Ламерт: ЕУ ги користи само профитите од замрзнатите средства на руската Централна банка, а не и на поединци
- За користењето на замрзнатите средства на руски и белоруски субјекти детално е дискутирано со земјите членки и со нашите меѓународни партнери, вклучително и со САД. Но, тоа се само дискусии и се уште не е поднесен никаков формален предлог, реча Ламерт.

Брисел, 21 февруари 2025 (МИА) - На ниво на ЕУ сме насочени на користење на профитите на замрзнатите средства на руската Централна банка, но не и на приватниот имот на лица од Русија и Белорусија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.
- За користењето на замрзнатите средства на руски и белоруски субјекти детално е дискутирано со земјите членки и со нашите меѓународни партнери, вклучително и со САД. Но, тоа се само дискусии и се уште не е поднесен никаков формален предлог, реча Ламерт.
Тој додаде дека во моментов во ЕУ се замрзнати околу 28 милијарди руски и белоруски приватни средства, но тие едноставно не можат да се користат само затоа што нивните сопственици се предмет на санкции од страна на Унијата.
- Но, ако постои поврзаност со криминални активности, овие средства можат да бидат конфискувани од страна на земјите членки врз основа на постоечките казнено-правни режими кои во голема мера се веќе усогласени на ниво на ЕУ, потенцира Ламерт.
На прашање дали целосното конфискување на замрзнатите руски средства во ЕУ, за што се изнесуваат предлози, би бил легален потег, портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер одговори дека Унијата ги поддржува сите опции со кои ќе се обезбеди дека Русија ќе плати за својата катастрофална агресија врз Украина.
- Средствата се нешто за што разговараме, како за сите идни можности, вклучувајќи санкции и вклучувајќи ги начините за обезбедување финансиска поддршка, воена помош и муниција за одбрана на Украина, додаде Хипер, без да даде прецизен одговор за легалноста на евентуалното конфискување на замрзнатите руски средства во ЕУ. сп/
Фото: МИА Архива