• понеделник, 06 јануари 2025

Левица предлага конкретни решенија за почист воздух 

Левица предлага конкретни решенија за почист воздух 

Скопје, 5 јануари 2025

Респираторни заболувања се главна опасност за здравјето на жителите од главниот град. Најчести жртви се повозрасната категорија на луѓе, Но, уште позагрижувачки и алармантен е порастот на деца со ваков тип на заболувања. И покрај фактот дека Скопје е на врвот на најзагадени градови во светот, Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ не покажува интерес за решавање на проблемот, додека инспекциските служби и Министерот Меџити, наместо неопходни мерки, останаа заспани во зимскиот сон.
 
Ситуацијата е крајно алармантна и затоа Левица бара итни и неодложни краткорочни мерки за намалување на загадувањето кои можат веднаш да се спроведат преку координација на градските власти и институциите: 
 
• Спроведување на итни инспекциски надзори, изрекување казни и забрана за работа на загадувачите за кои се утврдило дека загадуваат повеќе од дозволеното;
 
• Машинско чистење на улиците од насобраната прашина со специјализирани возила за перење и правосмукање;
 
• Поставување на високоефикасни електростатски филтри на оџаците на сите големи индустриски капацитети кои загадуваат, како што се ,,Цементара", ,,Железара", ,,Макстил", ,,Југохром", ,,Дрисла" итн., како и инсталирање прецизни сензори за мерење на емисиите;
 
• Враќање на акцизата за јаглен-кокс, со цел дестимулирање на увозот на овој штетен енергенс кој се користи во тешката индустрија;
 
• Итна акредитација на централната државна лабораторија во Министерството за животна средина за научна и строга контрола на извештаите за квалитетот на воздухот;
 
• Јасни ингеренции за Град Скопје во областа на инспекцијата и итното интервенирање при зголемено загадување, горење на отпад и сл.
 
Нагласуваме дека власта мора да излезе од матрицата на интересите на крупниот капитал. Недозволиво е заради полнењето џебови на неколку олигарси, да биде доведено во опасност здравјето на целото население! Ја повикуваме Владата и пред се Министерот Меџити, барем еднаш интересите на граѓаните да ги стават пред интересите на нивните спонзори.

Левица

_________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан