• понеделник, 16 декември 2024

Либанскиот парламент ќе избира претседател на 9 јануари

Либанскиот парламент ќе избира претседател на 9 јануари

Бејрут, 28 ноември 2024 (МИА) - Либанскиот парламент ќе се состане на 9 јануари за да избере претседател, со што ќе се стави крај на повеќе од две години без шеф на државата, објави Националната новинска агенција (ННА), пренесуваат западни медиуми.

Оваа одлука е објавена ден по стапувањето во сила на привремен прекин на огнот меѓу Израел и поддржаната од Иран групација „Хезболах“.

„Претседателот на парламентот Набих Бери свика седница за избор на претседател на републиката на 9 јануари“, соопшти ННА.

Разликите меѓу влијателната „Хезболах“ и нејзините опоненти го спречуваат изборот на претседател, откако мандатот на претходниот претседател Мишел Аун истече на 31 октомври 2022 година. Ниту една страна нема мнозинство во парламентот.

Новиот лидер на „Хезболах“, Наим Касем, кој ја презеде функцијата по убиството на Хасан Насрала при израелски напад во септември, во говор на 20 ноември вети „ефикасно залагање за избор на претседател“.

Премиерот Наџиб Микати вчера изрази надеж дека спогодбата за прекин на огнот ќе отвори нова страница за Либан и ги повика политичките актери на итен избор на претседател.

Претседателот на парламентот, Набих Бери, кој ја предводи влијателната шиитска групација „Амал“, сојузник на „Хезболах“, исто така повика на забрзување на изборот, истакнувајќи дека претседателот треба да обединува, а не да дели.

Според конфесионалниот систем за поделба на власта во Либан, претседателот мора да биде христијанин маронит, премиерот сунитски муслиман, а претседателот на парламентот – шиит. ссм/

Остани поврзан