• понеделник, 23 декември 2024

Личната тренерка на Александра Фејгин подготвува лизгачко шоу во Република Северна Македонија

Личната тренерка на Александра Фејгин подготвува лизгачко шоу во Република Северна Македонија

Софија, 4 декември 2024 (МИА/БТА) - Ина Лутај, личната тренерка на најдобрата бугарска натпреварувачка во уметничко лизгање Александра Фејгин, подготвува лизгачко шоу во Република Северна Македонија. Настанот ќе се одржи на 14 декември во Скопје, а во него ќе учествува и бугарската лизгачка.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

„Контактираа со мене и ми рекоа дека сакаат да замрзнат подот на нивниот национален театар и да направат новогодишно шоу на мраз. Ме прашаа дали би можела да го организирам, и тоа многу ме инспирираше. Одамна посакувам да има вакви шоу-програми за популаризација на нашиот спорт. Уметничкото лизгање е уметност што овозможува изразување на сцената. Кога си ослободен од притисокот на натпреварите, можеш да ги покажеш сите свои креативни страни на мразот и тоа станува неверојатно доживување. Среќна сум што ќе ја реализирам оваа моја желба, макар и не во Бугарија“, изјави Лутај.

„Шоуто ќе биде на тема „Омилените херои од детските приказни“ – Пепелашка, Заспаната убавица, Замрзнатото кралство, а ќе заврши со Дедо Мраз и настапи со божиќна музика. Александра ќе ја толкува улогата на Пепелашка. Се надевам дека еден ден ќе организираме вакво шоу и во Бугарија. Околу Божиќ и Нова година секогаш има простор за вакви културни настани. Ова е нешто што луѓето ширум светот го посетуваат и од кое се чувствуваат прекрасно“, додаде сестрата на двократната светска шампионка во уметничко лизгање, Албена Денкова.

Ина Лутај го коментираше и настапот на Александра Фејгин на турнирот во уметничко лизгање во Турција, каде таа стана шампионка.

„Овој натпревар не беше во нашите планови, но одлучивме да учествува. Овој златен медал ќе ѝ даде малку повеќе самодоверба и уште поголема верба во себе, бидејќи она што следи е најтешкото – Европското и Светското првенство, како и битката за олимписките квоти. Верувам во неа и мислам дека ќе се претстави достојно. Пред Европското првенство, таа ќе учествува на нашиот турнир „Софија Трофеј“, а потоа за околу една недела повторно ќе оди на подготовка кај Беноа Ришо“, заклучи Лутај.

Денес, Албена Денкова го слави својот 50-годишен јубилеј. По тој повод, на официјална церемонија, претседателот на државата, Румен Радев, ја награди двократната светска шампионка со Почесниот знак на претседателот. Поради обврски во Русија, Денкова не можеше да присуствува на церемонијата, па наградата ја прими Ина Лутај.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан