Локален младински панел во Куманово
- Млади претприемачи, наставници и ученици од средните училишта, претставници од локалната самоуправа, Центарот за вработување, граѓански организации учествуваа на Локалниот младински панел во Куманово на кој беа презентирани резултатите од регионалниот проект „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“, соопштија денеска од Граѓанскиот центар Активум.
Куманово, 18 ноември 2024 (МИА) - Млади претприемачи, наставници и ученици од средните училишта, претставници од локалната самоуправа, Центарот за вработување, граѓански организации учествуваа на Локалниот младински панел во Куманово на кој беа презентирани резултатите од регионалниот проект „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“, соопштија денеска од Граѓанскиот центар Активум.
На завршниот настан од проектот, кој се одржа во кружната сала на Комитет, се дискутираше за Анализата на локалните политики и мерки за (само)вработување на млади, Водичот за млади претприемачи, како и препораките и заклучоците на планот за унапредување на младинските политики во областа на вработување во општина Куманово.
Претставникот од секторот за локален економски развој од општина Куманово, Ахмет Јашаревски рече дека Општината се обидува на различни начини да им помогне на младите за полесно да се снајдат на пазарот на труд.
-Општина Куманово има стратегија за локален економски развој 2019-2024 година, која има пет области на делување, но една од нив специфично се однесува за младите. Имаме и други стратешки документи кои ги опфаќаат младите - стратегијата за Роми, стратегија за делување на локално-економски социјален совет, како и стратегијата за рурален развој. Она на што работиме сега е Стратегија за вработување со посебна програма за вработување на млади, вели Јашаревски.
Службеникот за млади Мартин Крстиќ додава дека моментално се работи и на нова Стратегијата за млади која детално би ги опфатила приоритетните области од интерес за младите, меѓу кои и вработувањето, и заедно со профункционирањето на Локалниот Младински Совет како двигател на локални инцијативи ќе се застапуваат потребите на младите.
Проектот „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ покажа дека силни и активни младински организации на локално ниво кои преку градење на своите капацитети може и треба да бидат дел од сите локални дијалози и иницијативи поврзани со зголемување на вработливоста на младите во општината.
Андријана Ташевска како претставник на младинската организација Центар за меѓукултурен дијалог ЦИД, истакна дека често организираат работилници за развој на меки вештини корисни при вработување, но останува потребата од зајакнувањето на младинските организации да делуваат во делот на вработување и самовработување, промоција на активните мерки за поддршка, застапување за подобрување на мерките, како и достапноста на истите.
Претставникот од Центарот за вработување Марија Димитријевска потенцираше дека почнале со теренски посети на средните училишта за да ја доближат институцијата до идните матуранти.
- Дел од нив воопшто не се запознаени со АВРСМ. АВРСМ има добра веб-страна каде младите можат да најдат најразлични информации, а можат и лично да се обратат во Центарот. И оваа година ќе продолжиме со теренските посети на средните училишта каде ќе ги промовираме активните мерки. Конкретно во Куманово практикантството е многу атрактивна мерка, а речиси секогаш се исполнети до последно место и едукациите за ИТ вештини, вели Димитријевска.
Нстанот даде можност младите да разменат искуства и знаења од областа на претприемништвото, а ги истакнаа и клучните предизвици со кои се соочуваат се со цел економско зајакнување на младите и нивно полесно вработување.
„Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан” е заеднички проект на Локалниот центар за демократија Суботица во соработка со Агенцијата за локална демократија Никшиќ и Здружението Активум Куманово. Проектот е поддржан од Регионалната Програма за Локална Демократија на Западен Балкан 2 - ReLOaD2, финансирана од Европската Унија (EU), и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP). ам/мд/
Фото: Граѓански центар Активум