• петок, 08 ноември 2024

Лекари без граници: Потребна е итна испорака на помош во Појасот Газа

Лекари без граници: Потребна е итна испорака на помош во Појасот Газа

Газа, 4 октомври 2024 (МИА) – Животот во Појасот Газа повеќе не е можен и мора итно да се достави соодветна количина хуманитарна помош, соопштија денеска Лекари без граници од Франција.

Претседателката на Лекари без граници од Франција, Изабел Дефорни, која се врати од мисија на југот на Појасот Газа, изјави дека повеќе не е можно да се живее во Појасот Газа.

- Повеќе од два милиони луѓе живеат речиси на отворено, под парчиња пластика, на морскиот брег. Доаѓа студот и ќе биде многу тешко, рече таа, предупредувајќи дека хуманитарната помош што стигнува до овие луѓе „не е ни блиску до сериозноста на ситуацијата“.

Лекарите без граници повикаа да се укине блокадата на Појасот Газа и да се отвори граничниот премин Рафа за да може да пристигне помош и пациентите да одат на лекување.

Израелската владина агенција COGAT (тело на Министерството за одбрана) во понеделникот на X објави дека хуманитарната помош постојано пристигнува во Појасот Газа. Од почетокот на војната пристигнаа повеќе од еден милион тони помош, од кои 70 проценти беа храна, според COGAT.

Помош доаѓа, но „во навистина недоволен ритам“, предупреди докторката и додаде дека луѓето кои живеат во нездрави услови се повеќе склони кон разни болести.

Таа нагласи дека е потребна посебна дозвола за голем број опрема бидејќи се смета дека може да се користи за воени цели, како ножици за сечење завои, маси за преглед бидејќи имаат метални ногарки, па дури и скалпели. јт/

Фото: Лекари без граници

Остани поврзан