• сабота, 23 ноември 2024

Лани регистрирани 662 дивоградби

Лани регистрирани 662 дивоградби

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - На територијата на државава лани се регистрирани 662 бесправно изградени објекти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според видот на објектот, бесправно се изградени 111 објекти за домување (16,8  проценти), 101 доградба, надградба и адаптација (15,3 проценти), 58 деловни објекти (8,8 проценти), 94 гаражи (14.2 проценти), 125 огради (18,9  проценти), пет скалила (0,8 проценти), 19 тераси (2,9 проценти), 5 летни тераси (0,8 проценти), 50 натстрешници (7,6  проценти), 15 времени објекти (2,3 проценти) и 79 помошни објекти (11,9 проценти).

Во Скопје се регистрираи 82 дивоградби, по што следат Куманово со 79, Битола и Охрид со по 53, Крива Паланка 42, Струмица 39, Тетово 31, Струга 26, Пробиштип 19....

Најголем број бесправно изградени објекти, 637 (96,2 проценти) се во приватна сопственост, а регистрирани се и 21 во државна сопственост и четири во мешовита сопственост. 

Како што претходно објави МИА, до март годинава во Агенцијата за катастар на недвижности се  впишани имоти на 296 810  објекти што добиле решение за легализација од матичните општини.

Легализацијата на дивоградби во државава првпат се овозможи со Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени, а со последната во 2021 година се овозможи негова примена уште пет години за да се постапува по предметите за околу 140.000 барања, што од најразлични причини останаа заглавени.   

Истовремено со тие измени, на предлог на Министерството за транспорт и врски, во Собранието беше доставен нов закон за легализација, а со кој би се опфатиле дивоградби изградени до јануари 2021 година, но со плаќање казнени пенали.

За законот стартуваше комисииска расправа во Собранието, но се уште нема промена во статусот.

Според првичните проценки, со него би се опфатиле над 50.000 барања за легализација, но конечниот број ќе се знае ако евентуално биде изгласан и се отвори можност за поднесување барања. 

Предвиден е скалест начин за пресметување на надоместот за легализација и тоа, за објект до 80 метри квадратни, висината на надоместокот се зголемува за 50 проценти од основниот комунален трошок, а за објекти над 80 метри квадратни, тој надомест се зголемува за 100 проценти.

Надомест за легализација на бесправни објекти, според предлогот, нема да плаќаат социјално загрозените граѓани и лицата со приходи до 180 илјади денари нето годишен приход, со што се зголемува опфатот на граѓани кои се ослободени од тој надомест.лв/аа/

фото:МИА архива, принтскрин

 

 

Остани поврзан