• понеделник, 16 декември 2024

Литванија, Летонија и Естонија воведуваат санкции против оние кои се вклучени во спречувањето на протестите во Грузија

Литванија, Летонија и Естонија воведуваат санкции против оние кои се вклучени во спречувањето на протестите во Грузија

Тбилиси, 2 декември 2024 (МИА) - Нова серија опозициски протести започна во четвртокот во Грузија, откако премиерот Иракли Кобахидзе објави одлука за суспендирање на разгледувањето на почетокот на преговорите за членство на земјата во Европската унија.

Литванија, Летонија и Естонија ќе воведат санкции против оние кои се вклучени во спречувањето протести во Грузија, изјави естонскиот министер за надворешни работи Маргус Чакна.

„Трите балтички држави заеднички се согласија да воведат национални санкции против оние кои ги потиснуваат легитимните протести во Грузија“, напиша тој на социјалните мрежи.

Од МНР изјавија дека станува збор за неколку раководители на грузиското Министерство за внатрешни работи.

Министерот посочи дека во балтичките земји не се очекуваат „противници на демократијата и прекршители на човековите права“.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин, во таа насока изјави дека настаните во Грузија се внатрешна работа на таа земја. Тој ја коментираше намерата на балтичките земји да воведат санкции кон Грузија, велејќи дека Москва има негативен став кон обидите за мешање во внатрешните работи на други земји.

Нова серија протести на опозицијата започна во четвртокот во Грузија, откако премиерот Иракли Кобахидзе објави одлука да го прекине разгледувањето на почетокот на преговорите за членство на земјата во Европската унија до 2028 година.

Демонстрантите употребија петарди, камења, шишиња, а беше соопштено дека се пронајдени и молотови коктели. Безбедносните сили реагираат користејќи специјални техники, вклучувајќи водени топови и повремено солзавец.

Како што соопшти утрово МНР на Грузија, на протестот пред парламентот во Тбилиси се повредени повеќе од 110 припадници на безбедносните сили. Грузиските медиуми објавија дека за време на протестот бил приведен лидерот на една од опозициските партии. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан