• сабота, 23 ноември 2024

ЛДП: Инцидентот на Голем Кораб е акт на негирање на заедничкото наследство и на потребата за мирен соживот

ЛДП: Инцидентот на Голем Кораб е акт на негирање на заедничкото наследство и на потребата за мирен соживот

Скопје, 1 јули 2024

Во врска со инцидентот на врвот Голем Кораб, каде што албанскиот планинар Шулку ја искина и фрли македонската информативна табла, изразуваме длабоко разочарување, ваквиот чин е неприфатлив и спротивен на принципите на спортот и планинарењето, кои треба да не обединуваат, а не да не делат, се вели во реакцијата на Либерално-демократската партија.

-Очекуваме одговорност и реакција од сите вклучени страни, бидејќи само преку заедничка осуда и преземање мерки можеме да спречиме слични инциденти во иднина. Ваквите постапки само го поткопуваат духот на заедништво и пријателство меѓу народите и создаваат непотребни конфликти. Спортот и планинарењето се активности кои ги надминуваат границите и политиката и треба да градат мостови на пријателство и соработка, додаваат од партијата.

Од ЛДП посочуваат дека Голем Кораб, како највисок врв во Македонија и Албанија, е симбол на природната убавина и заедничкото наследство. Врвот не само што е физичка точка на спојување, туку и духовна, културна и историска врска меѓу нашите две нации, а инцидентот каде што беше уништена таблата е акт на негирање на заедничкото наследство и на потребата за мирен соживот. Спортот и планинарењето се активности кои треба да го поттикнуваат пријателството и соработката, а не конфликтите и поделбите. Ваквите постапки го нарушуваат духот на заедништво и го поткопуваат напорот за изградба на позитивни релации меѓу народите.

На врвот Голем Кораб, кој се наоѓа во Националниот парк Маврово, стоеше информативна табла со налепница испишана на македонски јазик, укажувајќи дека врвот има надморска височина од 2.764 метри. Налепницата исто така посочуваше дека корабскиот планински масив припаѓа на две земји – Македонија и Албанија. Албанскиот планинар Шулку, кој се искачи на врвот, одлучи да ја искине и да ја фрли налепницата. Во својот пост на Фејсбук, Шулку изрази дека "Кораб припаѓа на Албанија и дека таму нема место за македонското знаме".

Либерално-демократска партија (ЛДП)

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан