• среда, 25 декември 2024

Ликот на Садам исчезна од Багдад, а пред две децении беше насекаде

Ликот на Садам исчезна од Багдад, а пред две децении беше насекаде
10 април 2023 
 
Асошиетед Прес
 
 

Од безбројните приказни за неговиот живот како бербер во Ирак, Каис ал-Шара најмногу сака да зборува за 9 април 2003 година, кога гледал како Ирачаните и американските маринци заеднички ја уриваа статуата на Садам Хусеин пред неговиот берберски салон на плоштадот Фирдос во Багдад.

Статуата висока 12 метри на ирачкиот диктатор што ја пружа десната рака беше поставена само една година претходно за прославата на неговиот 65-ти роденден.

Уривањето на споменикот беше симболичен момент на инвазијата предводена од САД; Телевизискиот пренос за тоа како маринците ја врзуваат статуата за возило за да ја урнат, се претвори во симбол на крајот на 25-годишното владеење на Садам. Но, всушност, статуата на плоштадот Фирдос беше самоп еден мал дел од огромниот број споменици и палати што Садам ги подигна за да ја покаже својата моќ.

Сите негови статуи и слики одамна исчезнаа. Многу од неговите палати и згради добија нова употреба во новиот Ирак. Но, голем дел од надежта што дојде со бришењето на угнетувачкото визуелно присуство на Садам, исто така исчезна, прво изгорена со годините на брутално насилство, а потоа уништена од разурнатата економија и неконтролираната корупција на новата политичка елита од фракции базирани на секти.

Плоштадот Фирдос беше реновиран и стана мал парк, финансиран од приватни банки. На зградата што се издига над плоштадот е голем мурал на иранскиот генерал Касем Сулејмани - убиен во напад со американско беспилотно летало во 2020 година, и имамот Хусеин, внукот на пророкот Мухамед. Ваквите шиитски слики се шират во Багдад поради доминацијата на шиитските партии на власта поддржани од Иран.

Ал Шара кажува дека иако не му недостасува владеењето на Садам, му недостасува „владеењето на правото“.

-Семејствата се премногу исплашени да дојдат во паркот бидејќи има дилери на дрога, рече тој за плоштадот.

Не е познато што се случило со статуата на Садам, но ловците на сувенири ги земале парчињата.

Во 2003 година, група млади американски маринци од Јута изјавија дека ја отсекле десната рака на статуата и имале намера да ја продадат на eBay. Но, таа исчезнала од нивниот товар додека се обидувале да го прошверцуваат во САД.

Германски трговец со антиквитети во 2016 година изјави дека ја купил левата нога од статуата на Хусеин, а потоа ја препродал на eBay за повеќе од 100.000 долари.

Во 2017 година, британскиот новинар Најџел Ели напиша книга за парче од левиот задник на статуата на Садам што тој ја откинал од статуата. Тој се обидел да го даде на аукција за добротворни цели, но не добил доволно висока понуда.

Политиката на Садам да ги исполни Багдад и другите градови со палати и статуи и портрети од него „создаде слика на божествен водач“, изјави за АП висок соработник на Чатам Хаус, Ренад Мансур. Садам „требаше да ја проектира моќта на различни начини за да ги потсети луѓето кој беше главен“.

Некои од спомениците на Садам останаа, најмногу поради тоа што имаа националистичко значење што го надмина. На пример, сè уште над реката Тигар се издига „Лакот на победната“ на две џиновски раце кои држат вкрстени сабји и две големи тиркизни полу-куполи наречени Споменик на ал-Шахид - Споменик на мачениците. Тие беа откриени во 1983 и 1989 година во спомен на оние кои загинаа во ирачко-иранската војна во 1980-тите.

Палатата Ал Фав ја изгради Садам во 1990-тите на остров среде вештачко езеро за да го одбележи повторното заземање на истоимениот полуостров за време на војната. За првпат се користеше по 2003 година како воен штаб на американската коалиција под името „Камп Виктори“. Подоцна беше трансформиран во Американски универзитет во Багдад, благодарение на финансирањето на влијателниот ирачки бизнисмен Сади Саихуд.

Присуството на Садам е сè уште во кампусот: неговите иницијали се врежани во ѕидовите и таваните. Вештачкото езеро сè уште е порибено со раса на џиновски крап што го донел Садам.

Но, сè што директно го одразуваше Садам беше избришано.

Еден ден по соборувањето на статуата од плоштадот Фирдос, Курдите ја урнаа статуата на Садам во северниот град Киркук. Тие ѝ фрлаа чевли во лице и го прославија падот на човекот кој брутално го потисна нивното население, вклучително и опасната кампања во 1980-тите, која Хјуман рајтс Воч (Human Rights Watch) ја нарече геноцид. Тие и другите статуи се заменети со слики на курдските водачи, особено Масуд Барзани, кој го предводеше курдскиот автономен регион на север од 2005 до 2017 година.

Во Багдад, најголемиот шиитски кварт долго време се нарекувал „Садам Сити“. Садам, кој брутално го уништи секое несогласување меѓу шиитите во Ирак, намерно постави огромен, шарен мурал од себе во главниот дел од областа.

Во јуни 2003 година, шиитите се собраа на церемонија за преименување на областа „Садр Сити“, по семејството на истакнати шиитски свештеници. Откриен е заменски мурал на кој се прикажани Мохамед-Бакир ал-Садр и Мохамед-Садик ал-Садр - двајца свештеници убиени под режимот на Садам затоа што се спротивставиле на неговото владеење.

Тие се роднини на Муктада ал Садр, огнениот свештеник чија милиција се бореше против американската окупација по падот на Садам. Денес, тој е еден од најмоќните фракционерски лидери во Ирак, спротиставени на ривалските шиитски партии поддржани од Иран кои доминираат на владините позиции. Садр Сити, дом на милиони главно сиромашни шиити, е неговото главно упориште.

-Зборовите не можат да опишат како се чувствував во тој момент. Беше како да преминав од темнина во светлина, рече Талал Муса за церемонијата на преименување, на која присуствуваше како тинејџер. Сега 37-годишниот работник во државната агенција за електрична енергија, гледа дека неговите надежи за подобра иднина исчезнуваат.

„Сега, за жал, ја имаме оваа корумпирана хунта која ја контролира земјата во последните 20 години“, изјави тој. сд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан