опреми своите авиони за да носат специјализирано оружје.
Беше објавено и дека боеви глави веќе се во Белорусија, а Лукашенко кон крајот на април годинава изјави дека Русија распоредила неколку десетици нуклеарни боеви глави. јт/