• понеделник, 23 декември 2024

Курти: Неизрекувањето санкции ја охрабрува агресивноста на Србија, се надевам ќе започне нова етапа

Курти: Неизрекувањето санкции ја охрабрува агресивноста на Србија, се надевам ќе започне нова етапа

Приштина, 18 април 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти вели дека ескалации во односите меѓу Косово и Србија немаше да има, доколку Белград беше меѓународно санкциониран по киднапирањето на косовските полицајци минатата година, а потоа и по нападот во Бањска кај Звечан, каде што беше убиен еден припадник на полицијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на прес-конференција по денешната седница на Владата рече дека масовните апсења што Србија ги прави на границите „немаше да се случат“ сега, доколку таа беше санкционирана за претходните агресивни дејствија кон Косово.

- Ако имаше санкции против Белград кога тројца наши полицајци беа киднапирани на 14 јуни минатата година на северот на Косово, или кога наредникот Африм Буњаку беше убиен од група паравоени сили на 24 септември минатата година, не ќе бевме во оваа ситуација. Денес масовните апсења што Србија ги прави на граѓаните на нашата земја, без разлика дали се тоа обични граѓани кои ја користат Србија како транзитна земја за да се вратат на Косово од земјите на Европската унија или да одат таму, без разлика дали се државни функционери како случајот со заменик-директорот на полицијата, ова не би се случило, доколку Србија беше под санкции, рече Курти.

Тој смета дека неизрекувањето санкции за таквите случаи „ја охрабри Србија“, а изрази надеж дека ваквото однесување на Белград, запирањето на косовските граѓани на границите, ќе „претставува нова фаза“, во која „ќе се сфати дека Косово е демократска држава“ и дека „Србија е практично мафијашка држава“.

- Недостигот од санкции ја охрабри Србија и се надевам дека ова охрабрување на српската агресивност, кое доаѓа како резултат на неподнослива внатрешна нервоза, произлезена од успесите на нашата држава, ќе претставува нова етапа, во која ќе се сфати дека Косово е демократска држава, Косово е правна држава, дека Косово ги почитува слободите и правата на граѓаните, додека Србија е практично мафијашка држава, каде едно лице јавно започнува кампања на прогон против сите други, рече Курти.

Потсетувајќи се на говор на Вучиќ од пред неколку дена, косовскиот премиер ја нарече Србија „мафијашка држава“, а нејзиниот претседател „главен мафијаш“.

- Верувам дека бриселските власти ја виделе прес-конференцијата што претседателот на Србија ја одржа во касарната „Васа Чараповиќ“ во Белград минатата сабота, точно кога се навршија 10 месеци од киднапирањето на нашите тројца полицајци Беќир Сефа, Рифат Зека и Шем Мустафа и на роденденот на специјалната воена единица „Кобра“ која ги киднапира тие полицајци. Една мафијашка држава во која главен мафијаш е јавна личност, најјавната таму со оглед дека е претседател на Републиката, не изгледа поинаку, рече Крути.

Тој ги спомена прекршувањата што, како што рече, Србија ги направила на договорот за патот кон нормализација на односите.

Според косовскиот премиер, Брисел реагирал на вчерашното приведување на косовски државјани на хрватско-српската граница „затоа што веќе ќе немаше никаква смисла доколку не реагираше“.

- Но, сепак останувам со надеж дека ќе започнеме нова етапа, во која ќе се сфати дека имаме демократска држава како Косово и мафијашка држава како Србија, на чие чело е овој претседател, кој е најмалку претседател, а најчесто или главен обвинител или шеф на полицијата, рече Курти.иа/

Остани поврзан