• недела, 27 октомври 2024

Курти чека Бислими да го информира што разговарал во Брисел, повторно ги споменува барањата кон Србија

Курти чека Бислими да го информира што разговарал во Брисел, повторно ги споменува барањата кон Србија

Приштина, 24 октомври 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека чека да биде известен од главниот преговарач на Косово во преговорите со Србија, вицепремиерот Бесник Бислими за што се разговарало во Брисел на денешната средба на главните преговарачи со посредникот на Европската унија во дијалогот меѓу двете земји, Мирослав Лајчак, јави дописникот на МИА од Приштина.

Шефот на косовската Влада во изјава за медиумите уште еднаш ги повтори барањата кон Србија за успех во дијалогот, споменувајќи го потпишувањето на основниот договор постигнат меѓу него и српскиот претседател, Александар Вучиќ и предавањето на Милан Рајдојичиќ, кој ја презеде одговорноста за минатогодишниот терористички напад во Бањска во северно Косово.

„Треба да почекаме што ќе ни каже оттаму Бесник Бислими, мојот заменик кој е и главен преговарач. За нас најважна е правната сигурност и добрата волја во преговорите, што значи потпишување на основниот договор со анексот за спроведување, тао значи и предавање на Милан Рајдојичиќ и неговата криминална група, а тоа подразбира и повлекување на писмото на поранешната премиерка (Ана) Брнабиќ, која пред ЕУ и 27-те земји-членки во Брисел кон средината на декември минатата година изјави дека не го спроведува територијалниот интегритет на Косово, рече Курти, нагласувајќи дека „неприфатливо е да не се почитува територијалниот интегритет“ од страна на Србија.

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ денеска се во Брисел на новата рунда разговори во дијалогот што го олеснува ЕУ за нормализација на односите меѓу двете соседни држави.

Како и досега, новата рунда започна со билатерални средби. Претставникот на ЕУ за дијалог Лајчак најпрвин се сретна со главниот преговарач на Србија, Петковиќ, а потоа ја започна средбата и со главниот преговарач на Косово, Бислими.

Доколку има волја од страните, тогаш може да се одржи и заедничка трипартитна средба. иа/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан