• среда, 27 ноември 2024

Лазаров: Потребен е развој на економската соработка за полесно да дојдеме до решение со Бугарија

Лазаров: Потребен е развој на економската соработка за полесно да дојдеме до решение со Бугарија
Скопје, 10 јануари 2022 (МИА) - Недостигот на разбирање и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија негативно влијаат врз деловната клима и трговските односи меѓу двете држави. Потребен е развој на економијата, проекти и инвестиции кои ќе го поплочат патот на политиките за полесно да дојдеме до решение, смета претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Кирил Лазаров. Во интервју за „Локално“, Лазаров вели дека до првото вето од страна на Бугарија, економските односи меѓу двете држави биле во нагорен тренд и дека актуелната ситуација само ги оддалечува двата народа. - Политичка криза нема, но има недоразбирања кои се несфатливи за целиот свет кој го следи овој процес од блиску. И, тоа се наметнува до таа мера што ќе предизвика аномизитет и недоверба помеѓу народите. Сериозните инвеститори нема да сакаат да инвестираат во земја која нема јасен патоказ и преспектива кон ЕУ, па не еден, туку сто берлински процеси да има. Едноставно пазарот е мал, ограничен и непродуктивен, затоа ни треба ЕУ пазарот. Блокадата од Бугарија ни нанесува и сериозни економски штети затоа што ги одвраќа сериозните инвеститори. Лоша тактика на Бугарија, односно на политичките елити таму. Но, во светло на идните односи и новите политички номенклатури во Бугарија, како и на стратешките интереси на САД и ЕУ на Балканот, можам да заклучам дека сепак работите ќе одат во многу попозитивен правец. Нема друга алтернатива, тој е патот, вели Лазаров. Посочува дека во светот постојат политички недоразбирања меѓу некои земји-членки на ЕУ, но оти економијата функционира. Коментирајќи ја најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков закажана за 18 овој месец и дали се можни олеснувања во меѓусебните односи, Лазаров со став дека не гледа друга алтернатива. - Не дали треба или сакаме, туку новиот свет наметнува дека мораме. Ќе си дозволам да коментирам малку геополитика - официјална Софија често милува да каже дека клучот односно патот на Македонија е преку Софија, во ред, но и одговорноста за можна нестабилност или мешање на други регионални и геополитички сили кои не делат исти вредности со ЕУ ќе биде тие што го имаат клучот. Газда без одговорност не постои, клучот е во Софија и за можноста овие народи место да соработуваат да се замразат и за последиците ќе одговара кај оној кај што е „клучот“. Јас мислам дека клучот е кај Брисел и Вашингтон, но до кога со странски помагачи? Доволно сме зрели и рационални за сами да се договориме ако имаме европски дух, подвлекува Лазаров. Важно е, вели Лазаров, политичарите да решат да одиме напред. Им порачува да ја гледаат иднината, наместо минатото и пријателството наместо омразата. - Односи низ призма на економија, наместо историја, европски дух наместо балкански. Сите ќе имаме бенефит, Бугарија е многу напред во користење на фондови за туризам, земјоделие, енергетика и можеме многу да научиме од нив, истото важи и за нив, нивните пари, капитал, интереси нека ги оплодат тука, наместо кај некој друг. Стратешко партнерство се заслужува, не се наметнува. На крај од поголемиот брат се очекува да пружи рака наместо блокада, наведува Лазаров. За Коридорот 8, вели, дека е од огромно стратешко значење, а смета дека постои огромен потенцијал за соработка во многу области кои имаат стратешка компонента како туризмот, зелените енергетски проекти и земјоделитето. Со отворено писмо до премиерите на двете земји во кое повикуваат на надминување на недоразбирањата досега се огласија неколку граѓански здруженија од Бугарија и Северна Македонија, како и Македонската-бугарската стопанска комора. Тие ја поздравија желбата на Петков и Ковачевски за промени и за искористување на следните месеци за постигнување позитивни резултати. бак/ац/

Остани поврзан