• среда, 04 декември 2024

Лимани: Меѓународниот ден на лицата со попреченост е поттик за конкретни промени во инфраструктурата и свеста за еднакво општество за сите

Лимани: Меѓународниот ден на лицата со попреченост е поттик за конкретни промени во инфраструктурата и свеста за еднакво општество за сите

Гостивар, 3 декември 2024 (МИА) - Меѓународниот ден на лицата со попреченост нé потсетува на нашата обврска и одговорност дека сите ние сме должни како општество да прилагодиме и обезбедиме можности за користење и развој на потенцијалот на секое лице а особено на лицата со попреченост, напомна министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани при неговата посета на Гостивар.

- Лицата со попреченост често се соочуваат со различни бариери - не само физички, туку и социјални, емоционални и економски. Овие бариери не само што ги ограничуваат нивните можности, туку ја попречуваат нивната интеграција во општеството.Овој ден, е и повод да ја славиме нивната храброст, издржливост и неверојатните достигнувања, рече Лимани.

Министерот напомена дека  потребно е цврсто залагање да се имплементира Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2026 и Акцискиот план 2023-2026 кој има мулти секторски пристап.

Тој посочи дека во системот на социјалната заштита има околу 133 лиценцирани даватели на социјални услуги, кои овозможуваат на корисниците да водат независен живот и можност да се вклучат во општеството на еднаква основа. Во текот на 2024 година министерството, ја прошири мрежата на лиценцирани даватели на социјалната услуга - дневен престој и оваа услуга ја користат околу  396 корисници.

Тој посочи дека услугата - лична асистенција која ја даваат четири лиценцирани даватели во повеќе општини, а бројот на корисници е околу 880.

Како најразвиена, министерот Лимани ја посочи опфатеноста на корисници помош и нега во домот за која има најмногу склучени управни договори односно 33 договори со општини и лиценцирани даватели на оваа услуга.

- Само во текот на оваа година, имаме склучено околу 62 управни договори со вкупен број на корисници 2073, рече министерот Лимани.

Во министерството се работи и на воведување "тело" со  единствена Методологија за вршење на проценка на попреченост, заради остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, како и права од социјална и детска заштита врз основа на функционалност.

- Работиме на воведување и одржување на регистар на лица со попреченост, кои се во системот на проценка, работно оспособување и професионална рехабилитација и корисници на субвенции за вработување. Со ова ќе се овозможи лицата со попреченост да бидат конкурентни на отворениот пазар на труд и во таа насока е воведувањето на центри за професионална рехабилитација за работно оспособување на лицата со попреченост, рече министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. згм/

Фото: МИА

Остани поврзан